Тато е носач на тешки нешта (не само на ормари, карпи и камења)

12.10.2020 01:57
Тато е носител на тешки нешта (не само на ормари, карпи и камења)

Пред извесно време некои пријатели на социјалните мрежи ставаа фотографии со хаштагот Father's Day каде главен лик е некој татко, а сето тоа по повод празникот Денот на татковците и во чест на татковците за да се нагласи важноста на татковската фигура. Иако станува збор за американски празник, многумина го „преземаа“ и сега прашањето е што ни зборуваат сите оние постови упатени до татковците и какви подлабоки пораки кријат - дали е променета перцепцијата за значењето на татковската фигура или тоа е крик заради недостаток и потреба за татко зашто некои растат без татковци (па дури и кога тој е формално присутен).

Иако има и помодарство како што е славењето на Mother's day и Helloween под влијание на глобализацијата, примариус д-р специјалист по медицина Воислав Ќурчиќ, психијатар и психоаналитичар, вели дека независно од тоа, улогата на татковците во семејниот живот е променета во последните децении, а особено во овој век.

Традиционалниот образец каде таткото е тој кој обезбедува егзистенција за семејството, донесува сигурност и поставува правила, а мајката се грижи за домот и ги воспитува децата, остана во сенка.

Современите жени се многу поактивни на професионален, социјален и на други планови, имаат потреба да се реализираат, па нормално е да се промени рамнотежата на силите, улогата и динамиката на односите во семејството и меѓу партнерите. Паралелно со тоа, и татковците сакаат да учествуваат во одгледувањето на децата, од самиот почеток, од тоа дека многумина од нив присуствуваат на породувањата. Нивното поимање на родителството и татковството очигледно е променето. Можеби делумно и затоа што им недостасувале нивните татковци“, објаснува Ќурчиќ.

Таткото на две ќерки Роберт Чобан мисли дека особено во урбаните средини, генерации татковци многу се променети во однос на оние родени во триесеттите, четириесеттите и педесеттите кои нѐ одгледуваа нас и каде од лично искуство, а и делумно од искуствата на пријателите, „отсутниот татко“ беше појава во повеќето случаи:

„Татковците се погрижливи и повеќе водат сметка за односите со своите деца. Од друга страна, пак, има многу повеќе разводи: во мојот клас немаше ниедно дете на разведени родители, во класовите на моите ќерки - секое второ дете е од таков брак. Тоа секако им отежнува на татковците да бидат функционални родители во вистинска смисла на зборот зашто децата ги гледаат за викенди или на летувања.“

Се чини дека нештата се менуваат и дека младите генерации татковци сакаат активно да ја преземат улогата на татко. Во домашната студија на Институтот за социолошки истражувања „Станување родител во Србија. Социолошко истражување на транзицијата во родителството“, еден од заклучоците е и дека значењето на сферата на приватноста полека се менува така што родителството на нов начин станува извор на сатисфакција за мажите. Промените во животните околности донесуваат и промени во современите семејства. Во нив родителите се навистина многу или сосема рамноправни, во речиси сите животни аспекти, објаснува Воислав Ќурчиќ.

„Промената на обврските, улогите и силите не е единственото нешто што е предизвикано од поголемото учество на мажите. Мажите сакаат поактивна улога и рамноправно вклучување во одгледувањето на своите деца. Современите татковци ги капат децата, ги пресоблекуваат, ги носат на разни активности. Имам впечаток дека тоа не го доживуваат како оврска, туку како вистинска потреба да бидат присутни во растењето и воспитувањето на своите деца, да ја почувствуваат и да ја споделат радоста која ја пружаат децата. Нема родител кој нема да се разнежни на познатата детска реченица ’мајка ми е најдобра и најубава на светот’, а ’татко ми е најголемиот и најпаметниот’. Родителството е одговорна, комплицирана и тешка задача, но и улога која донесува ненасетена радост“, вечи Ќурчиќ.

Во Србија постои традиција на славење на „Детенца, Материци и Оци“, пред Божиќ, со која се искажуваат приврзаноста и љубовта помеѓу децата и родителите, додава Ќурчиќ. Денот на татковците (секогаш се паѓа во третата недела од јуни) повеќе е американски фазон, но има своја цел. Денот на татковците го покренала една ќерка, Сонора Самер Дод која покрај петте деца ја одгледал самохран татко, воен ветеран.

Од лично искуство Чобан објаснува колку е важна улогата на таткото во развојот, одгледувањето, воспитувањето: „Важна е и кога станува збор за синовите и ќерките. Улогата на таткото не можат лесно да ја заменат ни останатите членови на семејството (иако познавам многу добро воспитани деца кои растеле само со мајка или баба и дедо); ниту друштвото, ниту медиумите, пријателите... Најважно е времето поминато со децата. И тоа да не биде само прашањето: ’Како беше на училиште?’, туку заедничко гледање и коментирање филмови и серии, играње друштвени игри, заеднички прошетки, возење велосипед. Сето тоа го правевме за време на вонредната состојба заради пандемијата со коронавирусот многу почесто од вообичаено и заради тоа бев многу среќен.“

Британскиот институт за татковство детално се занимаваше со влијанието на двајцата родители на развојот на детето, со посебен осврт на татковците. Се покажа дека поддршката на таткото е од исклучителна важност за когнитивниот развој на детето. Оние деца кои имале ангажиран татко покажувале подобро познавање на јазиците, а татковското присуство и топлината, како што е нагласено, е поврзано со повисокиот коефициент на интелигенција кај дечињата од една до три години. Ефектот на коефициентот на интелигенција се зголемува и кај постарите деца чиј татко е позитивен и ангажиран, како и кај школскиот успех кај седумгодишниците, но и децата кои влегуваат во пубертет. Неверојатно е што влијанието на таткото оди и до математиката и до тоа дали децата подцна ќе ги потценуваат сопствените способности или не. Се покажа дека авторитетот на таткото треба да биде силен, но не прегруб - дисциплината е важна, но важно е и тој да влее чувство на самопочитување, самоконтрола и ефикасност (study Pleck & Masciadrellu, 2004).

Сепак, 83 проценти од луѓето во Србија мајката ја сметаат за примарен родител, според истражувањето на УНИЦЕФ „Среќата и семејствата со деца во Србија“. Само кај 8 проценти од случаите татковците во Србија на суд добиле „право на самостојно вршење на родителското право над децата после развод“.

Ќурчиќ објаснува дека улогата на таткото е важна, од зачнувањето, па и самата идеја за дете, не само технички туку пред сѐ психолошки.

„Односот на идниот татко кон трудната мајка и тоа како е важен за нејзината психичка состојба, а посредно и на детето што го носи. Кога ќе се роди бебето, односот на родителите влијае на растењето и формирањето на детето. Мајката и нејзиниот однос со бебето е најважен првите година-две, што не ја исклучува важноста на улогата на таткото. Таткото стапува на сцена во полн сјај малку подоцна. Тој се вметнува во симбиозата на мајката и бебето, што е важен чекор во здравото психолошко одвојување на бебето од мајката и откривањето на таткото и светот“, вели Ќурчиќ и додава:

„И подоцна, во текот на детството, улогата на таткото е важна, не само заради ангажирањето на таткото околу детето. Без оглед на родителската рамноправност, психолошки, таткото е фигура која штити, дава сигурност, но и казнува, како што мајката е личност која пружа нежност и топлина. За девојчињата таткото е принц од бајка, а за момчињата моќна фигура на која ѝ се воодушевуваат. Но, без оглед на различните психолошки улоги, од пресудно значење е родителите кон децата да се однесуваат и да одлучуваат усогласено“, вели Ќуркиќ.

Таткото исто така е важен во адолесценцијата, како фигура која разбира, штити, но и поставува граници. „Тогаш ќерките најчесто повторно се многу нежни кон татковците, а синовите почнуваат да им се спротивставуваат и да ривализираат. Тоа се развојно нормални феномени кои помагаат во формирањето здрави и функционални возрасни личности. Таткото повеќе не е неприкосновен авторитет кој се слуша без приговор, но и натаму е психолошки значајна поткрепа и заштитник на семејството“, вели Ќурчиќ.

Доколку таткото е посветен, тогаш сите истражувања во последните три децении покажуваат едно исто нешто, се шири само дијапазонот на позитивните ефекти. На пример, предшколските деца чиј татко разговара со нив и им чита, имаат подобра концентрација и многу се подобри во математиката (Бејкер, 2013). Тие деца во петтата година знаат многу повеќе зборови, подобри се во решавањето проблеми; до десеттата година, нивниот вокабулар е поширок а логичките способности им се подобри (McKelvey et al. 2010).

Роберт Чобан вели дека, како и сите родители, најмногу стравови има околу здравјето и безбедноста на децата но се труди тие стравови да не ја нарушуваат дневната рутина.

„Во тој поглед животот во Нови Сад е многу полесен и поедноставен отколку во Белград и тоа е една од причините зошто и покрај фактот дека заради работата секојдневно сум во Белград - не се одлучив за преселба од Нови Сад.“ Додава дека татковците денес се соочуваат со многу „предизвици“, од недостаток на време до недостаток на пари, но и дека „ситуацијата со коронавирусот на сите им објасни дека парите не се главно мерило за среќа и дека тоа почнаа да го сфаќаат и помладите генерации“.

Слики: Bianca Berends

Извор: Nedeljnik

ОкоБоли главаВицФото