Скриени желби, немирни патувања

06.10.2020 14:43
Скриени желби, немирни патувања

Кадер Ресам од Оран, Алжир; цел живот во една реченица

Има луѓе што својата приказна ја раскажуваат долго и широко, сè нешто додаваат во неа, прошируваат. Ја сакаат опширноста. Веруваат во бескрајот. Морето на приказната го полнат со многубројни притоки, реки. Тие сметаат дека животот е проширување, додавање. Мене отсекогаш ми биле попривлечни оние другите. Тие што сакаат приказната да ја намалат и стеснат. Вистинската умешност лежи во аскетското скратување, во концизноста. Јас сум за делкање, брусење, мазнење. Цел човек може да се прецеди во една реченица. Можеби во неколку зборови, па и во радикална синтагма. Би бил среќен доколку некогаш можам да кажам: „Јас сум Кадер Ресам. Оној што својот живот може да го сумира во една реченица“. А потоа да ја кажам таа реченица.


Бистра и Мартин, 8

Со карираната беретка во хартиена кеса се спушта по ескалаторот кон приземјето, кога од спротивната лента забележува еден маж.

Има околу 40 години. И поглед што постојано бега на некое друго место.

Дошол во трговскиот центар да истресе нешто од себе. Можеби некоја празнина собрана во текот на денот.
Бистра забрзано се спушта на долниот кат, а потоа преминува на ескалаторот што оди нагоре.

Чекори неколку метри зад мажот. Кога тој ќе застане пред излогот на продавницата за чевли, таа е веќе зад него.
На почетокот беше погледот, и тој беше во погледот, и погледот беше тој.

Никогаш немала проблеми со пристапувањето кон мажи.

– Дали денес некој ви подари нешто?

Мажот се насмевнува. Сигурно некаде во бескрајниов свет постои човек чие хоби е каталогизирање на различни видови насмевки. Е, тој супер тип што се занимава со оваа ептен битна активност, насмевкава би требало да ја каталогизира како насмевка-допир. Таков е типов – допира со насмевка.

– Не, колку што можам да се сетам. Ако не се смета една глетка што утрово ми ја подари денот – чекај да се сетам, малку пред девет.

– Тогаш е време за првиот материјален подарок денеска!
Му ја подава кесата со капата.

Мажот ја зема. Го прави тоа со самодоверба на човек кој отсекогаш сметал дека работите му припаѓаат. И дека е сосем нормално светот да биде љубезен кон него. Да му дава подароци. Човек со доверба во непредвидените ситуации сервирани од околината. Таквите луѓе не се плашат од ништо. Значи, под еден – има нешто неземно во нив – и, под два – ги сакаат другите луѓе.
Пред да ја извади капата, Бистра се загубила во мешаницата на трговскиот центар.

Се случи размена ослободена од потребата за конвенционален завршеток. На ваквите размени најмногу им годи тишината како крај. Тивко е во овој миг во трговскиот центар опијанет со звуците на шопингот.


Иту Саинен од Турку, Финска; опис на најубавиот момент од врската со Рату Коноинен

И тогаш, одеднаш ја вдишав целата негова драма.


Павел, 5

На улицата пред зградата погледнува кон небото. Облаците се подготвуваат да се истурат од плачење. Сега за сега само липаат.

За да се скрие од ситните капки, Павел влегува во преминот што оди кон мало детско игралиште. Понекогаш се провлекува оттука и речиси секогаш е празно – луѓето го избегнуваат поради неиздржливата смрдеа од контејнерите покрај кои мора да помине секој што сака да го искористи пасажот. И сега тесниот простор е празен и смрдлив. Барем така му се причинува во првиот момент кога се пробива покрај контејнерите без да забележи дека човек излегува од еден. Додека брзајќи поминува покрај него, Павел се сепнува, а потоа како да се присетил на нешто заборавено, застанува. Се свртува кон човекот.

Човекот стои до контејнерот и гледа кон Павел.
Со поглед во кој нема ништо.
Павел внимателно зачекорува накај него.

– Што сакаш бе? – одбрусува човекот.
Што би сакал Павел? Добро прашање. Но, одговорот нема да биде пронајден тука, во смрдеата на пасажот.

– За почеток, информацијата како се викаш?

– Зошто ти е тоа?

Павел прави пауза. Посегнува по паричникот поставен во внатрешниот дел од палтото. Вади банкнотата од 500 денари.

– 500 денари за твоето име?

– Зошто ќе ти е моето име?

– За некој што се наоѓа во твојата ситуација – кажува Павел смирено погледнувајќи го од главата до распарчените маслосани патики – мислам дека поставуваш премногу прашања. Ако бидеме реални, ќе кажеме дека јас треба да бидам тој кој тука ќе поставува прашања. И, како се викаш?

– Ќе ти го кажам само името и потоа ќе ми ги дадеш парите, така? Ништо друго?

– За почеток – со лежерност на сопственик на фирма кој си поигрува со немоќниот вработен му одговара Павел.

– Ггоран! – одеднаш извикува човекот.

– Горан, Горан – мрмори Павел, како во главата да се обидува да се сети дали името му е познато од некаде. – Доволно фер. Еве ти ги твоите со мака заработени 500 денари.

Му ја подава банкнотата. Горан ја зграпчува, веднаш туткајќи ја во испотената и поцрнета дланка.
Стојат така уште неколку секунди, Павел и Горан, гледајќи еден во друг. Горан збунет и изгубен, Павел со став на човек со подготвен план. Набрзо го образложува.

– Мислам дека почнавме добро. Првата трансакција е успешно извршена. И клиентот и извршителот се целосно задоволни, барем колку што јас можам да видам. Тоа значи дека би можеле да преминеме на втората фаза.

Се подготвува миење на денот.

– Тоа значи дека би можеле да преминеме на втората фаза – повторува Павел. Веројатно многу ја сака реченицава штом ја повторува. Ова личи на личен театар, приватна бина. Режисерот истовремено е и главниот актер. Му се допаѓа сцената, секоја реплика, сè што смислил да се одигра и каже. Со љубов на посветен аматер.

Тоа бабрење на тишината по двапати повторената реченица извршува влијание врз соговорникот. Невидливиот режисер на животот решил реченицата да го исполни просторот околу нив. Реченицата и смрдеата сега се измешани. Не може јасно да се види што е реченица, а што смрдеа.

– Втората фаза – кажува Горан, повеќе како констатација отколку како прашање.
Мелење. Тоа би бил вистинскиот збор. Тука, во овој премин, Скопје и личи и не личи на себе. Сепак, миризбата го издава.

– Да, втората фаза. Твојата шанса да заработиш уште 1000 денари!

– Како?

– За 1000 денари ќе ми дозволиш да ти удрам бокс во стомакот!

– Што?

Кажаното открива лежерност на актер што стопати ја извел оваа претстава. Ама не му е здодевна. Баш спротивно, со секоја изведба учи нешто ново за нејзината смисла. И за тоа како треба да се изведува.

– Многу едноставно. Јас имам пари, ти го имаш сопственото тело. Мене сега ме интересира искуството да го удрам твоето тело, и имам ресурси да си го купам тоа. Сакам да знам како мојата рака ќе се спои со твојот стомак. Движењето на тупаницата и твојата болка во стомакот во овие околности вредат илјадарка. За жал или за среќа, јас можам да си го дозволам тоа.

Горан го гледа вџасено. Целата одвратност на неговиот ден е собрана во тој поглед. Времето исполнето со тишина тече бавно, а истекува многу мачнина пред да успее да изговори едно „во ред“.

Павел силно замавнува.

Веднаш по ударот, ја вади банкнотата и ја фрла врз телото што се превиткува на замастениот и распукнат асфалт. Додека ги изодува последните метри од преминот, погледнува нагоре, кон небото. Намуртено е, облаците нешто се налутиле, којзнае кому. Само уште неколку чекори. А потоа се препушта на дождот што почнува да истура.

Слики: Oskar Schlemmer

Извор: „Скриени желби, немирни патувања“, издание на „Антолог“

Белешка за писателот

Владимир Јанковски (Скопје, 1977 година) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во повеќе издавачки куќи.

Ги објавил следниве книги: „Невидливи љубови“ (роман, 2015), „Вечно сегашно време“ (роман, 2010), „Лицата на невидливиот град“ (заедно со Иван Блажев, фото-есеи, 2010), „Скопје со широко отворени очи“ (заедно со Иван Блажев, фото-есеј, 2008), „Огледало за загатката“ (2003, разговори со Влада Урошевиќ).

За романот „Невидливи љубови“ ја добил наградата „Рациново признание“ и бил македонски кандидат за наградата „Балканика“.

Активно се занимава со книжевен превод. На македонски јазик превел книги од Дубравка Угрешиќ, Миљенко Јерговиќ, Јанис Јоневс, Маргарет Атвуд, Мухарем Баздуљ, Ијан Мекјуан, Џон Фанте, Ведрана Рудан, Горан Трибусон, Слободан Шнајдер, Милош Црњански, Филип К. Дик, Зоран Фериќ и други...