Промоција на „Тревога“ од Иван Додовски и изложба „Куферот на Макс Фриш“

30.09.2020 13:51
Промоција на „Тревога“ од Иван Додовски и исложба „Куферот на Макс Фриш“

Во Кинотеката на Северна Македонија – изложбен салон и летно кино „Мирно лето“ на 1 октомври (четврток), со почеток од 19 часот ќе се одржи промоцијата на поетската книга „Тревога“ од Иван Додовски и ќе биде отворена изложбата „Куферот на Макс Фриш“ на Владимир Симоновски.

Реч за изложбата и за книгата: проф. д-р отец Стефан Санџакоски.

Специјални гости: Александра Јоаниду (Солун), Вил Фирт (Берлин), Драган Никчевиќ (Белград), Крсте Роџевски (Њујорк), Мати Грунберг (Тел Авив), Јулија К. Станкова (Софија), Александар Павловиќ (Белград), Никола Маџиров, Беди Ибрахим, Димитар Башевски, Вера Милошевска, Атанас Георгиев, Сенка Анастасова, Дарко Гелев-Брејк, Венко Серафимов

Настанот се организира според здравствените протоколи, на отворен простор. Ве молиме пристигнете петнаесет минути пред официјалниот почеток заради почитување на редот за безбедно посетување на внатрешниот изложбен простор.

За изложбата:

Изложбата „Куферот на Макс Фриш“ на Владимир Симоновски, која се отвора на 1 октомври 2020 година во Изложбениот салон на Кинотеката на Македонија, се состои од триесетина експонати изработени со специфична техника и материјали – дрво, фурнир, апликации и колористички детали – кои заедно прават уникатни релјефни структури. Сите дела се концептуално поврзани и откриваат избалансирана естетика во духот на метафизичкиот енформел. Философски поттик за овие експонати на Владимир Симоновски е делото на швајцарскиот писател со светско реноме Макс Фриш (1911-1991).

Владимир Симоновски е академски скулптор од Битола. Завршил Ликовна академија во Скопје, отсек вајарство, во класата на професорот Беди Ибрахим. Учествувал на повеќе групни изложби: Vernissage, Битола 1995; Transform, Истанбул 2009; Art Muse, Битола 2013, 2014; Time collectors, Битола 2013, Скопје 2014; Графичко триенале, Битола 2013; Графичко триенале, Шамолиер, Франција 2011; Годишни изложби на ДЛУБ, 2011-2019; Годишни четвртоноемвриски изложби, Битола, 2010-2014. Реализирал самостојни изложби во: Прилеп, 2014; Кавадарци, 2014; Битола, 2014, 2017; Скопје (КИЦ), Кавадарци и Струга, 2018. Соработувал како сценограф со режисерот Лука Кортина (2009) и како костимограф на ТВ серијата „Седум приказни за свршувањето“ (2001). Автор е на дизајнот (сценографија, костимографија, плакат) на претставите: „Планетата Јов“ на Драмски театар – Скопје (2016) и „Буре барут“ на Драмски театар - Скопје (2016). Претседател бил на Друштво на ликовните уметници на Битола (ДЛУБ) од 2010 до 2014 година. Ја добил наградата на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 2017 година, за најдобар визуелен материјал за претставата „Планетата Јов“ на Драмски театар – Скопје, како и наградата „4 Ноември“ на ДЛУБ во 2019 година.

За книгата:

Книгата „Тревога“ е четврта по ред поетска книга на Иван Додовски. Таа содржи педесетина песни пишувани во подолог период. Книгата е поделена во четири циклуси, со пролог и епилог, и претставува осмислена целина на лирски рефлексии за политичкото, духовноста, телесноста и за љубовта, како и за односот кон светот и кон божественото под товарот на неизвесноста што настапува во новиот милениум.

Иван Додовски е поет, раскажувач, преведувач и научен истражувач. Тој е редовен професор по критичка теорија, литература и културологија на Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Студирал општа и компаративна книжевност со американски студии, а магистрирал во областа на македонската книжевност и наратологијата. Докторирал на Универзитетот во Нотингем, Велика Британија. Остварил истражувачки престои и држел предавања на универзитетите во Нотингем, Мелбурн, Дарби, Јена и Нитра. Неговиот научен интерес се однесува на врските меѓу литературата и идентитетските политики, особено во современата драма. Објавил четири книги поезија (Седенка со ликот, 1991; Луда луна, 1995; Света лудост, 1999; Тревога, 2020) и една збирка раскази (Големиот куфер, 2005; превод на германски јазик, 2008). Негови песни се објавени на англиски, хрватски, албански, бугарски и романски јазик. Застапен е во неколку антологии на современа македонска поезија и расказ. Добитник е на „Прва награда за поезија“ на Интернационалниот фестивал на млади европски писатели „Понтес“, одржан во Крк, Хрватска, во 1999 година. За својата истражувачка работа на Универзитетот во Нотингем ги добил академските награди „Хејман“ и „Гертрут Кропер“. За театролошката книга Мало фолио за театар (2018) ја добил наградата „4 Ноември“. Член е на Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност, Македонското друштво за компаративна книжевност и на Друштвото на писателите на Македонија. Претседавач е на Македонскиот комитет на Европската мрежа за драма и превод „Еуродрам“ со седиште во Луксембург и Париз.