Американскиот амбис (3)

07.10.2020 11:50
Американскиот амбис (3)

 

Оваа земја е застрашувачка

Од годините на Големата депресија се префрлам на 1960-ите, кога со побуните на Афроамериканците и со дејствувањето на универзитетите се раширија прогресивни идеи.

Во American Pastoral Филип Рот ја претставува трагедијата на еден човек кој израснал со  месечарска доверба во Американскиот сон. Наеднаш, тој е принуден да се соочи со реалноста на менталниот распад што го зафаќа неговото семејство, неговото село, неговата земја, и целиот свет. Го викаат Швеѓанецот, но тој е млад Евреин од Њу Џерси. Висок, згоден, добар бејзбол играч. Во 1950-ите животот му изгледа среќно и возвишено. Влегува во брак со Мис Њу Џерси и имааат дете, Мередит, нагалено Мери. Мери има проблем со нагласено пелтечење. Нема начин да се излечи оваа мана, оваа мала дамка на сликата на совршената американска радост на почетокот на шеесеттите.

Тогаш го убиваат Кенеди и еден ден кога гледа телевизија Мери е шокирана од приказот на виетнамски свештеник, облечен во наметка со боја на шафран, кој се самозапалува и останува неподвижен сѐ додека не падне, човечка огнена топка. За Мери, ова е почетокот на ужасна трансформација. Се стресува од оваа слика, плаче, зборува неповрзано. Потоа уште виетнамски свештеници се самоубиваат и умот на девојчето е неповратно испомешан.  

Новата американска реалност отвора дупка во заштитената градина на американскиот сон на Швеѓанецот. Еруптираат црнечките бунтувања: Вотс гори, Нуарк гори. Швеѓанецот ја штити фабриката што татко му му ја оставил во наследство. Но, сѐ наоколу се менува. Што е најважно, Мери полудела: навечер не се враќа дома и ги минува ноќите со комунисти и анархисти.

Потоа настапува трагедијата, неповратната трагедија. Мери станува убиец, терорист: активира бомба што убива невин минувач. Мери е во бегство, Мери нема никогаш да се врати, мајка ѝ има нервен слом. Потоа Мери тајно се среќава со татко ѝ, но тенка е како гранка, валкана, уништена. Мери е силувана.

Светот на Швеѓанецот е распаднат, но мора да истрае, фабриката мора да продолжи, неговата жена е надвор од умот, се ебе со гнасниот сосед, интелектуалец. Швеѓанецот се јавува на брат му, неговиот циничен брат, велејќи му дека од овој свет не остана ништо. Брат му му одговара:

„Мислиш дека знаеш што е оваа земја? Немаш поим што е оваа земја... Оваа земја е застрашувачка. Секако дека е силувана. Што мислиш во какво друштво се движи? Секако дека таму надвор ќе биде силувана... Влегува во тој свет, тој свет полн со јамки, со сето она што таму се случува – што очекуваше?“

Погоре во истото поглавје Рот пишува:

Да, на 46-годишна возраст, во 1973, на речиси три-четвртини од векот што безобѕирно ги расфрла труповите на осакатени деца и нивните осакатени родители насекаде, Швеѓанецот откри дека сите сме под власта на некакво лудило. Само e прашање на време, глупчо. Сите сме луди!

Само е прашање на време, вели Рот. Сите сме под власта на некакво лудило.

Сега му е дојдено времето, изгледа.

Никој не можеше ни да замисли дека Америка – најдобрата земја на светот со „најдобрата економија на светот“ –  би можела да дојде до работ на уште една граѓанска војна. Сега, после 170.000 мртви во неизречивиот масакр што го изврши американскиот здравствен систем, по убиството на Џорџ Флојд и експлозијата на протести со постојани ескалации во полициско насилство, после предупредувањето на Трамп за претстојната изборна измама од страна на Демократите, после повикот за вооружување на луѓето на Вториот амандман, после редовите луѓе што купуваа оружје во раните денови од пандемијата, после вооружените банди што протестираа против пандемиското затворање, мислам дека граѓанска војна е најверојатната патека за оваа земја која на човештвото му е како терминална болест.

Сенилност

Лудилото на есенскиот студен воздушен фронт од преријата... Се чувствува: ќе се случи нешто грозно. Сонцето ниско на небото, слаба светлина, ѕвезда што се гаси. Налет по налет неред. Дрвјата немирни, температурата во пад, целата северна религија на предметите привршува.

Ова е отворањето на The Corrections (Корекции), романот на Џонатан Фрејзер од 2001 кој го одбележува преминот во новиот век – век на брза дезинтеграција, која започнува со дезинтеграцијата на човековиот ум:

На Алфред му недостасуваа невролошките предуслови. Алфредовите бесни повици по откривањето на герилските акции – Нордстромова ќеса пресретната на подрумските скалила, спремна секој миг да се сруши – беа повиците на власта што веќе не можеше да владее.

Алфред Ламберт е стар татко на три деца и сопруг на Енид. Семејството Ламберт е протагонистот во романот.

Навистина, The Corrections е приказна за распаѓањето на американскиот ум преку приказната за парот стари луѓе: Енид, жена на работ на депресија која ја открива магијата на психо-фармацевтите, и Алфред, кој се клати на работ на Алцхајмерова болест.

Светот станува сѐ помалку разбирлив, предметите се лизгаат од рацете, дејствата се мешаат, се преклопуваат, го губат значењето и нивните функционални релации.

Не само поради неврохемиска деградација, туку и поради трансформацијата на менталната околина, реалноста станува нејасна за стариот мозок:

Црн маж изведува орален секс на бел маж, камерата снима преку левиот колк шеесет степени зад профилот, висока полумесечина се извива над задникот, зглобовите на црните прсти нејасно видливи во нивното испитување на темната страна од оваа месечина. Таа ја даунлодира сликата и ја гледаше во висока резолуција. Имаше 65 години и никогаш немаше видено ваква сцена. Сиот свој живот изготвуваше слики и никогаш не ја ценеше нивната мистерија. Целата оваа размена на битови и бајти, овие единици и нули кои течат по серверите на некој универзитет на Средниот запад. Толку очигледен сообраќај во толку очигледно ништо. Население залепено за екраните и списанијата.

Насекаде се шират вчудоневидност, тага и апсурд.

А имаше едно многу важно прашање што тој сѐ уште сакаше да го одговори. Му доаѓаа децата, Гери и Дениз, можеби дури и Чип, неговиот интелектуален син. Постоеше можност дека Чип, ако дојде, ќе може да му го одговори многу важното прашање. Прашањето беше.

Го користам зборот „сенилност“ за да реферирам на состојба на екстремна дисоцијација на умствениот тек и околниот универзум; тоа се случува кога мозокот ја губи потребната интеграција на нервниот систем за да може конзистентно да ги елаборира семиотичките и природните импулси. Сенилноста, значи, е индивидуална состојба обвиена од збунетата ментална состојба на стариот ум. Но, растечкото присуство на стари луѓе ја шири оваа состојба многу над границата на маргинална патологија. Многу знаци во сегашната американска ситуација укажуваат на политичка дијагноза: американскиот ум е неповратно гнил.

Но пред политичката сенилност постои психолошката сенилност. И пред да стане психолошка тоа е невролошка дисфункционалност.

Современата раширена перцепција на апокалиптичен вртлог не е создадена само како проценување на долгата историја на расно насилство, индустриско загадување и економска хипер-експлоатација. Тоа е и резултат на раширената невролошка деградација, и на неспособноста на американскиот ум да се соочи со сенилноста и импотенцијата.

Во филмот Nebraska режиран од Александар Пејн, еден полицаец го наоѓа Вуди Грант како пешачи по автопатот. Вуди потоа е собран од неговиот син Дејвид, кој сфаќа дека Вуди сака да оди во Линколн, Небраска, за да повлече лотариска награда од милион долари која верува дека ја освоил. Кога Дејвид го гледа наградното писмо веднаш му е јасно дека се работи за мејл-измама направена да ги наведе лековерните луѓе да купуваат претплати на списанија. Дејвид го враќа татко си дома, каде мајката Кејт е сѐ поиритирана од инсистирањето на Вуди да си ја повлече наградата.

Тоа е трогателна приказна, приказна на луѓето (главно бели Американци) кои израснале со лажни митологии и биле хранети со ужасна храна (и во физичка и во духовна смисла) и кои сега месечарат кон мочуриштето, но сѐ уште веруваат во својата супериорност.

 

Неамерикански Кихот

Во надреалниот барок на романот Quichotte Салман Ружди ја раскажува приказната за писател од индиско потекло кој живее во Америка и работи за фармацевтско претпријатие кое произведува опиоиди и кој се заљубува во телевизиска ѕвезда од индиско потекло. Тој патува од Калифорнија во Њујорк со својот фикционален син Санчо Панса, и е соочен со безброј акти на расистичко одбивање и агресија од страна на вистинските бели американци кои не го сакаат обоениот пар.

„Сакам да си зборуваме меѓусебно на тој јазик, особено во јавност, за да им пркосиме на копилињата кои нѐ мразат што имаме друг јазик.“

Ова е најдобрата дефиниција на Американците: тие копилиња што нѐ мразат што имаме друг јазик (и исто така, мора да се спомене, што зборуваат англиски подобро од нив).

Незнаењето е темелот на американската надмоќност. Не знаат ништо за светот, за бројните и бескрајно различните земји во светот, не зборуваат други јазици освен една осиромашена форма на англиски, не знаат и го штитат своето незнење како изворот на својата сила. И имаат одредена причина за ова, бидејќи незнаењето отсекогаш било силата на оние кои не сакаат вниманието да им биде одвлечено од убавината, од непредвидливоста, од комплексноста, за да можат да се фокусираат единствено на тоа да победат во мизерната игра на натпревар, профит, акумулација.

Ова беше силата на американскиот народ во последните два века. А сега?

Не заборавајте дека постои уште една страна на американската сила, која е спротивна на незнаењето: знаењето. Американските универзитети и други културни организации се местата каде знаењето е складирано, процесирано, трансформирано, креирано. Од кого? Од луѓето кои доаѓаат од Индија, Јапонија, Италија, Кина и многу други земји. Силиконската долина не би била ништо без Сиријанецот Стив Џобс, без Тамилскиот Индиец Сундар Пичаи, и безброј инженери и дизајнери со потекло од целиот свет. Филмската индустрија не би била ништо без Италијанците и Евреите. И така натаму.

Амбигвитетната големина на Америка е резултат на бракот помеѓу англо-саксонската бруталност (и незнаење) и космополитската љубопитност.

Сега, за прв пат во историјата, интеграцијата на овие две културни компонентни се распаѓа. Антиглобалната реакција бара да истера, да забрани, да одбие, да гради ѕидови, да ја избрише повеќезначноста и да ја намали комплексноста.

Јадрото на процесот на распаѓање треба да се бара овде: во општественото обвинување со кое се опколени интелигенцијата, иронијата, свеста и имагинацијата.

Премногу и недоволно

Потоа ја прочитав е-книгата (не целата, боже мој) што Мери Трамп ја посветува на психоанализа на вујко си. Too Much and Never Enough: How My Family Created the World’s Most Dangerous Man е корисна книга, напишана со одредено разбирање на психоаналитичката заднина на тековната катастрофална ситуација. Авторката не е само професионален психолог туку е и внука на овој ужасен човек, кој е исто така тажен несреќник чиј живот бил мизерен, како што често се случува со луѓето кои се обврзани да бранат приказ за себе кој е длабоко лажен.

Татко му на Трамп, Фред, според Мери Трамп бил високофункционален психопат. Откако ја опишува филозофијата што таткото му ја пренел на синот, Мери коментира: „Фундаменталните верувања на Трамп за функционирањето на светот – дека во животот може да има само еден победник и сите други се губитници (идеја што во суштина ја исклучува способноста за споделување) и дека љубезноста е слабост – беа јасни.“

Потоа Мери раскажува некои семејни анегдоти. Откако чинија пире му била фрлена на глава, Доналд Трамп се чувствува понижено:

Сите се смееја и не можеа да престанат да се смеат. И му се смееја на Доналд. Тоа беше прв пат Доналд да биде понижен од некого за кого уште тогаш сметаше дека е под него. Немаше разбрано дека понижувањето е оружје што во борба може да биде користено само од една личност. Дека Фреди, од сите луѓе, можеше да го повлече во свет каде ќе биде понижен беше уште полошо. Оттогаш натаму, никогаш веќе нема да си дозволи да се чувствува така. Оттогаш натаму, тој ќе биде оној што ќе го користи оружјето, никогаш веќе нема да биде на другиот крај.

Според Мери, Доналд има двоен проблем: има премногу, и нема доволно. Премногу его, огорчено его, одгледано од татко неспособен да обезбеди блискост. И не доволно љубов, бидејќи мајка му била болна, отсутна и психолошки зависна од социопатот.

Ова делува како добар вовед во психогенезата на претседателот на САД. Но исто така, претпоставувам, ова е добар вовед во психогенезата на американските бели мажи, и на самата Америка: психогенезата на американскиот амбис.

(крај)

Фотографии: Jennifer Garza-Cuen - Imag[in]ing America

Избор и превод: Ф. Крушкаровска

Извор: e-flux


Франко Берарди, aka „Бифо“, основач на славнoто Radio Alice во Болоња и важна фигура во италијанското движење Autonomia. Писател, теоретичар на медиумите и активист. 

Слични содржини

Свет / Теорија / Историја
Свет / Книжевност / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото