Уживање во трансгресијата

15.10.2020 11:12
Уживање во трансгресијата

Наскоро од печат излегува книгата „Трчање во место“ од Рената Салецл, филозоф, социолог, правен теоретичар, една од најзначајните словенечки интелектуалки. Книгата е издание на „Темплум“ и на „Контрапункт“ како дел од едицијата „Пунктум“ која произлезе од КРИК - фестивал за критичка култура. Овде, на Окно, ќе претставиме дел од текстовите во книгата.

Судот во американската сојузна држава Канзас во 2012 година се занимавал со случајот на адвокатот, кој во својата канцеларија кришум местел камери за да може да снима што се случува под женските здолништа. Од соработничките барал на работното место да доаѓаат средено облечени и, пред сѐ, да мора да одбегнуваат долги здолништа и панталони. Скриените камери ги местел под нивните бироа.

Овој случај би можеле да го ставиме во аналите на ретките перверзии што покажуваат колку се чудни патиштата на уживањата на поединецот, ако со слични проблеми не би се среќавале и во другите краишта во светот. Во Лондон фатиле еден судија што постапувал слично. Но тој не уживал во гледање под здолништата на соработничките, туку во јавните превозни средства. Си направил посебен стап на кој наместил камера и го снимал случувањето под женските здолништа во возовите на подземната железница и во градските автобуси. Ни тој маж не бил единствен во посебно барање уживање. Органите на гонење во Велика Британија пред кратко време обвиниле и други мажи, кои се зафатиле со слични „подвизи“. Едни на стап прицврстувале огледала и така им ѕиркале на жените под здолништата, а други употребувале уреди за смимање во мобилните телефони. А најснаодливите американски восхитувачи на случувањето под женските здолништа камерите си ги вградиле во горниот дел на чевлите.

Стручњаците таквото постапување го нарекле upskirting, што би можело да се преведе како ѕиркање под здолништата или подигање на здолништата. Интересно е дека уживање во такви постапки главно наоѓаат мажите што се на функции, а меѓу нив можат да се најдат и оние што би требало да го чуваат правниот ред.


Психоанализата веќе долго време ги познава формите на криминални дејствија што на поединецот му носат посебно уживање токму со тоа што тој проверува дали ќе го стигне раката на правдата или не. Францускиот филозоф Жан-Пол Сартр (Jean-Paul Sartre) уживањето на воајерите, таканаречените peeping Toms, луѓето што уживаат кога низ мал отвор кришум набљудуваат други луѓе во тоалет, го поврзал со тескобата што на воајерот му ја предизвикува прашањето дали некој ќе го фати во неговата постапка. Сартр, така, вели дека ѕиркачот, peeping Tom, парадоксално, ужива во тоа дека кога ќе слушне шум, можеби доаѓа некој што би можел да го фати при забранетото ѕиркање. И новопечените ѕиркачи, кои со помош на современата технoлогија ѕиркаат под женските здолништа, наоѓаат своевидно уживање во тескобата дали ќе ги открие некој. При сета поплава од порнографски материјал што може да се најде на интернет, каде што можат без страв да ги видат секоја брчка на женското меѓуножје и долната облека во сите бои и форми, уживањето не е во тоа што, можеби, под здолништето на случајните жени во автобус ќе видат нешто исклучително туку во тоа што самите се ставаат на тест дали некој ќе ги открие при нивното бизарно постапување. Честопати уживањето е и проверување дали ќе го стигне раката на правдата или не.

Таквото уживање во трансгресијата го водело еден англиски судија да создаде заплеткан љубовен повеќеаголник при што целото уживање било во преиспитувањето на границата на законот. Судијата бил женет, а жената ја мамел со љубовница. Но тоа уживање во трансгресијата не му било доволно, затоа решил и љубовницата да ја мами со проститутка. Но ни оваа трансгресија не му била доволна. Затоа замислил посебно сценарио, кога во својата канцеларија во судската палата во определено време навечер ја поканил проститутката, а истовремено, со задоцнување, таму ја поканил и љубовницата. Тој уживал во тоа што различно ќе ги крши забраните и што во тоа кршење ќе биде и набљудуван. Уживањето му го предизвикувал фактот што љубовницата ќе го фати во прегратка со проститутката и, се разбира, што сето тоа ќе се случува во просториите на раката на правдата.

Како што може престапникот да најде посебно уживање во испитувањето дали законот ќе го фати или не, така може и судијата, или адвокатот, да најде уживање во одењето по работ кога игра некаков руски рулет, кој може да му ја загрози позицијата.

Како што знаеме од психоанализата, луѓето, парадоксално, не бараат начини како да го избегнат страдањето или како да прават нешта што се за нивно добро, туку обратно, честопати прават нешта што водат кон нивно самоуништување.

При гледањето на судските спектакли со голем публицитет во нашите судови честопати изгледа дека кај нас постои некое посебно уживање во неуспехот и во тоа што правниот систем функционира како да го води желбата за самоуништување. Големите полициски апсења се случуваат како копија на холивудските криминални серии: за време на ноќните акции трупи криминалисти провалуваат во просториите на некои важни или раководни личности на мрежите на организираниот криминал. Конфискуваат, наводно, важни документи, осомничените честопати пред очите на камерите ги буткаат во полициските возила. А судските постапки потоа се вртат околу неуредностите во обвинителните предлози, погрешно одбраните информации, непојавувањето на обвинетите во судот, застарување на постапките и шокот на народот кога главните обвинети на крај се ослободени. Покрај последните, во целокупниот спектакл победници вообичаено се смелите адвокати, кои вешто ги користат дупките во законот и немарноста при работењето на обвинителите или на полицијата.

Парадоксот на словенечкиот систем е дека многу адвокати доаѓаат од редовите на обвинителите и судиите. Во Велика Британија е токму обратното, таму поединецот вообичаено прво е адвокат, а во зрелите години ја добива честа да стане судија, додека кај нас поединецот во функцијата судија или обвинител ќе собере искуство за да може потоа да се префрли на другата страна и да стане успешен адвокат.


А уште еден парадокс на односот на словенечката јавност, пред сѐ медиумите, е дека медиумските ѕвезди не стануваат обвинители или судии што се зафаќаат храбро со решавање на проблемот со организираниот криминал, туку адвокатите коишто успешно ги наоѓаат грешките во судските постапки и така обвинетите ги спасуваат од затворските казни. Ако ги погледнеме државите што се борат со големиот проблем, мафијата, таму кога-тогаш се појавува некој обвинител или судија што ќе блесне со храброста во борбата со мафијата. Се разбира, честопати за цена на личната безбедност. А кај нас во жолтиот печат ќе можеме да читаме за козметиката на познатите адвокати, за блескотот на нивното богатство, нивниот приватен живот и слично. Со тоа мошне брзо се доаѓа до убедувањето кај набљудувачите дека вистинскиот успех е поврзан со барањето дупки во правниот систем и посредно олеснување на дејствувањето на мафијашките дружини.

Додека претходно спомнатите американски и англиски правници понекогаш, заради личните уживања ќе бидат одвлечени на работ на законот кога ѕиркаат под женските здолништа, кај нас вистинското уживање е во барањето други дупки – дупки во законот. Можеби нашиот кривичен законик навистина е како швајцарско сирење, а можно е и дека оние што би требало да го штитат, поради незнаење или немарност, во него постојано дупчат нови дупки. А, секако, големо е уживањето на адвокатите, кои тие дупки вешто ѝ ги покажуваат на јавноста.

За олеснување на јавноста, која честопати со згрозување гледа како големите полициски акции на крај доведуваат до ослободувачки пресуди, вреди да се спомне дека многуте што еднаш спектакуларно ќе се спасат од казната, мошне брзо повторно ќе проверат дали може да ги стигне законот или не. Така, пред години во САД, на големо изненадување на јавноста, славниот играч на американскиот фудбал О. Џ. Симпсон (O. J. Simpson) беше прогласен за невин за убиството на поренашната сопруга и нејзиниот пријател. Во тој случај адвокатите успешно ги покажале дупките во полициската работа, кога полицајците лошо постапувале со материјалните докази пронајдени на местото на злосторството. О. Џ. Симпсон очигледно не се чувствувал добро на слобода и набрзо се нашол во затвор, и тоа поради апсурден обид за пљачка. Изгледа како славниот фудбалер да барал начин како сепак да биде казнет.


Со недоумиците при интерпретацијата на законите и правилното собирање на доказите во последните години се занимаваат и американските правници, кои работат на ѕиркањето под здолништата. Еден маж во државата Тенеси сакал да шета по трговските центри. Во раката обично држел торба за пазарење во која имал папка, а во неа посебна камера. Кога во масата купувачи ќе видел жена со соодветно здолниште, ѝ се доближувал доволно за да може со скриената камера да снима под нејзиното здолниште. Кога се нашол во полиција поради таквото однесување, полицајците решиле да му го претресат станот поради сомневање за поседување и растурање порнографски материјал. На големо изненадување, при претресот на станот нашле големо количество марихуана. На суд обвинителот барал казна за двата прекршока, за поседување дрога и за воајеризам. Но бидејќи полицајците немале налог за претрес на станот, на кој пишува дека се работи за опасност од поседувањето дрога, тој наод не важел како предмет за кривично гонење. А на големо изненадување на сите, човекот не бил осуден ниту за воајеризам. Според законот, кој важел тогаш во државата Тенеси, фотографскиот воајеризам е прекршок при кој се работи за планирано нарушување на приватноста на поединецот и кога при фотографирањето оној што го прави тоа, ќе доживее сексуално задоволување. А за да се сфати таквото однесување како прекршок, мора да се случува во просторија каде што жртвата може да смета на некоја разумна форма на приватност. Судот донел одлука дека во трговскиот центар поединецот не може да замисли дека ќе има приватност. Ако се случува снимањето во гардероба или во тоалет, човекот би бил осуден, а со оглед на тоа дека се случувало на јавно место, тој бил прогласен за невин. Таквата одлука на судот, се разбира, поттикнала големо згрозување во јавноста, па во Тенеси го измениле законот така што жената може да бара право на приватност и да се спротивстави на снимањето и фотографирањето под здолништето и во јавни простории.

Во борбата дали местото под женското здолниште е од јавен или од приватен карактер, се разбира, најмногу заработиле адвокатите. Па, како што вели старата англиска поговорка, судскиот процес можеме да го замислиме како некаква крава што ја набила јавноста на роговите, владата ја држи за опашката, а адвокатите ја молзат.

Првиот фрагмент од „Трчање во место“ од Рената Салецл

Извор: Рената Салецл, Трчање во место, Темплум/Контрапункт, 2020

Слики: Оле Мариус Јоргенсен

Слични содржини

Книжевност / Стрип / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Јавни простори / Теорија
Општество / Активизам / Теорија

ОкоБоли главаВицФото