Фејсбук е една глобална катастрофа

15.10.2020 12:06
Фејсбук е една глобална катастрофа

Армијата на Мјанмар со години го користела Фејсбук да поттикне омраза и геноцидно насилство против главно малцинската група Рохинџа. Успеале. Имало многу смрт, многу бегалци. И дури во 2018 година, компанијата „Фејсбук“ признала што се случувало и се извини што не презела ништо.

Две години подоцна, на оваа платформа повторно се сее семето на геноцидот. Овој пат сè се случува во Етиопија, кадешто неодаменшниот атентат врз Хашала Хандеса пејач и политички активист од народот Оромо, довел до насилства во главниот град Адис Абеба. Крвопролевањето е засилено со речиси инстант раширениот говор на омраза и повиците на насилство на Фејсбук, каде се распалувал бесот на народот, како што напиша „Vice News“.

Ова е само втор дел од еден сличен инцидент од 2019 година, кога дезинформациите споделени на Фејсбук доведоа до насилствa во кои страдале 86 луѓе во регионот Оромија.

Фејсбук финасиски прилично му погодуваше на неговиот основач Марк Цукерберг, кој е еден од најбогатите луѓе на планетата. Но, социјалната мрежа e вистинска катастрофа за целиот свет, моќен вектор за параноја, пропаганда и теоретичарите на заговори, исто како и за авторитарна пресметка и грозни напади врз слободните медиуми. Каде и да се појави Фејсбук, тука се хаосот и дестабилизацијата.

Вестите од Етиопија стигнуваат во исто време кога и извештајот за еден допис кој го составила Софи Жанг, поранешна истражувачка на податоци во Фејсбук. Го објави порталот „BuzzFeed News” и овој документ покажува како компанијата одбива да преземе какви било акции против владите и политичките партии кои користат лажни налози за да шират пропаганда, да ги измамат граѓаните и да влијаат врз изборите.

„За три години, колку што поминав во „Фејсбук“ бев сведок на бројни блатантни обиди н астрански влади да ја злоупотребат нашата платформа за сопствени цели, да ги измамат сопствените граѓани. Тоа често пати беа работи од меѓународно значење“, напиша Софи Жанг.

„Лично донесував одлуки кои имаа влијание врз претседателите на некои држави и толку пати сум преземала акции против познати политичари што веќе не можам ни да се сетам на сите случаи“, додава таа.

Документот е досега најголемото откритие на неуспесите на „Фејсбук“ да превземе акции против координираните активности од државите како што се Хондурас или Азербејџан, каде политичките лидери користели цели војски од лажни профили за да ги напаѓаат противниците и да ги поткопаат независните медиуми.

„Едноставно не направивме доволно за да ги спречиме во тоа“, вели Софи Жанг.

Портпаролката на „Фејсбук“ на тоа одговори: „Ние внимателно ги истражуваме сите вакви наводи, вклучувајќи ги и оние што ги отвори Жанг, пред да превземеме чекори или јавно нешто да кажеме за компанијата“.

Документот само го дополнува она што веќе го знаеме за леснотијата со која лошите момци го користат Фејсбук за да шират насилство и авторитарна политика.

„Авторитарните режими на пет главни начини го експлоатираат Фејсбук и другите социјални мрежи, пишува Сива Ваидјанатан, професор на Универзитетот Вирџинија во книгата „Antisocial Media: How Facebook Disconnects Us and Undermines Democracy” („Антисоцијални медиуми: Како Фејсбук нè диконектира и ја поткопува демократијата“).

Тие можат да „организираат контрадвижења кои се спротивставуваат на протестите или организациите на граѓанското општество“, „да го диктираат јавниот дискурс“, да им дозволат на граѓаните „да се жалат, но без директно влијание или протест“ и „да ги координираат елитите за давање поддршка“. Последниот начин е користењето на социјалните мрежи за „надгледување и малтретирање на опозициските активисти и новинари“.

„Во Русија, сојузниците на Владимир Путин го користат Фејсбук и другите социјални мрежи за да ги злоставуваат критичарите и да шират дезинформации. Во Индија, пишува Ваидјанантан, партијата на Барати џанат Нарендра Моди со помош на Фејсбук „ги поттикнувала антимусламанските страсти и ги канализирала луѓето како да гласаат“, но и „го уништувала угледот на новинари, активисти на цивилното општество, критичари на антиисламистички политики и други политички непријатели“. А на Филипини, Родриго Дутерте го користел Фејсбук за „закани и злоставување“, но и за пропаганда во служба на насилен национализам.

Јасно е дека Цукерберг сака јавноста да го гледа него и неговата компанија како партнери во одбрана на демократијата. Неодамна најави чекори со кои би можеле да се ограничат дезинформациите поврзани со изборите и да се спречи притисокот врз гласачите, како и да им се помогне на Американците да се запишат во избирачкиот список.

„Верувам дека нашата демократија е доволно силна да го истрпи овој предизвик и да обезбеди слободни и фер избори – дури и ако биде потребно време за да се изборојат гласовите“, напиша Цукерберг. „И порано сме гласале за време на глобална пандемија. Ние можеме да го направиме тоа.“

Тој е во право за една работа: демократијата може да ја преживее пандемијата. Но не е јасно дали може да ја преживее и платформата која е направена за теоретичарите на заговори. Исто како и за компаниите од индустриското доба, кои ги загадуваа нашите реки, Фејсбук во политиката ги вбризгува паранојата и дезинформациите. Тоа е отровен нус производ на нивната трка по профит. Некако успеавме да се избориме со загадувањето. Останува прашањето дали ќе биде можно да се исчисти по Фејсбук.

Извор: The New York Times