Бугарски интелектуалци против меморандумот на Софија: „Зошто Европа не нѐ разбира“

16.10.2020 11:28
Бугарски интелектуалци против меморандумот на Софија: „Зошто Европа не нѐ разбира“

Софија демонстрира застарено разбирање и настапува со наивни тврдења кон Северна Македонија, пишуваат бугарските интелектуалци во писмото одговор на Меморандумот на Софија. Тие бараат „принципиелна промена на парадигмата во историското мислење“ и пишуваат дека не се согласни со тоа „Северна Македонија да се претставува како единствена земја која не се соочува со сопственото минато“.

Бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов го предупреди Скопје дека неговата влада ќе ја блокира првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ во декември, поради историските недоразбирања меѓу двете земји.

Во Меморандумот, кој не е официјално објавен, но протече до медиумите, Софија инсистира да се избегнува користењето на терминот „македонски јазик“, и настапува со критични тези за формирањето на македонската нација.

Зошто Европа не нѐ разбира?

Интелектуалците потпишани на реакцијата, сметаат дека меморандумот не ги одразува постигнувањата на редица бугарски историчари во последните децении.

„Не гледаме како Европа може да ги разбере тезите на некои институционално влијателни бугарски интелектуалци, кои не го говорат јазикот ниту на современата историографија, ниту на современите хуманитарни и социјални науки. Истовремено, меморандумот не ги одразува принципите и вредностите врз кои е изградена ЕУ и во поддршка на она за што се залага“, пишуваат интелектуалците, отфрлајќи ги на тој начин неодамнешните тврдења на ко-претседателот на македонско-бугарската историска комисија Ангел Димитров, кој оцени дека бугарскиот меморандум ги одразувал постигнувањата на „бугарската историска наука“. Пред неколку дена и членот на комисијата Иван Илчев се пожали во бугарските медиуми дека „Европа не нѐ разбира“.


Во реакцијата понатаму бугарските интелектуалци велат дека не се согласни ниту со претставувањето на Северна Македонија како држава која „не се соочила со своето минато“.

„Не сметаме дека единствениот историографски проблем е идеолошкото наследство на комунистичка Југославија“, пишуваат тие и дополнуваат:

„Друг проблем е доминацијата на застареното, романтично и митолошко историографско размислување во самата Бугарија.“

„Не сметаме дека процесот на формирање на македонската нација, со сите свои специфики, значително се разликува од начинот на формирање на другите нации, ниту сметаме дека тој може да се сведе на формулата на Меморандумот за „етнички и јазичен инженеринг“. Ние се спротивставуваме на поедноставеното претставување на македонската нација како плод на „југословенската пропаганда“.

Концепти како што се „објективни критериуми поврзани со идентитетот на една личност“ исто така звучат наивно: идентитетот не е „природна“ генетски пренесена карактеристика, туку социјално конструирана категорија.

Интелектуалците ги сметаат таквите тврдења во меморандумот за „застарено разбирање на националната историја“ кое е неадекватно на фонот на денешната критична историска наука.

Промена на парадигмата

Во однос на тврдењата дека македонскиот јазик е јазична норма на бугарскиот, бугарските интелектуалци пишуваат дека „сите стандардизирани јазици се во извесна смисла вештачки, затоа што книжевната норма секогаш интервенира во говорните дијалекти и одредува кои елементи од нив се „правилни“, а кои „неправилни".

„За нас, тврдењата за датумот на раѓање на една нација и јазик се научно неодбранливи и се спротивни на достигнувањата на историската наука, како и на општествените науки и хуманистичките науки воопшто", се наведува натаму во реакцијата.

„Иако го прифаќаме терминот ’заедничка историја’, ние се спротивставуваме на неговите елементарни толкувања, како и на неговата употреба за да се наметне единствен наратив - во овој случај, официјалниот наратив во Бугарија за минатото“, велат тие.

„Особено апсурдна е бројката на жртви на југословенскиот комунистички режим во Македонија посочена во Меморандумот. Таа ги надминува сите разумни параметри и ги компромитира основните настојувања од бугарска страна за придржување на интерпретациите кон фактите и документите“. На крајот на писмото, бугарските интелектуалци бараат „неопходна принципиелна промена на парадигмата во историското мислење“ и бараат за таквата промена да бидат отворени и бугарските медиуми.


На фотографиите се прикажани проекти на славниот уметнички пар Кристо и Жан Клод - Christo Vladimirov Javacheff (1935–2020) и Jeanne-Claude Denat de Guillebon (1935–2009).

Овде може да се види списокот на бугарските интелектуалци кои се спротиставија на меморандумот на бугарската влада.

Извор: Дојче Веле

Слични содржини

Општество / Балкан / Теорија / Историја
Европа / Балкан / Историја
Балкан / Култура / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Европа / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото