Ресетирање на државата на благосостојба

06.10.2020 23:45
Ресетирање на државата на благосостојба

„2,5 милијарди фунти во минатонеделните тендери на Националниот здравствен систем (НХС)“, кукурикаа од консултантската фирма за подизведување Тасел, уште еднаш потсетувајќи дека нашата држава на благосостојба стана златен рудник за приватните компании. Како што е апострофирано во неодамнешниот извештај на Институтот за владеење (Institute for Government), до 2017 година повеќе од една третина од вкупната јавна потрошувачка во Обединетото Кралство отпаѓала на набавка на добра, труд и услуги од надворешни добавувачи - а истиот тренд дополнително се забрза од пандемијата со коронавирусот.

Меѓутоа, ситуацијата не беше ваква отсекогаш. Нашата држава на благосостојба е воспоставена после Втората светска војна, за да се бори, да ја искористиме незаборавната фраза на Бевериџ, против петте „големи зла“ - запуштеноста, незнаењето, оскудицата, безработништвото и болестите. Повоената влада на Клемент Етли во нејзиното формирање се водеше според два клучни принципи: универзалноста и редистрибуцијата. Здравството, средношколското образование, детските додатоци и националниот систем за осигурување кој овозможува пензии и мрежа на социјална сигурност, се овозможени за сите на еднаков начин, а платени се на начин со чија помош е обезбедено богатите да плаќаат релативно поголем трошок за сето тоа отколку сиромашните, преку градуирано ниво на данок на приход, данок на наследство и данок на купување луксузни добра.

Иако во никаква смисла не е совршена (особено во однос на тоа како ги третира жените и имигрантите), можно е повоената држава на благосостојба да се замисли како заеднички резервоар кој црпи вишок ресурси од оние кои имале посреќни околности, за да се погрижи оние кои немале такви околности никогаш да не завршат во беда. Во седумдесетте години, колку што поминаа оттогаш, државната потрошувачка продолжи да расте, наведувајќи многумина да помислат дека државата стана сѐ повеликодушна и да храни многу незаслужени гребатори на сметка на грижливите даночни обврзници - а таквото уверување силно се поттикнува од десничарскиот печат и од креаторите на дневната телевизиска програма.

Затоа е исклучително тешко да се согледа дека - иако резервоарот сѐ уште е тука - зад кулисите дојде до подла рекалибрација на цевководната мрежа и дека текот на парите е недвосмислено променет. Денес заедничкиот резервоар диспропорционално го полнат сиромашните, додека богатите извлекуваат поголем дел од неговата содржина. Според Институтот за фискални студии, сѐ помалку приходи доаѓаат од корпорациите и богатите, а сѐ повеќе од данокот на додадена вредност и другите индиректни даноци. Покрај тоа, како што покажа Ричард Марфи, „најсиромашните 20 проценти од домаќинствата во Обединетото Кралство го сносат најголемиот вкупен даночен товар во споредба со која било друга квинтила, како и најголемото оптоварување од данокот на додадена вредност.

Од друга страна, повнимателното разгледување на она што се троши покажува дека средствата немилосрдно се канализираат кон корпорациите и богатите. Каде завршува надоместот за домување? Во рацете на приватните наемодавци. Што се случува со парите кои се вложуваат во здравството, образованието и социјалните служби? Сѐ поголем дел завршува како профит на приватните компании кои пружаат подизведувачки услуги, наплатуваат рента и трошоци за одржување во согласност со ПФИ договорите (private finance initiative) кои ги уредуваат јавно-приватните партнерства или управуваат со старечките домови и приватните академии. Кога станува збор, пак, за даночните олеснувања кои им се исплатуваат на домаќинствата со ниски приходи, кога ќе се запрашаме зошто нивните плати се толку ниски, станува јасно дека овие олеснувања ефективно претставуваат субвенција за скржавите работодавачи кои ги плаќаат своите работници и работнички далеку под цената над трошоците за живот.

Толку за редистрибуцијата. Но каква е состојбата со втората клучна карактеристика на дражавата на благосостојба: нејзината универзалност? Согледуваме дека и тоа со текот на годините е мошне намалено. Тоа никаде не е толку очигледно како на пазарот на трудот, каде стандардниот модел на вработување од средината на 20 век забрзано исчезнува - заедно со правата и заштитата кои беа дел од сето тоа. Надоместокот за невработеност веќе не постои како право. Оние што бараат работа мораат да прескокнуваат неброени бирократски пречки за да остварат некаков надоместок, кој им се укинува и со најмал повод и ги принудува да се согласуваат на секакви работни места што им се нудат, независно од тоа колку малку се платени или колку се несоодветни со нивните способности. Режимот на казнени санкции се комбинира со универзално олеснување за да се воспостави присилен систем на работа кој не се разликува премногу од сиропиталиштата од 19 век - иако викторијанските сиропиталишта барем обезбедувале една чинија каша, сув кревет и покрив над главата.

Заштитеното вработување на неопределено време и на полно работно време се заменува со прекарна работа на која постојано дежурате и со која управуваат алгоритми, и недостасуваат работнички права. Истражувањето што го спроведов со колегите на Универзитетот во Хартфордшир покажа дека бројот на возрасни луѓе кои работат на онлајн платформи двојно е зголемен од 4,7 проценти на 9,6 проценти само за три години, во периодот помеѓу 2016 и 2019 година. Од почетокот на пандемијата, тој процент се зголеми дополнително. Работничките и работниците на платформите се заробени во магичниот круг на сиромаштијата во која парите го бркаат времето.

Јасно е дека нашата држава на благосостојба веќе не ѝ служи на својата цел. Но како да се поправи? Во мојата нова книга, Реконструирање на државата на благосостојба (Reinventing the Welfare State) тврдам дека, како и Хампти Дампти, моделот од 20 век не може повторно да се состави и, згора на сѐ, дека би било погрешно дури и да се обидуваме. Делумно е така зашто глобализацијата и неолиберализмот толку суштински го трансформираа светот што условите во кои е родена државата на благосостојба веќе не се одржливи. Меѓутоа, делумно и затоа што од самиот почеток беше сосема нефункционална, особено во поглед на тоа дека не обезбеди еднаквост за жените, правда за имигрантите и грижа за планетата.

Потребно е целосно ресетирање - редизајн на државата на благосостојба за дигиталната доба, но така што наместо да размислуваме за деталите на трупот што го наследивме, да се вратиме на темелните принципи кои ги инспирираа социјалдемократите од средината на 20 век.

Во книгата не се обидувам да изнесам целокупен нацрт на овој амбициозен проект. Наместо тоа, се фокусирам на четири клучни карактеристики:

-Реформа на системот за даночни олеснувања кои нема да ги направат само вистински универзални туку и редистрибутивни.

-Зголемување на минималната плата.

-Реформа на законот за вработување и системот за негово спроведување за да може на сите работнички и работници, како и на самовработените, да им се гарантираат универзални права.

-Нови јавни сервиси (овозможени со платформски технологии) за да се обезбеди висококвалитетна грижа и домашни услуги, притоа придонесувајќи за родова еднаквост и подобрување на балансот помеѓу работата и животот и за мажите и за жените, со истовремено намалување на отпадот и одржливо развивање на локалните економии.

Извор: https://www.plutobooks.com/