Лажливоста на надворешниот сјај

13.10.2020 17:24
Лажливоста на надворешниот сјај

Наскоро од печат излегува книгата „Трчање во место“ од Рената Салецл, филозоф, социолог, правен теоретичар, една од најзначајните словенечки интелектуалки. Книгата е издание на „Темплум“ и на „Контрапункт“ како дел од едицијата „Пунктум“ која произлезе од КРИК - фестивал за критичка култура. Овде, на Окно, ќе претставиме дел од текстовите во книгата.

Во времето на лажни вести и таканаречена поствистина сè потешко е да се размислува за тоа во која насока оди нашето општество и како се соочуваат луѓето со општествените безизлези. Идеологијата на неолиберализмот многу ја зголемува тескобата. Луѓето се чувствуваат виновни за својот неуспех и оние што сакаат да се идентификуваат со медиумските слики на среќа и успех многу лесно добиваат чувство дека не се доволно добри, убави, интересни - бидејќи животот им е далеку од претставените идеали.

Книгата „Трчање во место“ проучува што се случува со поединецот во неолибералното време, од кои нови психолошки симптоми тој страда, како го сфаќа својот живот, каков однос има кон општеството околу себе, како ги доживува работата, љубовта, родителството и како размислува за иднината. Во книгата, во преработена форма, се собрани колумните што ги објавувала авторката во последните години во саботниот прилог на весникот „Дело“.

Книгата се обидува да биде рефлексија на времето кое бара брзи одговори и кое не е наклонето на прашања. Собраните текстови посочуваат низа дилеми пред кои стоиме како поединци и како општество. Запишани се како предизвик за читателот или читателката за сличните дилеми да размислува и самиот/самата. 

Новите научни откритија на подрачјето на генетиката и невронауката даваат надеж дека во иднина ќе бидеме спасени од некои тешки болести, а истовремено отвораат нови можности на општествената контрола и новите форми на исклучување.

Рената Салецл е една од најзначајните мислителки во регионот и меѓународно. Филозоф, социолог и правен теоретичар од Словенија, таа успева да создаде провокативно проникнување помеѓу критичката теорија, политичката филозофија, постструктуралистичката психоанализа, правото, политиките на телото и на масите.

Таа е истражувач на Институтот за криминологија, на правниот факултет на Универзитетот во Љубљана и е професор на Birkbeck College, University of London. Таа исто така била визитинг професор на London School of Economics. Секоја година предава на тема психоанализата и правото, на Benjamin N. Cardozo School of Law во Њујорк, а предава и на курсеви за неврологија и право. Од 2012, таа била визитинг професор на одделот за општествени науки на „Health and Medicine at King’s College London“. Нејзините книги досега се преведени на тринаесет јазици. Книгата „Трчање во место“ е прв превод на македонски јазик.

 ****

Лажливоста на надворешниот сјај

Веста за ужасниот настан во Австрија, кога таткото дваесет и четири години во скривница ја држел затворена ќерката со која имал седум деца, ја прочитав во Велика Британија. Весниците беа полни со анализи на националниот карактер на Австријците. На прашањето како е возможно јавноста толку време да не забележала дека нешто чудно се случува во среденото гратче, дека полицијата и социјалните служби не изразиле никакво сомневање кога пред дваесет и четири години исчезнала деветнаесетгодишната Елизабет, а таткото подоцна без тешкотии добил право да ги посвои нејзините деца, англиските медиуми се обидувале да одговорат со создавање некаква ад хок анализа на Австрија и австриското население. Прашањето што се случува, всушност, во таа подалпска земја, која на прв поглед делува толку мошне чисто и организирано и е полна со интересни природни и културни убавини што туристите толку сакаат да ги посетуваат, е сосема оправдано ако погледнеме дека во Австрија во последните години просто се редат скандали поврзани со исклучително свирепи форми на насилство над децата.

Откако во август 2006 година, тогаш осумнаесетгодишната Наташа Кампуш (Nataschа Kampusch), успеала да избега од куќното заточеништво каде што била затворена од својата десетта година, во Австрија просто се ределе слични скандали. Државата што во странство е позната по преубавите скијалишта, по Моцарт, по греаното вино, исто така по исклучетилната посветеност на луѓето за среденоста на нивните населби (наводно Австријците се меѓу најпосветените во сортирање на отпадот и рециклирање во Европа), одеднаш станала држава во која, слично како во Белгија, на децата им се случуваат ужасни форми на насилство. Помалку од една година по случајот Кампуш, Австрија ја потресе веста дека образована мајка (по професија правничка!) седум години ги држела во куќен затвор трите ќерки; откако доживеала психичко растројство, ги зела девојчињата од училиштето и им го попречила контактот со надворешниот свет. Девојчињата живееле долги години во потполна темница меѓу измет од глувци и урина.

И Јозеф Фрицл (Josef Fritzl), кој ја затворил ќерката во темните подрумски простории бил познат како образован, релативно имотен и почитуван граѓанин. Одговорите на прашањето како е возможно толку години никој да не знаел што се случувало навистина во животот на Фрицл, во британските медиуми се вртеле, пред сѐ, околу тоа дека надворешната форма на угладеност и престиж во Австрија е доволна средината да не те забележува како некој што пречи. Австријците се доста нетолерантни кон странците и доселениците (посебно оние чија кожа има поинаква боја), додека кон своите луѓе што постигнале извесен степен на општествен успех (и имаат, на пример, добро образование и животен стандард на успешна средна класа) покажуваат малку повеќе од почит. Почитта кон надворешниот сјај се покажува, пред сѐ, така што луѓето еден со друг се оставаат на мира. Фактот дека Фрицл бил угледен инженер, дека убаво се грижел за куќата и дека се покажал како дедо полн со љубов кон своите „внуци“, било доволно средината да не се занимава премногу со тоа што се случува зад ѕидовите на убаво средената куќа.

Ако можеме некако и да разбереме зошто соседите на Фицл не прашале каде чудесно исчезнала Елизабет и зошто Фрицл одеднаш почнал да се грижи за нејзините деца, поголема недоумица е дека за животот на Фрицл не се интересирале полицијата и социјалните служби. Англискиот одговор на тоа е дека австриската полиција е, наводно, мошне корумпирана и неспособна, а австриската политика од една страна е полна со сопствените скриени скандали, а од друга страна опседната со тоа да ги брка новинатите што ќе се осмелат да погледнат во заднината на аферите.

Парадоксот на Австрија, значи, е тоа што во многуте области преовладува малограѓанското почитување на луѓето што постигнале нешто и во чии животи не се мешаат јавноста, полицијата и социјалните служби, а во заднината на убаво средените градови има многу прикриено насилство.

Австријците толку многу го ценат немешањето во приватниот живот што оформиле дури и мошне рестриктивно законодавство во врска со чувањето на личните податоци. Но таквото законодавство е мошне привлечно и за странците што сакаат да ја избегнат правдата во својата татковина и затоа сакаат да се засолнат во Австрија.

При анализирањето на малограѓанштината и полициската неспособност, странските коментатори за случајот на Фрицл, се разбира, со задоволство нагласувале и дека Австријците за време на Втората светска војна биле познати како најсвирепи соработници на Гестапо. Многуте Австријци во редовите на раководителите на концентрационите логори и исклучителната свирепост што ја покажале Австријците кон Евреите, наводно, биле доказ дека во таа мала држава веќе подолго време се занимаваат со посебно уживање во насилството.

Разните реални емисии од подрачјето на истражување на насилството денес ни даваат чувство дека законот секогаш може да го најде злосторникот. Американците, да кажеме, во емисиите како што е Истрага на местото на злосторство (Forensic files) сакаат да покажат како со помош на анализата на ДНК децении подоцна можеме да ги откриеме сторителите. Притоа, се разбира, се создава чувство дека во некое идно општество истражувањето на злосторството ќе биде поврзано, пред сѐ, со развивање нови форензички техники. А австриските настани ни покажуваат дека насилството е многу покомплицирано токму затоа што обично се случува таму каде што најмалку го очекуваме и каде што и најмалку го забележуваме, односно честопати не сакаме да го забележиме. Посебен случај е насилството во семејството. Нашите политичари одвреме-навреме жестоко се борат против педофилите и јавноста запаѓа во сеопшта параноја дека некој би можел надвор од семејството да ги сквернави децата, а пред фактот дека поголем дел од насилството над децата се случува внатре, во семејството, ги затвораат очите.

Слично, луѓето можат да го кријат посебното уживање во насилството така што им се полни устите со зборови за моралот. Како што знаеме од психоанализата, меѓу оние професии што се китат со тоа што говорат од позиција на моралот (на пример судиите, наставниците, свештениците) може да се најде многу перверзно уживање и многу скриено насилство.

Кога во општеството ќе излезе на виделина свирепо насилство, кое долго било криено од очите, мора да бидеме претпазливи да не западнеме во сеопшто гонење на „сомнителните“ лица во име на големите етички начела. А истовремено не смееме да заборавиме дека насилството може да се случува токму на местата што на прв поглед изгледаат како пример за чистотија, ред и морал, како што е случај во австриската провинција.

Кога заминував од Велика Британија, на летот за Целовец (таму Словенците во она време летавме поевтино одошто во Љубљана), бев сведок на интересен разговор меѓу двајца туристи. Еден од нив, по посетата на австриска Корошка, имал намера да ја посети и Словенија. А другиот, кој веќе ја посетил Словенија, на првиот му опишува каква е. Рече дека кога ќе се возиш преку Љубељ, помеѓу Австрија и Словенија, на прв поглед воопшто не се забележува разлика. Пределот е накако сличен, а и луѓето на прв поглед некако не се разликуваат. Но набрзо забележуваш дека државата е доста посиромашна и дека градовите не се толку чисти и средени. Воопшто, изгледа дека во земјата има поголема нечистотија и помалку угладеност. Кога ги слушнав тие забелешки, навистина се израдував дека нашата земјичка е похаотична и, се надевам, и помалку малограѓанска.

Превод: Соња Должан

Слики во текстот: Tslil Tsemet 

Насловна фотографија: Студио Кома

Извор: Рената Салецл, Трчање во место (Контрапункт / Темплум, 2020)

ОкоБоли главаВицФото