Портрети

30.09.2020 11:36
Портрети

ПОРТРЕТ

Тоа се шуми, во бранови,
пријатно темни. Велат, кој ќе преспие во тие шуми
наутро гледа две неба
и може да разговара со водата.
Велат длабоко под шумата гулаб,
гукнува секојпат кога ќе падне стебло. А паѓаат секоја ноќ,
прецизно, прокрвено, и по нив доаѓаат
народи од далечниот всемир.
Велат има и ридови.
Тука некогаш деца копале тунели
и сега вибрираат, високо и мајчински.
Велат, затоа и доаѓаат овие народи. Ги вика. Слушаат.


ПОРТРЕТ

Тоа се куполи. Дупки. Калапија. Печки.
Тоа онаму се храмови, велат, во кои круг се
отворил во лебот и го задушил светот.
Велат настанале бои и се прелеало, родило човек
онаму, калинеело в раце и златеело во гласот.
Тоа онаму, лудонежје, ткае коски,
и вибрира ноќе како топло месо
напоено со барут. Боли велат,
исконски.

 ПОРТРЕТ

Тоа се полови. Небоделти. Гравитирање во овошка.
Тоа се утроби мир свиени во јазикот на крошната.
Велат, ноќе зреат аномалии
во магнетните полиња, се слушаат точења
и пулсот на вакуумот,
дермот губи сеќавање. Велат, десет,
од темните шуми, голи девојки доаѓаат
и една на друга солзите си ги пијат.
Тоа се, велат, ќерки на Алистер Кроули
божици на сонот
и геометријата.

 

ПОРТРЕТ

Тоа од темните шуми дивеч. Топот од крв
во цветот на алјаска.
Тоа излив на бројот пи во градите. Велат така се родила
Месечината, и вештината на виткање прачки
во кошари.
Велат, му напукнало на бога непце еднаш, од деветтата
димензија се излеало во нашата.
Затоа луѓето умеат да се љубат, велат.
Тоа течната мајка на расеаните души,
отсуство жед.


ПОРТРЕТ

Тоа е школка. Делба. Кругови во житото.
Онаму, велат, првото младенче на сонот,
проговорило во себе 13 пати
и така настанало првоовошјето. Ескалирало
во прегработ, наимало. Онебило.
Онаму, велат, помеѓу два животи, живее овчар
што секое утро од себе овците ги тера.
Па ноќе ги плаче и ги бара,
а од секоја што ја губи
има поле ориз во еден од животите.
Така се храни.


ПОРТРЕТ

Тоа е сонот на Микеланџело.
Последната ротација на ѕвездите. 12 клаустроеха
болат во фреквенциите на бог.
Велат во кого ќе влезе звукот
во прстите му диви коњи
се исправаат во големиот пракас,
до изворот, каде што истекува во себе
и ги совладува просторот и времето,
и веќе не може да се врати.
Велат, на сите јазици на светот,
тоа е прегратка.

 

ПОРТРЕТ

Тоа се соништата на Хофман, коски полни шеќер
и струја. Glitch „amigo“.
Acid mathematician is god, om.
Велат, синхро низ, и Ра. Буката на калинката во ДНК.
Кога ќе го сфати просторот дисторзијата, велат,
се гледа во аголот на усните
и тоа не треба да се заборави.

Neo: It’s like candy mind, cotton skin, cedar forest
deep under_


Ален Брлек (Загреб, 1988) е современ хрватски поет. Објавил три книги поезија: „Metakmorfoze“ (2014), „Pratišina“ (2014) и „Sang“ (2019). За првата книга ја добива наградата „Na vrh jezika“ за необјавен поетски ракопис. Член е на поетската платформа Версополис.

Препев од хрватски: Ѓоко Здравески

Илустрации: Eric Roux-Fontaine