Како градовите создаваат непријателски опкружувања

07.10.2020 14:44
Како градовите создаваат непријателски опкружувања

 

 

  Градовите и нивните граѓани се во постојан дијалог, но понекогаш тој разговор е едностран. Настрана главните планови и грандиозните дизајни, градовите воведуваат широк спектар помали, потаргетирани, одгоре-надолу стратегии во јавните простори, користејќи дизајнирани предмети за обликување на однесувањето на граѓаните. Ваквите стратегии некои ги прифаќаат а некои ги критикуваат. За критичарите, одредени пристапи кои имаат за цел обесхрабрување на одредено однесување (понекогаш нарекувани одбранбен дизајн или непријателска архитектура) може да бидат суптилно штетни а дури и чисто сурови.
 

Одбранбен дизајн одгоре-надолу 

Да ги земеме за пример јавните клупи, кои неретко се внимателно изработени со цел да овозможат луѓето накратко да се одморат, без да можат целосно да се релаксираат. Непријатните јавни седишта во паркови, на автобуски станици, на аеродроми, се така направени да ги спречат луѓето претерано да се опуштат. Неудобноста вообичаено ја сметаме за несакан страничен производ на лошиот дизајн, но овој случај, неудобноста е целта. Лесно би било да се размислува за непријателската архитектура како за неуспешен дизајн, но Селена Савиќ и Гордан Савичиќ, уредниците на книгата Unpleasant Design (Непријатен дизајн), предлагаат дека ако дизајнот го постигнува она што треба, тогаш е успешен. 

„Класичен пример е клупата со потпирачи за раце насреде“, вели Савиќ, која „ти дозволува да си ја потпреш раката, но истовремено спречува каква било друга употреба“. Потпирачите за раце се највообичаениот метод за спречување на луѓето да спијат на места каде е посакувано само да седат. Исто така, клупите за „потпирање“ се популарни на автобуските станици. На нив нема потпирач за грбот и често се превисоки и навалени за да не може да се седне на нив. Некои критичари сметаат дека седиштата во некои ресторани за брза храна се дизајнирани да служат како „петнаесетминутни столчиња“ кои се намерно премногу неудобни за подолго седење и така поттикнуваат поголем обрт на купувачи. 

Предметот што Савиќ го смета за особено ремек-дело на непријатниот дизајн е клупата Камден. За разлика од формите како шилци, кај кои е болно очигледна нивната непријателска цел, клупата Камден делува безопасно според изгледот, иако е неправилна и не делува особено привлечна за седење. Дизајниран од Factory Furniture за областа Камден во Лондон, оваа клупа е чудна, аглеста, крупно парче бетон што потсетува на скулптура, со заоблени рабови и навалени површини на неочекувани места. 

Клупата „Камден“, Камден, Лондон

Комплексната форма на овој предмет прави речиси невозможно да може да се спие на него. Исто така таа е и анти-дилери бидејќи нема отвори во кои би можело да се скрие дрога; анти-скејтборд е бидејќи рабовите на клупата се со различна висина поради што е тешко да се вози по неа; анти-отпад е бидејќи нема пукнатини во кои може да падне ѓубре; анти-кражба е бидејќи има простор до земјата каде луѓето можат да си ги стават торбите зад нозете, заштитени од потецијални крадци; и е анти-графити бидејќи е специјално премачкана за да одбие боја. Згора на сѐ, овој предмет е толку голем и тежок што може да функционира и како сообраќајна бариера. Еден онлајн-критичар го нарекол совршениот „анти-објект“. 

Но, можеби најчестата форма на непријателски простор за седење е уште посуптилна: неговото целосно отсуство на некои места. Кога ќе забележите дека со стотици метри нема место за седење, и тоа, исто така, е дизајнерски избор. Во многу случаи, решенијата на непријателски дизајн и таканаречените упатства седи/лежи се комбинирани со цел да креираат средина во која не е добредојден кој било што бара малку одмор.


Непријателска архитектура оддолу-нагоре 

Не секоја непријателска архитектура е наметната. Интервенциите воспоставени  оддолу-нагоре исто така може да ги преобликуваат градовите. Граѓаните знаат ги земат нештата во свои раце за да ги решат проблемите што сметаат дека надлежните одговорни лица ги запоставиле. Но овие знаат да бидат контроверзни и да имаат ненамерни странични ефекти. 

Да го земеме за пример случајот на појавата на дваесетина големи камења што се појавија на тротоар во Сан Франциско во 2019. Отпрвин, никој не знаеше што да мисли за овие огромни камења широки и високи околу еден метар и преголеми за да бидат поместени од една личност. Повеќето луѓе мислеа дека тие мора да се поставени од градот кој и во минатото користел камења за да ги одбие уличните спијачи. Но наскоро се дозна дека не се работи за наметнување одгоре-надолу туку за интервенција оддолу-нагоре – тоа било дело на група соседи кои сакале да ги попречат илегалните активности на тротоарот. Овие жители собрале 2000 долари и купиле и поставиле 24 огромни камења на јавната патека. 

Следеа брзи реакции. Некои локалци изглегоа во одбрана на камењата, повикувајќи се на честата криминална активност по тротоарот. Повеќе активисти, сепак, брзо се побунија против камењата, тврдејќи дека потрошените пари можеле да бидат употребени за похумани и посуштински напори за справување со проблемите. Дел од луѓето започнаа да потпишуваат петиција до градот за отстранување на камењата.

Клупа во Ротердам со низа карактеристики на непријателски дизајн: потпирачите за раце спречуваат спијачи; материјалот на изработка и отворите на седиштата го задржуваат студот и спречуваат подолго седење; антискејтборд каратктеристики

Кога надлежните не презедоа ништо, еден локален уметник поставил оглас на Креглист нудејќи ги дваесетината камења бесплатно на кој било што ги сака. Една критичарка на Твитер, претставувајќи се како сопственичка, напиша: „Се ослободуваме од нашата прекрасна колекција украсни камења бидејќи сфатиме дека немаме доволно простор за нив дома. Ги оставивме надвор на кривината. Камењата имаат доста стил. Сиво-модри се со свежа мов“. 

Како што се загреваше дебатата околу камењата, некои активисти започнаа да ги тркалаат камењата во соседната патека за возила. Фатен во небрано, претставникот на Одделот за јавни работи на Сан Франциско изрази загриженост за овие големи пречки што ја заглавуваа улицата. Така градските работници се вмешаа – не за да ги отстранат камењата како што многумина очекуваа, туку за да ги вратат на тротоарот. Наводно нивната позиција била во согласност со градските прописи бидејќи имало доволно простор да се чекори покрај нив. Сепак, битката околу камењата не запре таму. Во следните денови, активисти продолжиј да ги туркаат камењата назад на улиците додека работниците продолжија да ги враќаат назад на тротоарите користејќи тешка машинерија. Иако градот постави конуси и жолта лента за да ги одврати оние кои се бунтуваа, почнаа да се појавуваат натписи со креда во одбрана на бездомниците кои биле избркани со поставувањето на камењата. „Голема кражба е ако не им дадеме на оние кои имат помалку од нас“ и „Имам соседи. Повеќе се како странци. Би можеле да бидеме пријатели.“ Некои жители се побунија поради ваквите пораки трдејќи дека камењата биле поставени со цел да одвратат опасни дилери на дрога а не улични спијачи. 

Конечно, градските надлежни лица се вмешаа да ја завршат оваа сизифовска битка. „На барање на жителите ќе ги отстраниме камењата“, рече директорот на Одделот за јавни работи на Сан Франциско. На прашањето зошто, објасни дека „некои од жителите сметаат дека се таргетирани“ од страна на противниците на камењата. Накратко: жителите кои помогнале да се плати поставувањето на камењата бидејќи се чувстувале под закана од дилерите на дрога сега почнале да се плашат од урбаните активисти кои биле поттикнати од големото внимание на тркалањето на камењата напред-назад. Камењата биле отстранети и ставени во магацин на сметка на даночните обврзници. По оваа ситуација, иднината на овој спорен простор останува несигурна. Надлежните велат дека градот „ќе ги поддржи барањата на граѓаните“ што би можело да значи и уште поголеми камења што би биле уште потешки за поместување. 

Засега, фактичката ситуација е затворена – камењата ги нема, останати се само гребаници на тротоарот каде што стоеле. Сепак, овој конфликт се рашири низ градот ангажирајќи ги граѓаните заинтересирани за прашањата како криминал и бездомништво. Можеби камењата не го постигнаа ефектот за кој беа првично наменети, но поттикнаа поширок разговор околу урбани прашања и имаа импакт на неочекуван начин.

„Одморот на факирот“ - испитување на јавниот дизајн за одвраќање бездомници во Париз. Реализирано од Стефани Аргиле и Жил Пате.

Извор: Wired
Извор за видео: Unpleasant design

ОкоБоли главаВицФото