Теоријата и праксата на нацистичките одреди

17.10.2020 13:53
Теоријата и праксата на нацистичките одреди

На 13 октомври, 2020 година, група маскирани хулигани упаднале на изложбата што се одржуваше во рамките на фестивалот „Ново доба“ во Земун, фрлиле солзавец и ги уништувале изложените дела.

Ова да се случеше во Берлин, во 1933 година, никој не би бил изненаден: заедно со прогонот на Евреите, Ромите, комунистите, левичарите, ЛГБТ луѓето и секој друг кој не се вклопувал во нивниот „нов поредок“, нацистите палеле книги и уништувале слики да не го расипуваат германскиот народ, особено младината. Меѓутоа, изненадување е што цели седум децении по падот на нацистичка Германија, овдешново Министерство за култура и информирање се согласува со нејзиниот третман на „изопачената уметност“.

Елем, во своето соопштение по повод нападот на изложбата, Министерството, вистина го осудува „секој вид насилство врз уметничките слободи и загрозувањето на физичкиот интегритет на авторите“, а потоа доаѓа славното „но“, поголемо од Белград на вода. Имено, Министерството смета дека изложбата на „скаредни и неморални содржини покриени под наметката на наводна творечка креативност со полно право предизвикува негативни реакции“.

Тука не е крајот на вознемирувачките небулози. Авторите на соопштението пишуваат и дека изложбата „со онакви ужаснувачки поединечни дела не смеела да биде отворена“, дека таа му „припаѓа“ на „подземјето на човековиот дух“ и дека „ова општество и натаму знае да разликува помеѓу добро и зло“...

Човеку! Да може, Јозеф Гебелс, министер во нацистичка Германија задолжен за култура и информирање, би станал од гробот и стоечки би им аплаудирал. Има и зошто – целосно во негов дух, Министерството во Србија ги оправдува продолжувачите на теорииите и праксите на нацистичките јуришни одреди.

Да, го прекршиле јавниот ред и мир, но заради „скарадните и неморални содржини“; навистина, тепачите ја вознемируваат дел од јавноста, но народот овде самиот разликува „добро и зло“.

Во својот заклучок, Министерството за култура и информирање практично ги повикува уметниците да ги остават „скаредните и неморални содржини“, па никој нема да ги напаѓа. Овде уште само фали самите себе да се прогласат за цензори кои во договор со национално свесните тепачи ќе одредуваат што е адекватно и нормално...

Вистинскиот повод за ова срамно и вознемирувачко соопштение на Министерството можно е да се крие во задкулисната борба за министерската фотелја. Но, дури и да е така, апсолутно не е битно.

Во еднопартиска држава, каде целата власт е во рацете на еден човек, каде владата и Собранието служат како негова политичка икебана, кадешто Српската напредна партија го проникнува секој сегмент на јавниот живот, а нејзиниот главен оперативец Дарко Глишиќ ја смета „демократијата за фраза која ни е наметната од надвор“ – веќе нема простор за релативизација и заебанција. Работите конечно мора да се наречат со вистинското име.

Во таа смисла, соопштението на Министрството за култура и информирање на Република Србија е опасен и едвај прикриен фашистички памфлет.

Извор: vreme.com

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото