Каде се жените во филозофскиот канон?

01.10.2020 23:23
Каде се жените во филозофскиот канон?

Постои нешто што мошне брзо го забележав на часовите по филозофија во средно училиште - во големиот учебник на Калин речиси и да нема филозофки. Слично беше со литературата и колегиумите по филозофија на факултет. Каде исчезнуваа сите филозофки? Со оглед на тоа дека не се зборува многу за нив, дали тоа значи дека придонесот на жените не бил запишан или дека не бил важен?

Феминистичките филозофки кои се занимаваа со повторно читање и критика на филозофскиот канон утврдија две значајни области кои ги загрижија. Прв е проблемот на историското исклучување - феминистичките филозофки се соочени со традицијата која верува дека не постојат жени филозофки и дека, ако воопшто постојат, тие се безначајни. Секако, жените не се сосема отсутни од историјата на филозофијата, што нѐ доведува до вториот предизвик со кој сме соочени. Канонските филозофи многу пишувале за жените и за тоа какви впрочем се тие („Жените можат да бидат образовани, но за науката, филозофијата и одредени уметнички практики кои бараат нешто општо, тие не се создадени. Жените можат да бидат досетливи, да имаат вкус и да бидат мили, но немаат идеали... Ако жените стојат на врвот на власта тогаш државата е во опасност, зашто тие не дејствуваат според барањата на општоста туку според случајни склоности и сопствено мислење“).

Генерално, често гледаме дека филозофските норми како што се разумот и објективноста се дефинирани како контраст на материјата, како ирационален или некој друг поим кој филозофите го поврзуваат со жените и женственоста. Традицијата ни зборува дека филозофијата сама по себе, нејзините закони на разумот и објективноста, исклучуваат сѐ што е женско или поврзано со жените.

Како одговор на тоа, феминистичките филозофки ги критикуваа двете - и историската исклученост на жените од филозофската традиција и негативната карактеризација на жените или женскоста. Феминистичките историчарки на филозофијата ги окарактеризираа историските записи како нецелосни бидејќи ги изоставуваат жените. Филозофската традиција има концептуални недостатоци бидејќи темелните норми како разумот и објективноста се перципирани како „машки“. Со помош на овие критики, феминистичките филозофки го проширија филозофскиот канон и ги реевалуираа неговите норми со намера да ги вклучат жените во филозофското „НИЕ“.

Феминистките критички го разгледаа филозофскиот канон кој трпеше критики и од страна на аналитичките или континенталните погледи. Најрадикалните феминистички критики повикуваат канонските централни филозофски норми и вредности да се посматраат како родови поими. Синоптичкиот пристап ја посматра западната филозофска традиција како целина и дискутира за тоа дека нејзините темелни концепти биле сметани за машки. Меѓутоа, ако е така, тогаш целата западна филозофска традиција, како и нејзините централни концепти, бара критичко феминистичко преиспитување. Понатаму, пофилозофската слика за себеси како универзална и објективна, повеќе одошто поединешна и пристрасна, е сфатена погрешно.
Феминистичките синоптички интерпретации на каконите може да бидат во неколку облици. Во првиот облик на интерпретација на Женевив Флојд, во делото Човек од разум дискутира дека разумот и објективноста во историјата биле сметани за машки род. Начинот според кој биле сметани за такви варира како што варираат и филозофската теорија и историскиот период, но фактот дека се сфаќале на тој начин е константа. Од Аристотел до Хјум, од Платон до Сартр, разумот е поврзан со машкоста/машкото. Како последица на тоа, поимот разум кој сме го наследиле, без разлика дали зборуваме за емпиристите или егзистенцијалистите, бара критичко испитување.

Вториот облик на синоптичка интерпретација, кој го посочува Сузан Бордо во Летот до објективноста, наведува дека моредниот период во филозофијата, и особено во филозофијата на Декарт, изворот на нашите идеали на разумот и објективноста исто така се поврзува со машкиот род. Со други зборови, оваа приказна ја следи промената во филозофијата истовремено со подемот на модерната наука, која ги генерира идеалите на разумот и објективноста кои се длабоко антагонистични кон жените. Картезијанскиот рационализам и нормите на модерната наука го одбележуваат прекинот со филозофската и културната традиција која ги задоволувала женските карактеристики и женската моќ. Декарт го застапува радикалниот дуализам кој ја означува опозицијата помеѓу разумот и староста, слободата и ограниченоста, умот и телото. Неговите опозиции ги заострија разликите помеѓу мажите и жените, а тој ги оживува бинарните опозиции на Аристотел: машко-женско, активно-пасивно, добро-зло, форма-материја, светло-темно, десно-лево, право-криво, непарно-парно, она што мирува - она што се движи.

Една страна на бинарните опозиции секогаш ја одразува поголемата моќ и на тој начин создава доминација во општеството, која се перпетуира преку науката, институциите и културата. Така на машката страна ѝ се припишани супериорни квалитети, а на женската инфериорни. Сето тоа создало нови опозиции: разум-чувства, факти-вредности, култура-природа, наука-верување, јавно-приватно, мажественост-женственост.

Лус Иригарај пак зазема радикален став кон историјата на филозофијата укажувајќи на она што е потиснато и скриено во традицијата, наместо да ја каталогизира евидентната „машкост“. Во своето дело, исто како и Бордо, користи психоаналитички теории во интерпретацијата на текстовите и, како Лојд, ги истражува симболичките асоцијации на филозофските слики и концепти. Меѓутоа, за разлика од Бордо и Лојд, Иригарај употребува неконвенционални методи за интерпретација на канонските филозофски текстови со намера да ги открие начините со кои женскоста е потисната во нив. На пример, Иригарај употребува хумор и пародија наместо јасно толкување и укажува на нестабилноста (контрадикцијата) во филозофските текстови како симптоми на патријархалното размислување. Според нејзиното толкување, патријархалното размислување сака да ја потисне универзалноста со потиснување на сексуалните разлики. Меѓутоа, присутноста на контрадикцијата или нестабилноста во филозофскиот текст е симптоматско промашување на патријархалното размислување кое во себе ја содржи сексуалната разлика.

И покрај нивните различни историски приказни и начините на кои ја сфаќаат „машкоста“ на разумот, секоја од овие панорамски визии од историјата на филозофијата дава ист поглед - централните норми кои ја дефинираат нашата денешна филозофска култура се поистоветуваат со машкиот род. Значи, овие синоптички наративи на филозофската традиција овозможуваат историски оправдувања за феминистичките филозофки, кои се критични спрема централните филозофски норми и објективноста. Дали феминистичкото критичко читање на историјата на филозофијата го оправдува нивниот заклучок дека традиционалните концепти на разумот треба да бидат отфрлени од феминистките или заклучокот дека традиционалните концепти на разумот треба да бидат подложни на критичка анализа? Значи, она што треба да се расчисти е дека разумот и објективноста можат да бидат поинакви и подобри ако не се поистоветуваат со машкиот род, туку со неутралниот или женскиот род.

Филозофките сметаат дека феминистичката ревизија на канонот е најкарактеристична и најрадикална во своето враќање на филозофките во историјата, како и во поставувањето на жените во канонот на големите филозофи. Тоа е радикален проект зашто со откривањето на историјата на филозофките се уништува митот дека филозофијата била или дека треба да биде сочувана како машка.

Повторното пронаоѓање на филозофките и нивното вклучување во филозофскиот канон е насочено кон оспорување на митот дека на жените местото не им е во историјата на филозофијата, како и мислењето дека ако воопшто постојат филозофки, тие се безначајни и неважни. Љубителките и љубителите на мудроста имаат корист од исправката на овие погрешни уверувања. Феминистичките филозофки се фокусирани на корегирање на ефектите од дискриминацијата на филозофките кои биле неправедно избришани од историјата, и тоа заради нивниот пол, а не заради нивните филозофски идеи (мисли).

Слики: Mashanova

Извор: https://voxfeminae.net

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија
Општество / Став / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото