Бурата што нема да дојде

15.10.2020 23:28
Бурата што нема да дојде

Нема сомнеж дека се прашувате зошто толку многу луѓе почнуваат да веруваат во сосема бизарни псевдонаучни заговори, отфрлајќи ги не само општоприфатените знаења и научно докажаните факти, туку понекогаш и здравиот разум. За тоа може да се пронајдат бројни психолошки и социолошки објаснувања. Но, дополнително светло на механизмот и распространетоста на денешните теории на заговор може да даде и еден конкретен, но екстремен пример - вџаушвачкото зголемување на бројот следбеници на американското движење познато како Кју Анон (QAnon).

Дали сте слушнале за ова, таканаречено Кју движење? Дури и ако не сте слушнале, неизбежно веќе сте сретнале разни варијанти од нивните уверувања на својот feed или пак за време на опуштените разговори со своите колеги. Во САД оваа теорија стана политичко прашање, а според повеќе различни мерења (кои главно потекнуваат од медиумските анкети или институциите како што е Институтот за стратешки дијалог) во Америка во моментов околу 7 проценти од населението веруваат во Кју Анон.

Кју Анон е уверување дека доаѓа „Бура“ или пак „Големо будење“, што се називи за денот (или ноќта) кога Америка засекогаш ќе се промени и кога во опсежна, наводно 20 години подготвувана операција ќе бидат уапсени повеќе илјади „кабалисти“ на кои, според ова верување, им припаѓаат истакнати левичари, шефови од разузнавачката заедница, ѕвезди од Холивуд, лидери од движењето за човечките, а особено расните, женските и геј правата.

Централното верување на следбениците на Кју Анон подразбира дека со светот во моментов владее тајна група „педофилни кабалисти кои го обожуваат Сатаната и кои го контролираат ланецот на трговија со деца“. Кју активистите веруваат дека со кабалистите најпосле ќе се пресмета актуелниот американски претседател Доналд Трамп во момент кој ќе биде поволен за тоа (што се нарекува „Бура“). Припадниците на ова неформално движење ловат печатни грешки во твитовите на претседателот или во некои други негови објави, а потоа темелно ги дешифрираат за да утврдат до каде е операцијата и кога ќе почнат апсењата.

Движењето се појави 2017 година во заплет кој тешко би поминал и во најевтин роман. Личноста со псевдоним Кју (Q) која се претставуваше како висок функционер во администрацијата почна да остава криптични пораки за надоаѓачката „Бура“. Потоа приказната се прошири на опскурните форуми 4chan и 8kun, за потоа постојано да се храни со нови магловити обраќања кои ги објавуваше Кју. Овие Кју капки или Кју трошки ја сочинуваат идеолошката база на движењето кое сега опфаќа огромна мрежа сајтови, радио станици и Јутјуб канали кои ги толкуваат, со цела низа продавачи на маици, налепници, футурискички графики и други реквизити кои се брендирани со знакот Кју, знамиња и акциони сцени со американскиот претседател.

Во изминатите две години движењето буквално проголта и обедини многу други заедници на теоретичари на заговори, поклоници на рамната земја. Иако е втемелено на бизарна агенда, движењето има традиционални особини од апокалиптичните здруженија кои чекаат некаква варијанта на библискиот Суден ден, но од повеќето други го разликува отвореноста кон мнозинството и кон сите други теории на заговор. Имено, Кју ги отвори сите шпекулативни теми од рамната земја, 5Г и ционистичкиот заговор до сомнеж во нападите од 11 септември, падот на цепелинот Хинденбург, потонувањето на Титаник и убиството на Кенеди, но и верувањето во заговорот за холивудските кабалисти-педофили кои наводно киднапираат американски деца за од нивната крв да добиваат адренохром, состојка која го продолжува животот.

Неодамнешното истражување на американскиот Институт за стратешки дијалог покажа дека следбениците на движењето (кои во знак на распознавање со буквата Кју ги брендираат облеката, автомобилите и куќите) никогаш не веруваат во целиот спектар на заблудите на Кју Анон, туку се определуваат според сопствениот афинитет. Меѓу другото, кодексот на движењето се менува исклучително брзо и се проширува на дневно ниво, без оглед колку на тој начин станува контрадикторен. Повеќето аналитичари кои се занимаваат со традиционалните псевдонаучни заедници сметаат дека движењето својата големина ја должи на отвореноста за сите други „идеи“. Во околности на пандемија, Кју порасна како ниедна друга заблуда претходно, на извесен начин станувајќи политичка сила во САД и главна тема пред претседателските избори, но и потенцијална закана за безбедноста.

Изминатава година поборниците на движењето извршија поголем број незаконски акции, како што се насилни протести, но и блокади на брани или заложнички кризи, со барање властите да ја откријат листата и датумот на планираните апсења со кои ќе почне Бурата. Бидејќи овие инциденти стануваа сѐ поагресивни, американската агенција ФБИ минатиот месец ги стави на листата терористички организации. Истовремено, на почетокот од октомври американскиот Конгрес со апсолутно мнозинство гласови го осуди Кју Анон, додека медиумите анализираа неколку конгресмени кои не гласаа против движењето Кју, прашувајќи се дали тие стојат зад него. Сомнежот дека се инспиратори главно паѓа на кругот околу американскиот претседател со оглед на тоа дека тој, како фиктивен водач на Бурата, стана идол на движењето.

Меѓутоа, Кју стана масовно не само во Америка - Њујорк Тајмс неодамна откри дека има следбеници и меѓу неонацистите во Германија. Но, иако Кју Анон по својата природа се држи во рамки на Америка, идеите и разните псевдонаучни теории што ги шири преку својата милионска заедница деновиве пристигнуваат до секој агол од планетата. До ширење на такви количини најразлични заблуди, какви што содржи ова движење, инаку и доаѓа заради големата вмреженост и природата на модерните медиуми, содржина која е наменета исклучиво за добивање кликови и некои особено непријатни особини на алгоритмот на социјалните мрежи.

Имено, денес постои технолошка подлога за поинтензивно ширење теории на заговор отколку во минатото. Сѐ до големиот пресврт на почетокот од 2019 година, на пример, алгоритамот на Јутјуб за препораки со видео материјали ги спојуваше зборовите како што се „рамна земја“, „чудесен лек“ и „9/11“, што очигледно беше базирано на претпоставката дека корисниците кои бараат еден заговор, можеби сакаат да дознаат и за друг, но доведе и до нивна буквална експлозија. Овие околности се особено поволни за шарената мешавина каква што е движењето Кју.

Епидемијата со заговори, а особено оние кои се псевдонаучни, како што е негирањето на климатските промени или вакцинацијата, секогаш барем донекаде може да се објасни и со функционирањето на организираните групи и компании кои прикриено ги финансираат истакнати скептици за да ѝ наштетат на конкуренцијата или да влијаат на регулативата (во неколку афери се покажа дека климатските скептици добивале големи суми од нафтените и други енергетски компании). За Кју Анон така денес отворено се обвинуваат луѓето од најтесниот круг на американскиот претседател.

Во моментов, ова прашање дополнително би можело да се објасни и со колективната анксиозност заради пандемијата со коронавирусот, економските предизвици и чувството на општа несигурност. Во последниве месеци луѓето помалку им веруваат на инаку дискредитираните официјални извори и посклони се да посегнуваат по одговори кои по природа се антисистемски. Верувањето во теории на заговор по својата природа е еден патолошки облик на неприфаќање на системот. Во бизарен пресврт, Кју Анон во замена им нуди измислено масовно истребување на кабалистите.

Извор: https://naukakrozprice.rs