Европската комисија со најмногу критики за железницата

12.10.2020 12:09
Европската комисија: Нема напредок во реформите на транспортот, најмногу критики за железницата

Извештајот за напредокот на нашата земја за 2020 година на Европската комисија (ЕК) е преполн со критики во областа на транспортот. И покрај тоа што е наведено дека Северна Македонија е „умерено подготвена во оваа област“, веднаш потоа во Извештајот се наведува дека потребна е зголемена политичка посветеност за да се испорачаат неопходните секторски реформи во транспортот и да се зајакне административниот и оперативен капацитет за сите видови транспорт.

„Нема напредок во исполнувањето на клучните реформи во секторот и препораките за 2019 година остануваат валидни“, јасно се наведува во Извештајот на ЕК за нашата земја.

ЕК бара од Северна Македонија нареднава година да се зајакнат инспекциските тела од областа на транспортот во насока на создавање на капацитет со кој ќе се намалат жртвите во патната и железничката инфраструктура, да ги имплементира реформите во железничкиот сектор и да го отвори железничкиот транспортен пазар за влез на нови компании, како и да ја усвои законската регулатива за Интелигентниот транспортен систем (ИТС) и за комбинираниот (мултимодален) транспорт.

Железничкиот сектор во земјава треба да биде трансформиран, а Европската комисија забележува на отсуството на одвојувањето на патничкиот од товарниот железнички сообраќај кај единствената компанија за железнички превоз во земјава – Железници на РСМ-Транспорт.

„Не беше постигнат напредок во отворањето на железничкиот пазар на Коридорот Ориент-Источен Медитеран“, се наведува во Извештајот на ЕК.

Професорот Зоран Кракутовски од Градежниот факултет при УКИМ за „Мета.мк“ посочува дека од нашите влади уште одамна се бара да спроведат либерализација во железничкиот транспорт. Либерализацијата на транспортниот сегмент во железницата е неминовност и треба сериозно и час поскоро да се реализира, вели тој.

„Пред десетина години тогашните транспортни политики даваа објаснување дека железничкиот транспорт, односно АД Македонски железници – Транспорт, е со слаба материјална опременост и дека на пазарот на транспортни услуги ќе биде тешко истата да се прилагоди. Но, од тогаш до денес во период од 10 години малку се направи да ова акционерско друштво (АД) со доминантна државна сопственост ги преброди наследените проблеми од претходната организираност на железничката компанија и да тргне во конкурентски натпревар на пазарот на транспортни услуги“, наведува професорот Кракутовски.

Тој додава дека состојбата со државниот железнички оператор во земјава уште повеќе ќе се влошува доколку не се превземе либерализација на овој сектор со користење на најдобрите искуства од странство.

„Мета.мк“ веќе во неколку наврати пишуваше поопширно за монополот што го има Железници на РСМ-Транспорт во земјава, коешто е единствено претпријатие што сообраќа по македонските пруги. Како резултат на тоа, максималниот капацитет на движење на возови на железничката инфраструктура останува неискористен, македонските компании го користат патниот превоз за транспорт на стоките, додека државата трпи финансиски загуби поради тоа што е должна да ги одржува во функција сите пруги и без движењето на максимален број на возови по нив.

Министерството за транспорт и врски на почетокот на изминатово лето во изјава за „Мета.мк“ потврдија дека е изготвена Студијата за бизнис сегментација на Железници на РСМ-Транспорт, која ги понудила моделите за идно преструктурирање на државното железничко транспортно претпријатие, а владата беше следна на потег за да пресече кој модел ќе го избере за спроведување на реформите. Сепак, кога пред две недели од „Мета.мк“ го прашавме ова министерство до каде е донесувањето на ваквата одлука, од нив не добивме одговор на ова прашање.

Инаку, Извештајот на Европската комисија потсетува и дека Договорот за прекугранична железничка соработка со Грција не е потпишан, додека оној со Косово треба во целост да се спроведе. Посебно тело за независно истражување на железничките несреќи во земјава сѐ уште не е формирано. Во делот на комбинираниот транспорт, ЕК укажува дека е потребен напредок за основање на мултимодален јазол во близина на Скопје, на локацијата на постојната товарна железничка станица во Трубарево, како и за усвојување на европското законодавство во делот на функционирањето на комбинираниот транспорт.

Во однос на патниот сообраќај, најмногу критики се упатени токму на постојните капацитети што ги има Државниот инспекторат за транспорт, за што „Мета.мк“ веќе пишуваше посебна тема минатиот месец. Во Извештајот за напредокот на нашата земја, ЕК бара да се оформи национален систем за континуирано прибирање на податоци за сообраќајните несреќи, додека државата треба да го прилагоди македонското законодавство на ЕУ Директивата за Интелигентен транспортен систем.

Извор: Мета.мк