1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:07
Избор и препев: Магдалена Хорват
Огледалото
Додека те гледам во огледалото, се прашувам
како е да си толку убав
и зошто не се сакаш
туку се сечеш, бричејќи се како
слепец. Мислам дека ме оставаш втренчено
да те гледам за да се свртиш против себеси
уште погрубо, од некоја потреба
да ми покажеш како си ја стругаш кожата
презирно и непоколебливо
сè дури не те видам вистински,
како маж што крвави, а не
одразот којшто го посакувам.
Снег
При крај на декември: со татко ми
одиме во Њујорк, во циркус.
Ме ставил
на раменици пред ветрот што штипе:
парченца бела хартија
се разлетале над шините.
Татко ми си знаеше
да стои така, со мене ставена
така за да не ме гледа.
Се сеќавам
како бев загледана право пред себе
во светот што татко ми го гледаше;
учев
да ја впивам таа празнотија,
додека густиот снег
не паѓаше по нас, се виореше.
Прв спомен
Многу одамна, бев повредена. Живеев
за да му се одмаздам
на татко ми, не
оти беше таков –
туку оти бев таква: откога знаев за себе,
како дете, мислев
дека болката значи
дека не ме сака.
Значела дека сакам.
Утринска
Да ти кажам што правам во последно време?
Чекорам низ тревникот пред куќата, навидум
плевејќи. Би требало да ти е јасно
дека никогаш не плевам, на колена, корнејќи
ракатки детелина од цветните леи: всушност
барам храброст, барам некаков доказ
дека животот ќе ми се смени, иако ми треба
цела вечност дури ја проверам секоја ракатка
за да видам дали го крие тоа симболично
ливче, а наскоро летото ќе заврши, лисјата
веќе пожолтуваат, болните дрвја секогаш се
први, тие што умираат јасно пожолтуваат,
додека неколку темни птици си ја изведуваат
музиката за прибирање дома. Да ти ги покажам рацеве?
Празни, како и при првиот звук.
Поентата да не беше, сепак,
да продолжам без знак?
Рамнодушноста на Телемах
Кога бев дете и гледав
како живеат моите родители, знаеш
какви ги мислев? Ги мислев
трагични. Сега ги мислам
трагични, ама и нездрави. А и
мошне смешни.
Менлива земја
Оздравена ли си или само мислиш дека оздраве?
Си кажував себеси
од ништо
ништо не може да се одземе.
Но дали сега веќе можеш некого да сакаш?
Кога ќе имам чувство дека сум безбедна, да.
Но дали ќе допреш некого?
Си кажував
ако немам ништо
светот не ќе може да ме допре мене.
Во кадата, си го прегледувам телото.
Така требало да правиме.
А лицето?
Лицето во огледалото?
Бев претпазлива: кога ќе се допрев,
не чувствував ништо.
Тогаш, беше ли безбедна?
Никогаш не бев безбедна, дури и кога бев најскриена.
Дури и тогаш исчекував.
И не можеше да се заштитиш себеси?
Апсолутот
се сронува; границата, ѕидот
околу себството се сронува.
Ако исчекував, веќе бев
нападната од времето.
Но мислиш ли дека си слободна?
Мислам ги препознавам постапките на мојата природа.
Но мислиш ли дека си слободна?
Немав ништо
а сепак бев сменета.
Како костим, ми ја одзедоа
умртвеноста. Потоа
гладот го додадоа.
Басна
Тогаш погледнав надолу и го видов
светот во кој влегував, што ќе ми беше дом.
Па се свртив кон мојот сопатник и реков Каде сме?
А тој одговори Нирвана.
А јас пак реков Но од светлината ќе немаме мир.
Телескоп
Има еден миг откако ќе го оттргнеш погледот
кога забораваш каде си
оти, ти се чини, си живеела
некаде далеку, во тишината на ноќното небо.
Си престанала да си тука на светов.
На некое друго место си,
место кај што човечкиот живот е бесмислен.
Не си телесно суштество.
Постоиш како што постојат ѕвездите,
дел си од нивната смиреност, бесконечност.
Потоа се враќаш на светот.
Ноќе, на студениот рид,
го расклопуваш телескопот.
Па тогаш сфаќаш
не дека сликата е неточна
туку дека односот е неточен.
Пак гледаш колку се оддалечени
сите нешта од сите други.
Лилјаци
Има два вида вид:
гледањето нешта, кое ѝ припаѓа
на оптиката како наука, наспроти
гледањето отаде нештата, кое произлегува од
лишување. Човеку што ја исмеваш темнината, отфрлајќи
светови што не ги знаеш: иако во темнината
има многу пречки, возможно е да се има
силна свесност кога полето е тесно
а сигналите малку. Ноќта во нас одгледала
мисла попродорна од твојата, иако неразвиена:
човеку-его, човеку заробен во окото,
постои пат којшто ти не го гледаш, отаде погледите,
филозофите што го нарекле
via negativa: за да ѝ направи место на светлината
мистикот замижува – илуминацијата
по којашто тој е во потрага ги уништува
суштествата што зависат од нештата.
Слики: Lola Gil
(Забелешка: „Огледалото“ е препев на песната “The Mirror” од стихозбирката Descending Figure, 1980. „Снег“ (“Snow”) и „Прв спомен“ (“First Memory”) се од Ararat, 1990. „Утринска“ (“Matins”) е од The Wild Iris, 1992. „Рамнодушноста на Телемах“ (“Telemachus’ Detachment”) е од Meadowlands, 1996. „Менлива земја“ (“Mutable Earth”) е од Vita Nova, 1999. „Басна“ (“Fable”) е од The Seven Ages, 2001. „Телескоп“ (“Telescope”) е од Averno, 2006. „Лилјаци“ (“Bats”) е од A Village Life, 2009. – МХ)
Луиз Глик (1943, Њујорк) има објавено 12 стихозбирки. Добитничка е на Нобеловата награда за литература во 2020 година „за нејзиниот препознатлив поетски глас којшто со строга убавина го претвора индивидуалното во универзално.“