Зошто Белорусите ги носат своите деца на протестите против Лукашенко?

01.10.2020 00:35
Зошто Белорусите ги носат своите деца на протестите против Лукашенко?

Белорускиот вицепремиер Игор Петришенко, чија работа вклучува осигурување дека се почитуваат правата на децата, неодамна објави дека може да се преземат правни мерки против луѓето кои ги носат своите деца на демонстрации против претседателот Александар Лукашенко. Тие не само што ќе се соочат со можни строги казни, туку сега ризикуваат и да го загубат старателството над своите деца.

Јавниот обвинител веќе испрати 140 вакви предупредувања. Сепак, малкумина Белоруси дозволуваат ваквите закани да ги поколобаат. ДВ разговараше со голем број родители за нивните искуства и дали ќе продолжат да ги носат децата на протестите.

Вероника, новинарка

„Постојат многу начини на притисок врз семејствата“, вели за ДВ Вероника, новинарка која има три деца. Дури и луѓето кои не сториле ништо незаконско се плашат да не им тропнат на нивните врати, вели таа.

Вероника и нејзиниот сопруг присуствувале на бројни протести против Лукашенко со своите деца. Никогаш не била загрижена за нивната, или нејзината сопствена безбедност. „Од безбедносни причини, секогаш треба да се придружувате на голема група луѓе“, вели таа. „Кога ќе сфатите дека има илјадници луѓе на улиците, знаете дека нема во близина доволно полицајци да ви наштетат.“

Алексеј, вработен во финансискиот сектор

„Доколку демонстрантите го загубат старателството над своите деца, ова само дополнително ќе го зголеми чувството на фрустрација“, вели Алексеј, кој има 4-годишна ќерка и работи во финансиски сектор. Белорусите едноставно ќе ги остават своите деца дома и ќе продолжат да протестираат, вели тој. Семејството на Алексеј се преселило од Брест во Минск, каде што тој и неговата партнерка немаат роднини кои би можеле да ја чуваат нивната ќерка додека тие се на улица. Затоа, вели „ја одведовме неколкупати“.

Но, Алексеј е загрижен дека ситуацијата може да ескалира уште повеќе. Тој вели дека демонстрантите сè повеќе се изложени на ризик, поради вообичаените масовни апсења. Затоа, тој одлучи сам да присуствува на протестите. Но, смета дека децата треба да разберат зошто протестираат нивните родители. „Затоа што ако немаме успех да ја смениме оваа земја, можеби еден ден тие ќе го сторат тоа.“

Елена, здравствена работничка

„Учествувавме на сите големи митинзи“, вели Елена, која има два сина, на возраст од 14 и 16 години и додава: „Не се плашевме пред изборите, бидејќи не знаевме ни што може да се случи. Ги носевме нашите деца со нас на демонстрациите“.

Но, ноќта на изборите на 9 август, Елена го виде ужасот на бруталната полициска акција врз демонстрантите. „Ги оставив децата дома во следните неколку дена“, се сеќава таа. Оваа здравствена работничка пред сè стравува дека нејзините млади синови можат да станат жртви на полициско насилство. „Повеќе не личат на деца“, објаснува таа. „Никогаш не знаете што да очекувате од полициските сили“.

Наталија, сметководителка

Наталија е мајка на две деца на возраст од осум и 15 години. Таа ги зела со себе на демонстрации само еднаш: „Постариот син е веќе многу висок и лесно може да биде помешан со возрасен човек. Затоа се плашам за него", вели оваа сметководителка. Таа самата учествуваше на протестите секој ден во текот на првата недела по изборите. Сега тоа го прави само во недела: „Гледам многу родители со деца, вклучително и многу мали во колички. Не би се осмелила да го сторам тоа. Побезбедно е да одам сама на демонстрациите. Што се однесува на одземањето на родителското право, сметам дека тоа е заплашување. Законски, тоа е многу тежок процес“, вели Наталија.

Олег, просветен работник

Олег (името е променето на барање на соговорникот ) е татко на осумгодишно момче. Тој и неговото семејство следеа со ужас што се случуваше во Минск по претседателските избори на 9 август: „Беше тоа апокалиптична глетка на улиците кога на 11 август вечерта се враќавме од работа: немаше автомобили, но и јавен превоз, само полиција и специјални возила. Не знаевме што треба да одговориме на прашањата на нашето момче “.

Олег вели дека неговиот син бил присутен на неколку митинзи: „На 16 август, сакав да го однесам кај бабата, но тој рече дека нема да нè остави да одиме сами. Тој наслика бело-црвено- бело знаме за следните демонстрации". Но, сега кога демонстрантите се под закана за одземање на старателството над нивните деца, тој повеќе не сака да го носи со себе синот: „Ова не значи дека нашето протестно расположение ќе потклекне. Ние ќе продолжиме да ги воспитуваме нашите деца да бидат добри граѓани кои имаат право на сопствен став и слобода на изразување на мислењата“.

 Извор: Дојче веле

ОкоБоли главаВицФото