Роман игла, роман пила

12.10.2020 12:57
Роман игла, роман пила

(Владимир Јанковски: „Скриени желби, немирни патувања“, Антолог, Скопје 2020)

Се чини дека на нашата најнова книжевност насушно ѝ е потребна критика според синтаксичкиот образец на причинските зависносложени реченици. Рецензии, прикази, претставувања,.. и секакви критичко-интерпретативни форми кои би почнувале со: „Ова е слаба, лоша, просечна, недопишана, пренапишана, преисконструирана, досадна, добра, солидна, одлична... книга“. Кратко, јасно и прецизно. Да не треба да се треби, пошти и пребарува мислењето на критичарот низ интерпретацијата и анализата, вешто скриено или маскирано во терминологија и завалено во удопството на пренагласената задлабоченост во текстот, туку да се издвои веднаш главната, носечката реченица во зависносложениот систем на искажувањето, чијашто дел-реченица (читај: остатокот од целиот понатамошен текст) би се надоврзала со: затоа што, зашто, бидејќи, поради тоа што... или со кој било друг сврзник за причинските реченици. Критичката „синтакса“ како да ни стана скудна токму за вакви „реченици“, токму за вакви „сврзници“.

1. Критиката како причинска зависносложена реченица

1.1. „Скриени желби, немирни патувања“ е одличен роман,
Најновиот роман на Владимир Јанковски е одличен роман. Со исто поетичко стебло како и неговите претходни два романа („Вечно сегашно време“, 2010 и „Невидливи љубови“, 2015), зашто Јанковски не е автор кој непрестајно работи на стеблото на текстот, туку на неговата крошна. Стеблото на текстот му е одамна позиционирано и зацврстено во домашната книжевност, така што, од книга во книга, т.е. од роман во роман (прецизно и ритмично, на растојание од 5 години), внимателно ја негува и ја шири само крошната на текстот; ја поткаструва и ја расцутува, ревносно собирајќи го пресушеното и преискористеното. Многу пати сум пишувала дека повторливоста и препознатливоста се различни нешта со недоброј заемни комбинации и пропорции. Но, факт е дека како што секоја препознатливост е неминовна за стилот, така и повторливоста до одредена мера е неминовна за препознатливост. Сите три романи на Владимир Јанковски личат еден на друг, калемени се на исто стебло, ама имаат сосем одделни и засебни крошни. Дури и плодови. Иако е мошне возбудливо да се споредуваат, сепак фокусот ќе го насочам кон најновиот, одличниот „Скриени желби, немирни патувања“ со мали навраќања на претходнитe романи – тогаш кога ми се чини дека тоа е неопходно за да се видат одличните раскажувачки постапки и структурните маневри од што поголем број агли и текстуални перспективи.

1.2. затоа што...
е ситнореден книжевен мозаик, мајсторски сплет, одлично избалансиран микс од приказни на педесетина ликови форматирани, фрагментирани и дозирани на мошне суверен начин со прецизна рецептура, знаење и дарба и тоа на многу нивоа одеднаш: карактерно, возрасно, полово, локациско-географски; наратолошки (мешање раскажувачко прво лице со сезнајно трето)... При сиот тој раскошен раскажувачки архипелаг се издвојуваат четири најкрупни ликови-приказни кои како бранови ги заплиснуваат копната на останатите приказни или обратно: како копна ги пречекуваат брановите на туѓите приказни. Бистра, Давид, Мартин и Павел немаат речиси никаква врска со останатите ликови во романот, но се во длабоки врски со нивните приказни или попрецизно, со правот или со подрумите на нивните приказни, како што вели Јанковски: „Од она што го кажуваат, вреди само правот на приказната“ (стр.110); „За мене подрумите на приказната отсекогаш биле поинтересни од нејзините дневни соби или, на пример, балкони“ (стр. 141). Јанковски работи со длабински врски, најчесно невидливи на површината од текстот; оттаму произлегува и работата со правот од приказните, а не со самите приказни; со подрумот на приказните, а не со нивните поистурени „простории“. Собраниот прав и подрумите на приказните на педесетината споредни ликови во романот се блесокот и подземната суштина на приказните на четирите главни ликови. Но, буквално сите и сечии приказни во романот се многупати раситнети, крупни и шушкави раскажувачки банкноти – многупати вкрупнети, дребни и ѕвечкави раскажувачки монети.

2. Вмрежувањето како романескна постапка

Вмрежувањето на прозните дреболии како романескна постапка е атрактивно, провокативно, изискувачко и мошне присутно и во книжевноста на нашето време. Но, тоа ниту го товари, ниту го растоварува најновиот роман на Јанковски. Комплетно подготвен за автентичност и опремен со сопствени вмрежувачки шеми, овој романескен резултат на најразлични прозни задачи функционира како точно решение.

Романот има два дела со вмрежувања на повеќе нивоа: во рамките само на првиот дел; во рамките само на вториот дел, но и во рамките на односот помеѓу првиот и вториот дел. Секако, не смее да се превиди ни самиот наслов кој е првата „мрежа“, заглавно поврзување и обединување на двата дела („Скриени желби“ и „Немирни патувања“) во едно – „Скриени желби, немирни патувања“. Иако заглавното поврзување е направено со комплетно преземање на имињата на двата дела на романот споени со една единствена типографска одредница (запирката помеѓу нив), сепак тоа е само уште една блескава „неслучајност“ на авторот.

2.1. Првиот дел
„Прв дел: Скриени желби“ е богата ревија на најразлични лични приказни, раскажани директно или индиректно (во прво или во трето лице), ономастички јасно именувани како еден вид глави – патокази низ текстот. Набрзо се сфаќа дека четири од „именувањата“ (главите), се поприсутни и повторливи, со кодирани нумерации. Наспроти Бистра и Мартин, 1, 2, 3,.. сѐ до Бистра и Мартин, 35; Павел, 1, 2, 3,.. сѐ до Павел 32 и Давид, 1, 2, 3,.. сѐ до Давид, 26; само по еднаш ги среќаваме Уршка Ловренц од Ново Место, Словенија; Лусијана Перес од Валенсија, Шпанија; Кадер Ресам од Оран, Алжир и уште педесетина други „ненашинци“. Првиот контрапункт е токму овде: домашните ликови се главни и нумерациски кодирани (Бистра, Мартин, Давид и Павел), а споредните се главно туѓинци чиишто приказни, освен ономастички, фиксирани се и географски. Поврзувањата помеѓу приказните на главните и на споредните ликови се мошне суптилни и невидливи, но секое препознавање на врската е вистинско читателско задоволство. Забележлив е уште еден аспект во првиот дел кој ќе стане значаен на самиот негов крај, а особено во вториот дел: најчесто приказните се единечни, но има и „парови“ и тоа не само во главните 4 лика (Бистра и Мартин се заедно, неразделени во 35 фрагменти), туку и во транзиторните приказни, т.е во нивниот прав, споредните ликови се најчесто сами, но тук-таму има по некој фрагментарен пар: Скарлет Вилијамс и Ноа Андерсон; Аракс Гулбенкијан и Бинг Багдасаријан,.. па сѐ до групното, ексклузивно парче од стр. 48: Марина од Скопје, Наталија од Киев, Естер од Хаифа, Габриела од Уебла, Алуна од Најроби,.. кое, освен што е отстапка од шемата, е индикативно и поетолошки. Имено, токму ова парче е некаков вид наративна шема, рефрен, графикон на поетиката на Јанковски. Објаснување на постапката скриено во самата постапка. Овие синхроницитети, всушност временски надоврзувања на истости на различни точки на Земјината топка потсетуваат на претходните романи на Јанковски, во најубава поетичка смисла. Наспроти разминувањето и непрепознавањето – овде доминантно е надоврзувањето кое беспрекорно функционира меѓу луѓето кои не се познаваат, кои сѐ уште не се запознале или кои, едноставно, никогаш нема ни да се запознаат. Ова е само една од суптилните демонстрации на универзалноста на ова впечатливо македонско прозно писмо, навидум крајно верно на Скопје.

2.2. Вториот дел
„Втор дел: Немирни патувања“ е значително покус од првиот и значително поинаков. Во него фрагментот се оптегнал, развлекол на Прокрустовата постела на жанрот и особено во првиот дел каде што Бистра (без Мартин) раскажува на цели 23 страници се добива впечаток дека фрагментарноста се заменила со типична романескна нарација. Овде веќе се прави едно поинакво вмрежување на сите главни ликови од првиот дел кои беа самостојни. Токму преку Бистра 2 во вториот дел, екстензивниот пасаж во трето лице, Бистра станува обединувачкиот лик на целиот роман: таа ги поврзува Мартин, Павел и Давид – била во врска со сите тројца. Тоа го дознаваме патем, на крајот, како не којзнае колку битно за секој лик одделно, но од суштествено значење за врежувањето на романот на уште едно ниво. Вториот дел ни ги дава завршниците само на главните ликови, во него сосем ни се разјаснува првиот дел. Дури и транзиторните приказни од првиот дел кои воопшто ги нема во вториот, токму во „отсуството“ ни стануваат наполно јасни. Вториот дел не е рамноправен со првиот, тој всушност е еден вид функционален и вешт допис на првиот. Завршниците на приказните, како, впрочем и секој детаљ во овој роман, се одлично сработени, при што признавам дека Павел е мојот омилен ликов херој, затоа што сметам дека е многу добро сработен како книжевен лик. Лично го сметам за еден од најинтересните ликови во нашата книжевност последниве години.

3. Прокрустовата постела на жанрот

Во еден кус пасус од 169. страница на романот, авторот има направено вистинска апотеоза на фрагметарноста, но и не само на неа: „Треба да се прифати хаотичноста на животот. Неговата несреденост, неговите нерамнини, нелогичности, немарности. Тоа дека сѐ што сме направиле едноставно не може да се стави во некаква целина. Зашто целината често е само Прокрустова постела од која пресекуваме голем број додатоци или издолжуваме детали за да го зголемиме нивното значење“. Оваа апотеоза е индикативна за многу животни и книжевни нешта. Целината на животот е колаж од детали; големите книжевни жанрови (романот?) се колаж од мали прозни фикции. Жанровите низ вековите имале своја Прокрустова постела за која биле или предолги или прекуси; па, морале да се сечат или да се продолжуваат. Но, жанровите од нашето време престанаа да преноќуваат на Прокрустовата постела. Апотеозата на фрагментарноста на Јанковски е апотеоза и на хибридизацијата и на жанровската слобода. Роман може да се напише и од вмрежени прозни цртички; целото е мрежа од детали. Првиот роман на Јанковски го допира токму ова; вториот се сведува на три вмрежени приказни во три дела, третиов – на педесетина приказни фантастично вмрежени до два дела. Тоа се тие крошни од почетокот на текстот на истото стебло по кое го препознаваме Владимир Јанковски како различен и посебен во нашата најнова книжевност според третманот на љубовта, сосе огнот и мразот; според внатрешните пејзажи на надворешните предели; според лагата во највистинските и вистината во најлажните приказни.

4. Враќањето на „реченицата“

Најновиот роман на Владимир Јанковски може да се чита и како враќање на „реченицата“ во најновата македонска проза. Како стил, како стрплива и макотрпна филигранска изведба, како раскажувачки медалјон. Ваквата раскошна реченица од една страна ни го претставува Јанковски како врвен мајстор; од друга – самата себеси се објаснува и се толкува не само како суштина на книжевноста, туку како суштина и на животот, воопшто. Кажано со зборовите на Јанковски, зашто тој најубаво и најпрецизно ги спровира своите поетички начела низ нарацијата: „Цел човек може да се прецеди во една реченица“ (стр. 33); „(...) портрет во една реченица“ (стр. 50); „Реченица седатив. Реченица игла. Реченица душек. Реченица вжарена пегла. Реченица ќебе. Реченица пила. Реченица облак. Реченица распарчено стакло.“ (стр. 58)...

На ова нема што да се додаде, евентуално, зборот „реченица“ да се замени со зборот „роман“ и така да се добие најпрецизната дефиниција за „Скриени желби, немирни патувања“: Роман седатив. Роман игла. Роман душек. Роман вжарена пегла. Роман ќебе. Роман пила. Роман облак. Роман распарчено стакло.

 Слики: Pino Manos