Отворање на Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“

07.10.2020 17:50
Отворање на Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“

Денеска пред просториите на КСП „Центар-Јадро“ се одржа прес-конференција по повод отворањето на новиот културно социјален простор „Центар-Јадро“, како и презентација на моделот на цивилно-јавно партнерство.

ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена, ја покрена иницијативата за формирање на мешовита установа, хибридна институција која ќе биде првиот пример за јавно-цивилно/граѓанско партнерство. „Со тоа сакавме да покажеме дека се можни и поинакви начини на дејствување, содружништво и органско поврзување. Општество кое не сака да ја види важноста на ваквите, независни, критички колективи и кое не сака да ја верификува нивната вредност не може да го има предзнакот демократско“, беше кажано на прес конференцијата. 

КСП „Центар-Јадро“ е јавна установа од областа на културата формирана по принципот на цивилно-јавно партнерство за потребите на заедницата. КСП „Центар-Јадро“ заеднички го основаа Општина Центар и „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена (платформа која обединува организации, поединци и неформални уметнички групи од целата држава). Ваквиот модел овозможува долгорочна одржливост, резултат на урамнотежениот однос помеѓу јавното финансирање и надзорот, од една, и независното програмирање и партиципативно носење на одлуките, од друга страна.

Искра Гешоска, првата претседателка на „Јадро- Асоцијација на независната културна сцена“, и членка на Програмски совет на КСП „Центар-Јадро“; во своето обраќање истакна дека овој чин за нив и нашето општество е значајна приказна, бидејќи денес после 7 години, конечно и официјално се отвори КСП Центар-Јадро.

„Со оваа иницијатива сакавме да ги редефинираме економските, политичките, културните и останатите потреби на секторот но и функциите и структурите инхерентни на промената на, очигледно застанати во некое минато време, институционални модели, кои се затворени во сопствената самодоволност и почиваат на ретрогради организациони тромави па дури и кафкијански модели, создавајќи некои други кои ќе гарантираат поголем демократски капитал. (кој претпоставува ефикасност, мобилност, автономија, транспарентност, децентрализација, демонополизација). КСП Центар Јадро е многу повеќе од простор - тоа е нов модел на институционална мемориска актуелност кој ќе создава автономни, само-организирани содржини. Тело во кое ќе се артикулира и разменува нашиот урбан, интелектуален, критички и творечки капитал. Институција која, веруваме, ќе покаже стабилна, автономна константа на развиток. Новиoт модел на институцијата кој го пределагаме е од значење за културниот развој, но и за образованието, развојот на критичката култура и новите облици на создавање општествено-културни заедници. Важно ни е оваа институција да се прочита како концепт за создавање професионална креативна заедница која е длабоко вкотвена во локалниот контекст и која се грижи за културните динамики во локалната заедница“, рече Гешоска.
Според неа овој модел обезбедува суштинска децентрализација на моќта и обезмоќување на досегашните практики на партиски влијанија.

Таа укажа на клучните мотиви за формирање на овој нов, пионерски,оддржлив, автономен и демократски модел на институција, кој конечно покажува дека соработката помеѓу граѓанскиот сектор и локалната самоуправа може да биде проникнувачка и оперативна, а не само флоскула која ќе остане мртво слово на хартија, популистички акт кој има рок на траење како на еден билборд. Таа потенцираше дека ова е точката од која треба да појдеме во менувањето на културата во нашето општество, како нешто што е столб на еманципаторските, демократските, институционалните и општествени промени, а не само општествен декор.

Теодор Целакоски, член на УО на Кооператива – Регионалната платформа за независна култура, во своето линковско вклучување од Загреб, го изрази своето задоволство за отварањето на центарот во чиј долготраен процес на формирање бил активно вклучен. Тој ја истакна вредноста на создавањето на ваквиот вид на институционални иновации и покрај макотрпните повеќегодишни процеси потребни за нивна реализација. Тој направи паралела со нивниот пример во Загреб, каде што биле потребни 7 години од првичната идеја до финалната реализација на културниот центар „Погон“.

„Нашите културни и општествени системи често се ригидни во однос на ваквиот тип на институционални иновации. Иако навидум тие се маргинални во контекст на целокупното културно уредување, тие се предвеснициза можните системски трансформации во културата. На овој начин ние се спротиставуваме на приватизацијата и девастацијата на јавните добра и јавната инфраструктура и преку новите модели на управување со јавните инфраструктури ние се застапуваме за демократско и отворено делување во корист на заедницата“, рече Целакоски.

Јасмина Билаловиќ, директорката на „Центар-Јадро“ во своето обраќање го објасни повеќегодишен процес на формирањето на центарот, притоа истакнувајќи ја несебичната подршка и заложба на културната заедница, локалните власти заедно со актуелниот и поранешниот градоначалник на Општина Центар како и бизнис секторот.

Билаловиќ истакна дека во соработка со коосновачот на институцијата „Јадро- Асоцијација на независната културна сцена“- ги дефинирале стратешките цели на установата, како што се зголемувањето на програмската разноликост и квалитет преку партнерства, копродукции, програмска соработка со различни субјекти од независната сцена и поширокиот граѓански сектор.

„Се залагаме за засилено јавно позиционирање и препознатливост на установата во однос на културната сцена и пошироката заедница, притоа овозможувајчи оваа установа да создава проекти, не само од областа на културата, туку и образованието, општествените и хуманистички науки, како и проекти во соработка со локалната заедница.“

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ го изрази своето задоволство по повод отварањето на КСП „Центар-Јадро“, првата институција по моделот на цивилно јавно партнесрство во нашата држава, и втора во регионот по „Погон“ од Загреб.

„За мене е важен фактот дека во потполност кореспондира со нашиот концепт и заложба, да бидеме отворени кон граѓаните, да создаваме инвентивни и прогресивни концепти, како и долгорочни одржливи модели, во рамките на општината со активна вклученост на заедницата. Само преку комуникација, размена на идеи и со здружени сили, можеме Центар, а со тоа и Скопје, да ги ставиме на мапата на современи урбани и прогресивни средини, ништо помалку од европските културни метрополи. Им благодарам на сите партнери и соработници кои беа вклучени во изработката и реализацијата на овој проект, со што започнува една нова и долготрајна соработка со независната културна сцена и на КСП „Центар-Јадро“ им посакувам успешна работа и голем број реализирани современи културни содржини“, истакна Богдановиќ.

Јане Чаловски, претседател на „Јадро- Асоцијација на независната културна сцена“,восвоето линковско вклучување од Берлин го изрази огромно задоволство за отварањето на центарот, кој е заеднички влог на пошироката независна културна сцена и Општина Центар. Тој истакна дека ова е исклучително важен чин за независната културна сцена, која со години се стремела да направи нешто што е за заедничкото добро. Простор каде што креативноста, критичката мисла и заедницата ќе бидат одсликани на најдобар можен начин и каде што заедничкото ќе го надмине партикуларното.

„Горди сме дека Општина Центар ја доби својата прва институција од областа на културата и за тоа што има огромна доверба во нашата соработка, како асоцијација и застапувачко тело на независната културна сцена. Особено се радувам дека овој модел е препознаен и наскоро ќе се преслика преку отварањето на новиот културен центар Подиум-Јадро, во Кавадарци.“, истакна Чалоски.

КСП „Центар-Јадро“ овозможува бесплатно користење на просторот и ресурсите, за спроведување програми од областа на современата уметност и култура од страна на организации, поединци, неформални групи, како и поширокиот граѓански сектор со цел спроведување програми од интерес за заедницата.

Во просторот на „Центар-Јадро“ се планираат различни јавни настани од сите дисциплини на современата култура и уметност: изложби, театарски и танцови претстави, концерти, предавања, јавни форуми, работилници и семинари. Покрај тоа, објектот редовно ќе се користи за производство, проби, уметнички резиденции, состаноци и слично.

Просторот е отворен за докажани имиња на локалната и меѓународната сцена, но и за млади уметници што допрва треба да се етаблираат.

Целиот процес на развој и реализација на ко-управувачкиот модел, од основањето на Јадро Асоцијација до формирањето на установата од 2012 до денес, во различни фази, беше поддржан од: Швајцарска програма за култура во Западен Балкан, Фондацијата Отворено општество Македонија, Гете Институт-Скопје, Министерството за култура на Р.С. Македонија, Кооператива - Регионална платформа за култура, Амбасадата на Швајцарија во Р.С. Македонија, Општина Центар и Град Скопје.


Фотографии: Небојша Гелевски, Александар Јосифовски

Слични содржини

Фотографија / Книжевност / Култура
Фотографија / Култура / Настан
Уживање / Култура / Настан

ОкоБоли главаВицФото