Половина милион ајкули би можеле да ги дадат своите животи за вакцина за Ковид-19

09.10.2020 01:38
Половина милион ајкули би можеле да ги дадат своите животи за вакцина за Ковид-19

Конзервационистите се загрижени дека масовното производство на вакцини за коронавирусот би можело да ја уништи популацијата ајкули ширум светот и тоа заради фактот дека некои фармацевтски компании користат масло од црн дроб од овие животни за развој на своите вакцини.

Скваленот, природна супстанца која примарно се создава во маслото на црниот дроб кај ајкулите, најчесто се користи од страна на фармацевтските компании во производството на козметика и заштита од сонце. Сепак, оваа супстанца игра важна улога во развојот на вакцини, зашто се однесува како „аѓувант“ - што е фармаколошки агент кој ја зголемува моќта на некои лекови така што го засилува имунитетскиот одговор кај корисниците.

Накратко, маслото од црниот дроб на ајкулите помага вакцината да биде појака. И, секако, тоа е лоша вест за ајкулите, особено во време кога сите големи држави во светот се обидуваат да направат вакцина за коронавирусот на глобално ниво.

Податоците кои ги објавија РАПС (Regulatory Affairs Professionals Society) и СЗО покажуваат дека од потенцијалните 176 кандидати за вакцина кои стигнале до клиничко или предклиничко испитување, 17 од нив користат аѓуванти. А според истражувањето на непрофитната организација од САД, Shark Allies најмалку пет од овие аѓуванти се на база на скваленот од црниот дроб на ајкулите.

Еден од нив е МФ59: аѓувант кој во просек содржи 9,75 милиграми сквален по доза, а кој моментално се користи на Универзитетот во Квинсленд, во соработка со компаниите ЦСЛ и Секирус, за да се развие вакцина за коронавирусот.

За секоја личност на планетата да добие само по една доза од оваа вакцина, се проценува дека ќе треба да се убијат 249 351 ајкула. Тоа значи дека само за две дози по личност на глобално ниво ќе треба да се убијат речиси половина милион ајкули, предупредуваат експертите.

„Ова не е шпекулација“, вели Стефани Брендл, основачка и извршна директорка на Shark Allies. „Овие половина милион ајкули нема да се ловат само во еден регион. Засега никој не ги лови ајкулите со надеж дека ќе имаме доволно вакцини. Но тоа не е поентата“.

Според нејзините зборови, поентата е дека развивањето и производството на вакцина веројатно ќе мора да продолжи во текот на следните години, за да можат луѓето да се борат со многуте корона вируси. А убивањето на ајкулите ќе продолжи да биде основен начин за добивање на состојките за вакцината, така што имунизацијата на глобално ниво би можела да остави и еколошки белег.

„Станува збор за нешто со што мораме да се позанимавме колку што е можно поскоро, зашто пред нас се години на произдодство на вакцини за популацијата на глобално ниво, за многуте коронавируси кои ќе дојдат во иднина“, рече Брендл. „Вистинската опасност е во тоа што во иднина може да се случи сѐ. Навистина е лудо што заради вакцината со која треба да се вакцинира целиот свет зависиме од маслото од црн дроб на ајкулите. Дивото животно не е сигурен ресурс и не може да се одржи под притисокот на пазарот. Исто така, убивањето ајкули на глобално ниво веќе е голем проблем за одржување на нивната популација.“

Брендл укажува дека индустријата за сквален годишно веќе убива 2,7 милиони ајкули заради производство на козметика - што е бројка за која се претпоставува дека ќе се зголеми двојно до 2024 година и тројно до 2027 - а уште милиони ајкули се убиваат ширум светот од разни други причини. Често скваленот е копродукт на други активности, но „ловот на црн дроб“ - каде ајкулите се убиваат исклучиво заради црниот дроб пред остатоците да се фрлат во вода - исто така е проблем во некои делови од светот.

Големите бели ајкули, ригестите ајкули-чекан и останатите видови загрозени ајкули исто така често се на мета на оние кои сакаат да уловат ајкули само заради црниот дроб. Конзервационистите како што е Брендл се загрижени дека зависноста од сквален за производство на вакцина за коронавирусот би можела да биде катастрофа за многу видови ајкули кои веќе се на критично ниво.

Сепак, тоа не значи дека истражувачите ќе сакаат да го одложат развојот на вакцината додека не се најде некој начин за да се заштитат ајкулите.

„Не го бараме тоа“, вели Брендл. „Бараме произведувалите да продолжат да го прават тоа што го прават. Нема потреба да застануваат или да забавуваат што било. Ние само бараме да почнат да тестираат сквален кој не е од животинско потекло... Бараме фармацевтската и козметичката индустрија да го заменат скваленот што го добиваат од ајкулите со некоја алтернатива, колку што е можно побрзо, без да го попречуваат развојот на вакцината.

Во изминатите неколку години, за да добијат сквален научниците почнаа да се насочуваат кон одржливи ресурси на база на растенија, вклучувајќи ги и растителните масла кои се добиваат од еден вид ориз, па дури и од маслинки. Во текот на 2015 година тим истражувачи од САД произведе биосинтетички сквален користејќи бактерии над кои била извршена генетска манипулација. Во 2013 година, тим истражувачи од Полска забележа дека маслото од семка од акалифа може да се користи како извор на сквален, наведувајќи дека „заради зачувување на биодиверзитетот е важно сировите материјали од животинско потекло да се заменат со алтернативни извори кои ја чуваат нашата животна средина“.

„Овие индустрии ќе профитираат од вакцината која ќе се применува на глобално ниво“, рече Брендл. „Разумно е од нив да се бара да почнат да размислуваат и за безбедно, но и одржливо производство“.

Извор: https://www.vice.com/