Фер е вработените со деца да имаат поголеми привилегии од колегите без деца?

12.10.2020 23:26
Дали е фер вработените со деца да имаат повеќе слободни денови и поголеми привилегии од колегите без деца?

Кога коронавирусот ги затвори училиштата и градинките, претворајќи го родителството во мултитаскинг ноќен кошмар, многу компании од технолошкиот сектор се обидоа да им помогнат на своите вработени. Понудија нови бенефиции, вклучувајќи и дополнителни слободни денови за родителите.

Не помина многу време и работниците без деца почнаа да го поставуваат прашањето: А ние?

На еден неодамнешен состанок, вработените во Фејсбук се пожалија дека некои мерки се донесени во текот на пандемијата на Ковид-19, пред сè им одат во корист на родителите“.

Во „Твитер“, пак, на интерен форум избила вистинска кавга откако еден вработен, кој нема деца обвинил друг работник, кој зел слободни денови за да се грижи за детето, дека не работи доволно.

Кога компанијата „Salesforce“ соопштила дека сите што се родители ќе добијат шест недели платено отсуство, мнозинството вработени ракоплескале. Но еден менаџер во компанијата, на кој не му е дозволено да зборува за интерни прашања и заради тоа ќе остане анонимен, наведува дека двајца вработени кои немаат деца – а исто така размислуваат и во разни други компании – вложиле жалба затоа што очигледно правата на родителите се на прво место.

Компаниите се обидуваат на разни начини да им помогнат на своите вработени, но оние без деца се чувствуваат потценети. Тие велат дека тоа е како од нив да се бара да го понесат потешкиот дел од работниот товар. Во исто време, родителите се фрустрирани што нивните колеги не чувствуваат и не разбираат колку е тешко да се балансира помеѓу работата и грижата за децата, особено кога училиштата не работат па секојдневно мора да им помагаат на децата и со учењето.

Во март, компанијата „Фејсбук“ понудила десет платени недели отсуство на вработените чиишто деца останале без училиште или градинка, но и на оние кои се грижеле за некој постар во семејството, кој не е во дом за стари луѓе. „Гугл“ и „Мајкрософт“ на своите вработени им понудиле слични олеснувања, но ги вклучиле илуѓето кои се грижат за некој роднина кој се разболел.

Марк Цукерберг, извршен директор на „Фејсбук“ и татко на две деца, исто така, кажа дека компанијата нема да ги проценува работните резултати на вработените во првата половина на 2020 година, затоа што „имаше толку многу промени во нашите животи“. Сите ќе добијат бонуси кои обично се даваат само за добри резултати. А тоа ги изнервира некои од вработените што немаат деца бидејќи веруваат дека тие би требало да добијат повеќе.

Кога Шерил Сандберг, генералната директорка на „Фејсбук“, на 20 август направила видео конференција, повеќе од 2.000 вработени ја прашале што може компанијата да направи со цел да ги поддржи неродителите, бидејќи сите други одлуки се носеле во корист на родителите.

Сандберг рекла дека „не се согласува со премисата на прашањето“ и додала дека секој добил бонуси поголеми од вообичаените, но и плус по илјада долари за опрема за работење од дома.

Таа оценила дека компанијата „Фејсбук“ се обидува да направи „инклузивна“ политика за слободни денови. „Верувам дека пред родителите стојат одредени предизвици. Но пред предизвиците се исправени сите и тие предизвици се многу многу реални“.

Потоа, компанијата „Фејсбук“ соопштила дека сите вработени можат да земат по три слободни денови за да се одморат од физичките или менталните тегоби и тоа без лекарско уверение. Компанијата понуди и еден месец платено отсуство за сите кои имаат болен член на семејството. Сите вработени ќе добијат неограничен број денови за боледување и најмалку три недели платен годишен одмор.

Тензиите се можеби последица на фактот што не е добро објаснето дека она што им користи на родителите, всушност е добро и за сите останати, вели Ерин Кели, професорка на „Слоун“ школата за менаџмент при Институтот за технологија во Масечусетс.

„Прашањето што би можеле да им го поставиме на вработените кои се чувствуваат фрустрирано е ова: што мислите дека би се случило доколку ваш колега би морал да даде отказ? „Всушност, тогаш би морале да работите уште повеќе“, вели таа.

Слики: Art-Jan Venema

Извор: The New York Times