Во градот има неколку мртовци, мила

08.10.2020 12:43
Во градот има неколку мртовци, мила

Пролетни нерви

Меланхолијата ме стегна на улица.
Замајан сум сет.
Ох, пролет, пак си дошла...
Блед сум и онемен.
Илјадници жени минаа тука:
Меланхолија ме стегна среде улица.
Темјанушки треперат.
Ене ја и Неа.
Би сакал,
Но да ја поздравам нема:
А како само помина
Во трептеж од темјанушки сета.
Небиднината ме стегна среде улица.
Паднав в сон.
Ох, пролет, пак си дошла.
Блед, и в заборав...
Посмртен валцер в далечина.
Меланхолијата ме здрви среде улица.


Тажна вечер

Варварски пееше онаа жена
Во доцен час, во празно кафе,
Варварски пееше, а со тажен глас -
А околу неа таква врева...
Во чудовишен звук на цимбала
Варварски пееше онаа жена.

Варварски пееше онаа жена...
А ние бевме тажна чета -
И меѓу облачињата чад
Мислевме на светови што ги снема...
А во долги, сатански еха
Варварски пееше онаа жена.

Варварски пееше онаа жена.
А околу неа, таква мешаница.
Па не си ни отидовме веќе дома
Туку плачевме со главите на маса.
А над нас, во празната сала, -
варварски пееше онаа жена...

Фурна

Има неколку мртовци во градот, мила.
За тоа дојдов да ти јавам, сал.
На одарот, од градската жега
Полека труповите се распаѓаат в кал.

И живите чекорат и тие распаднати.
Иловицата испарува од жештина.
Мириса на лешови, љубена,
А денес и тебе дојката ти е опуштена.

Истури врз ќилимите тешки миризми.
Донеси рози да ти начинам покривка.
Во градот има неколку мртовци, мила.
А труповите им се распаѓаат тихум, полека.


Последна песна

Да пијам треба, да заборавам, што не знае никој.
Скриен долу во пивницата, без збор да речам.
Никој да не ме познае, чад да влечам...
Поинаку е тешко на оваа земја...
На улица животот урла, но и смртта.
Си ја жалат поетите песната попуста...
Знам.
Но гладта страшна не е шега, не е сон -
Олово и бура, пустина
Крај...
Современа историја...
Време е... сите нерви ме болат...
О, дојди веќе еднаш, иднино величенствена.
Да заминам треба, да заборавам што не знае никој.
Огорчен од граѓанските злостори без збор да речам.
Да исчезнам сам во светот, од никого знан
Поинаку, тешко е на ова тло...


Слики: Stephen Mackey

Препев од романски: Лидија Димковска

Ѓорѓе Баковија (со вистинското име Ѓорѓе Василиу), еден од најголемите романски поети меѓу двете светски војни, е роден на 17.09.1881 год., во Бакау.Неколку години учел во военото учлиште во Јаш, но матурирал во граѓанското училиште во Бакау.
Дебитирал во 1899 год. во списанието Literatorul (Писателот) чиј уредник бил поетот Александру Македонски. Студирал право во Јаш и Букурешт сè до 1911 год. Никогаш не се занимавал со адвокатура, туку работел на мали подредени позиции во јавната администрација; бил книжар, сметководител, професор по цртеж.

Дебитирал со збирката поезија Олово (1916), за која ја добил наградата на Министерството на уметностите, но дури во 1923 год. ги добил наградата и на Друштвото на романските писатели (1925) и Државната награда за поезија (1934). Во 1933 год. се преселил во главниот град. Комунистичкиот режим го исклучил од книжевниот живот. Повторно бил примен дури после 1956 г., кратко време пред смртта (Букурешт, 22 мај 1957). Други поетски книги: Жолти искри (1926), Со вас (1930), Песни (1934), Во суштина комедии (1936), Буржоаски строфи (1946).

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото