Сатирата е како игла, боцка ама и шие (афоризми)

07.10.2020 10:16
Сатирата е како игла, боцка ама и шие (афоризми)

 

Афоризмот е проституирана мисла.


Сатирата е како игла, боцка ама и шие.


Пред да стане хуморист беше многу весел човек.


Сретнав расплакана муза, беше тоа музата на хуморот.


Само пред стриптизот на вистината многумина ги затвораат очите.


Умре од преголема доза оптимизам.

Критички се осврна и си го шина вратот.


За жетва на ловорики никогаш нема проблеми со механизација.


И процесот на мислење се монтира.


Тајната вечера е најпознатата вечера.


Јазикот до заби! И тоа е некој вид месо.


Сопствениот апетит го изеде.


Гладот го убива апетитот за живот.

Во некои луѓе човекот е потстанар.


Тројанските коњи се јаваат однатре.


И ние коњи за збрки имаме!


Многу е напреден, не пушта никого пред себе.


Рамнотежата е постигната, секој влече на своја страна.


Слабиот почеток е убава најава за крај.

Илустрации: Francesco Ciccolella