Вмровската свастика што рика среде македонската престолнина

12.10.2020 14:42
Вмровската свастика што рика среде македонската престолнина

 

Што е првото што се прави по ослободувањето на една земја од тоталитарен и криминален режим на една партија што за повеќе од деценија владеење го потчинила и злоупотребила целото општество на своите злосторнички партиски интереси? Првото што се прави е законска забрана за политичко дејствување на диктаторската партија, заедно со изведување пред органите на правдата на челните поединци што биле најодговорни за злоделата што ги извршиле институциите и органите на „заробената држава“.

Следното е воспоставување демократски институции на власта чијашто прва задача е да го „превоспитаат“ општеството во духот на слободата и владеењето на правото и, конечно, пристапување кон сенародната обнова на земјата. Но, пред сето речено – и најпрво од се – е рушењето на спомениците на злото и систематското чистење на симболите на криминалната партија што таа – поистоветувајќи се себеси со државата – ги врежала во метал, бетон и камен, и ги обележала сите јавни простори како да се нејзини.

Денацификација на општеството

По падот на Хитлеровиот режим, првото што победниците го направиле во Германија е да ги избришат, да ги урнат и да ги исчистат партиските симболи на Национал-социјалистичката нацистичка партија, што било и првиот чекор во обновувањето на германската држава, наречен „денацификација“ на општеството. Отстранувањето на озлогласената „свастика“ – нацистичкиот кукаст крст, што од партиски знак станал сеприсутна државна инсигнија, било систематски извршено уште во текот на 1945 година.

И денес, незаменлива илустрација за денацификацијата на поствоената Германија е динамитирањето на огромната свастика што била подигната над зданието на конгресниот стадион на Цепелиновото поле во Нирнберг, гигантската градба наменета за нацистичките партиски конгреси во текот на триесеттите години. Се работи за петнаесетина метри големата свастика, што била изградена од бетон и челик, и обложена со камен и бронза, која доминирала  над зданието на стадионот високо 40 метри, зрачејќи зла моќ над чудовишните паради на војници, црни и кафени кошули, и милионската маса луѓе што френетично го поздравувале својот фирер.

И денес, велам, експлозијата во која исчезнува злогласната свастика над Конгресниот стадион, предизвикува ослободувачко, катарзично чувство кај гледачите. Напишете на вашите компјутери „Demolishing Nazi Swastika at Zeppelinfeld 1945“, и уживајте неколку мигови во глетката.

Вие веќе насетувате, почитувани читатели, дека прашањето за послевоената денацификација од почетокот на овој ламент, ќе го поставам и за нашето ослободување од диктатурата на ВМРО-ДПМНЕ. Навистина, што направивме ние по падот на криминалниот режим? Доколку ги оставиме по страна епохалните напредоци на меѓународен и геополитички план, на внатрешен план – во библиската земја, освен што вемерето е сменето од челните позиции на извршната власт, а особено во поглед на девмроизацијата на општеството и чистењето на нашите јавни простори од спомениците на злото и од симболите и знаците на злосторничката партија, не направивме практично ништо.

А, вистинскиот ужас на нашата ситуација е што центарот на престолнината изгледа како ВМРО и нејзината профашистичка идеологија да се сѐ уште на власт. И тука не мислам на купиштата споменици на злото, кичерските грандомански авторитаристички згради и „барокизирани“ фасади, туку буквално на вмровската свастика, на партискиот амблем на ВМРО-ДПМНЕ – на хералдичкото лавче што се распослало по сите споменици, „скулпторални композиции“, фонтани, релјефи, мостови и плоштади на главниот град.

Да имаме и малку цивилна и демократска, слободарска култура, зарем ќе шетавме по градов како ништо ненормално во него да не штрчи, а „нашата“ свастика – вмровското партиско лавче – да ги „краси“, обележува и окупира сите централни простори како да сме сѐ уште вмровска партија-држава?! Се однесуваме како мотивот на лавот да е нешто нормално и природно на тлото на Македонија, дека е дел од нашата национална историја и традиција.

Нема ништо полажно и поглупаво од оваа состојба, зашто мотивот на лавот денес во Македонија постои само и единствено како амблем и заштитен трговски знак на партијата ВМРО-ДПМНЕ!? Лавот распослан по нашите плоштади нема никаква врска ниту со традицијата, ниту со националната историја, ниту со револуционерните движења за ослободување на Македонија и формирање на македонската држава, туку е хипертрофиран и метастазиран партиски знак, што вемерето за време на својата диктатура го накоти и накити по јавните простори на престолнината, на буквално истиот начин како што Хитлер ја претвори свастиката од партиски знак во грб и амблем на германскиот Рајх.

Украден амблем

Се разбира дека вемерето го украде својот амблем од старите хералдички словенски грбовници, каде што лавот е главниот мотив на таканаречениот земски грб на „земле мацедонске“. Вмровците – како и македонската јавност – за овој мотив разбраа од книгата „Грбовите на Македонија“ од академикот Александар Матковски, објавена во 1970 година, која го претставува првото објавено научно историско дело за македонските хералдички грбови. Манифестирајќи ја и во овој примален грев својата генетичка фашизоидна фалинка – да се поистоветува со македонската држава и нација – ВМРО го злоупотреби хералдичкиот лав, го украде и отуѓи од историјата на македонскиот народ – и го испогани и искомпромитира единствено како партиски амблем, исто како што тоа Хитлер го направи со свастиката, која била свет симбол на животот на многу стари цивилизации, од Егејот, Мала Азија, индискиот потконтинент, па сѐ до далечниот исток. По компромитацијата и инкриминацијата, свастиката е веќе симбол само на нацизмот, исто како што лавот е денес во Македонија само и единствено симбол на криминалната партија ВМРО-ДПМНЕ. Па што тогаш бара на јавните плоштади како државен мотив, изграден со украдени јавни пари, а во слава на една злосторничка партија?

И, да се разбереме: лавот не бил амблем на Гоцевата ТМОРО, ниту на некое друго ослободително македонско движење; не бил амблем ниту на пробугарската и потоа фашистичката ВМРО на Александров и Михајлов; и никако не бил симбол на комунистичката народно-ослободителна борба што ја создала денешната македонска држава. Лавот е свастиката на ВМРО-ДПМНЕ и ништо повеќе.

Па тогаш, повторувам, што бараат идиотските лавови околу мостот Гоце Делчев или полегнати по фонтаните на плоштадот Македонија? И, како е можно тивко да толерираме диво изградена фонтана со разјарен лав од партискиот амблем на злосторничката ВМРО, сред партизиран јавен плоштад што уште го носи името „Плоштад ВМРО“, и тоа торжествено еректиран пред белата куќа на фашизмот – украдената штаб-квартира на партијата што се смета дека е секогаш на власт; всушност, дека е носител на македонската националистичка религија, па затоа има и кула-камбанарија на која се вее македонското знаме?!? Алооо, патриоти?!

Слики: Свирачиња

Извор за текстот: Слободен печат 

ОкоБоли главаВицФото