Англија ја забрани антикапиталистичката литература во училиштата

01.10.2020 00:12
Англија ја забрани антикапиталистичката литература во училиштата

Властите во Англија забранија во училиштата да се користат материјали од организации кои се залагаат за крај на капитализмот. Одделот за образование минатата недела издаде Водич за курикулум за односите, сексот и здравјето (РХСЕ) во кој антикапитализмот се истакнува како „екстремно политичко стојалиште“ и се изедначува со противењето на слободата на говорот, антисемитизмот и поддржувањето илегални активности.

„Училиштата во никакви околности не смеат како извори да користат организации кои заземаат екстремни политички позиции. Тоа дури се однесува и ако материјалите не се екстремни зашто нивната употреба би можела да имплицира поддршка за овие организации“, пишува во водичот каде потоа се наведуваат кои се „екстремните политички стојалишта“ како „јавно искажување желба за укинување или соборување на демократијата, капитализмот, изборите, противењето на слободата на говор и употребата на расистички антисемитски јазик и поддршка за илегални активности.“

Во Англија и пошироко многумина ги гледаат овие мерки како израз на растечкиот авторитаризам и гушење на слободата на говорот.

Лабуристот Џон Мекдонел за Гардијан рече дека овие мерки се израз на растечкиот „авторитаризам“ во рамки на владејачката партија.

„Според ова ќе биде илегално да се реферира на бројни епизоди од британската историја и политиката како што е британскиот социјализам, Лабуристичката партија или синдикалистичкото движење, кои во одреден период од своето дејствување загоравале крај на капитализмот“, рече Мекдонел додавајќи дека овој потег претставува чекор кон културна војна.

Грчкиот економист и поранешен министер за финансии Јанис Варуфакис за Гардијан рече дека овој водич покажува „колку е лесно да се изгуби државата и тајно да се лизне во тоталитаризам“.

Писателот и активист Тарик Али рече дека иако новиот водич е знак на „морален и политички банкрот“, ваквите мерки во доба на интеренет се залудни.

„Луѓето ќе читаат што сакаат“, рече Али додавајќи дека ваквите мерки се скандалозни и се запраша како воопшто е можно да се замисли дека младите луѓе во училиштата, но и возрасните во времињата што ги живееме нема да сакаат да читаат антикапиталистички анализи.

На новиот водич му се спротивстави и организацијата Амнести Интернешнел од каде изјавија дека овие насоки претставуваат поткопување на слободата на говорот.

„Забраната на материјали кои го доведуваат во прашање економскиот модел како што е капитализмот, претставува чекор премногу“, рече за Индепендент Алан Хогарт од Амнести Интернешнел.

„Единствено екстремно стојалиште во случајов е она кое сугерира дека на одреден начин е нелегитимно дури и анализирањето на вредноста на некој друг социоекономски систем освен оној што преовладува“, рече.

Ендру Скатергуд од организацијата Монументум, која е блиска со Лабуристичката партија, ја обвини владата дека на овој начин спроведува култура на откажување.

„Ториевците мислат дека можат да се извлечат со забрана на правото како што е слободата на критикување на економскиот систем кој нив и нивите пријатели милијардери ги направи уште побогати на сметка на работничката класа“, рече Скатергуд.

Но министерот за образование Ник Гиб тврди дека новиот водич впрочем дава насоки за подучување различни погледи на начин што кај учениците ја развива почитта кон другите, учи на разбирање на здравите односи и ја поттикнува способноста да внимаваат на сопствената благосостојба.

Извор: https://www.portalnovosti.com