Гласови во главата и копирање

17.10.2020 14:23
Гласови во главата и копирање

Наскоро од печат излегува книгата „Трчање во место“ од Рената Салецл, филозоф, социолог, правен теоретичар, една од најзначајните словенечки интелектуалки. Книгата е издание на „Темплум“ и на „Контрапункт“ како дел од едицијата „Пунктум“ која произлезе од КРИК - фестивал за критичка култура. Овде, на Окно, претставуваме дел од текстовите во книгата.

Кон крајот на ноември 2015 година Роберт Л. Диар (Robert L. Dear) зачекорил во Центарот за планирање на раѓањата во Колорадо Спрингс и почнал да пука. Убил тројца, а повредил деветмина. Кога се појавил Диар пред судот, веднаш ја признал вината за злосторството, а доста возбуден почнал да објаснува дека е голем борец за бебињата бидејќи се залага за тоа неродените деца да не бидат распарчени. Во судот објаснил дека никој не му верува каков ужас видел во Центарот за планирање на раѓањето и дека таму насекаде било полно со крв.

Многуте американски коментатори предупредуваат дека Диар се идентификувал со пропагандниот филм што почнале да го прикажуваат тоа лето противниците на абортусот, кој бомбастично прикажува што се случува, наводно, со фетусот за време на абортусот. Откако тој вешто измонтиран филм почнал да кружи на интернет, во САД се случиле дури четири напади на центрите што вршат абортуси.

По повод различните форми на насилство што се случуваат во последните години, се поставува прашањето што го тера некого за да посегне по оружјето и да почне да пука во случајни луѓе. Во САД, на пример, во 2015 година се случиле повеќе од триста и педесет масовни убиства во кои се убиени или ранети четири или повеќе луѓе. Просечно, такво убиство се случува секој ден. Во многубројните случаи кај тие злосторства се работи за семејни убиства, кога поединец убива повеќе членови на своето семејство. Повод за таков акт може да биде семееем спор, крај на љубовна врска, губење на работа или нешто слично. А во последните години се зголемува и бројот на убиствата кога поединците пукаат во непознати луѓе – на пример во училишта, по трговски центри, културни установи итн. Во многу од тие случаи актот го прави таканаречен волк самотник, поединец што однадвор изгледа дека е вклучен во општеството, а всушност е социјално изолиран. Многумина имаат чувство дека општеството има заговор против нив, дека во животот се лишени од нешто или дека мора да се одмаздат за извесни неправди што им се случиле.

Можеме да претпоставиме дека кај некои од тие напаѓачи се работи за таканаречена неактивирана психоза. Поединецот има психотичка структура, а однадвор не покажува знаци на делириум, затоа другите не ги забележуваат неговите внатрешни тешкотии. Во случаите кога кај поединецот се забележува очигледен делириум, тоа честопати се покажува така што лицето слуша некој глас или има чувство дека го прогонува некој поглед.

Тања Лахрман (Tanya Luhrmann), професорка по антропологија од универзитетот во Стенфорд (Stanford), поставила теза дека халуцинациите што ги доживуваат луѓето со сериозни психички растројства суштински се поврзани со културното милје во коешто живеат. Таа анализирала какви гласови слушаат психотичните во САД, а какви во Индија и во Гана. Ја интересирало што ги плаши најмногу психотичните слушајќи ги гласовите, дали ги сфаќаат како добри или лоши и дали гласовите им зборуваат нешто во врска со сексот и богот. Испитаниците доста слично опишувале како гласовите што ги слушаат честопати се добри и лоши, како понекогаш им шепотат, а понекогаш агресивно наредуваат. Некои имаат чувство дека гласот што го слушаат доаѓа од бог, а други дека тој глас ги напаѓа, односно дури ги бомбардира.

Во истражувањето се покажува интересна разлика помеѓу западниот и другиот свет бидејќи луѓето во Африка и во Индија имале доста попозитивни искуства со гласовите отколку во САД. Додека Американците објаснуваат како да се работи за некаква војна во главата при што гласовите им викаат и ги мачат, Индијците слушаат доста помили гласови. Последните честопати имаат чувство дека преку гласот во главата некој член на семејството ги праќа по некоја работа или, пак, со нив се во допир магични сили или духови, кои, главно, не се агресивни, туку доста игриви. И Африканците, главно, известуваат за тоа дека слушаат, пред сѐ, добри гласови што се љубезни со нив.

Лахрман нагласува дека во САД и во Европа луѓето себеси се сфаќаат како индивидуи со сопствен идентитет, додека на многу други места луѓето ги сваќаат своето јас и својата психа како поврзани со другите и дефинирани со меѓусобни односи. Во исклучително индивидуализирано општество, како што се САД, гласовите се сфатени како напад врз приватниот ментален свет, а во помалку индивидуализираните општества, како Индија и Гана, гласовите повеќе се сфатени како општествени врски. Затоа во тие држави луѓето ги интерпретираат гласовите како љубезни и не како насилство врз нивната психа.

На таа анализа треба да се додаде и дека во САД одбраната на индивидуализмот е мошне поврзана со правото на поседување оружје. Со оглед на тоа дека мошне лесно се здобива со оружје, не е чудно што толку поединци со психички растројства посегнуваат по него и почнуваат да пукаат во невини луѓе. Така, некој што се бори во главата со агресивен глас, со помош на оружјето многу лесно го екстернализира својот проблем и почнува да врши агресија врз луѓето околу себе.

Иако многу од масовните убиства ги сториле луѓето со ментална болест, сепак не можеме да кажеме дека во САД генерално се зголемил бројот на таквите луѓе. А посебно не смееме генерално да претпоставуваме дека кај некој што, на пример, страда од психоза, постои поголема опасност да стори злосторство.

Истражувачите на феноменот на масовни убиства нагласуваат дека кај растежот на тие злосторства во САД важна улога игра таканаречениот феномен copycat – имено тоа што луѓето се копираат еден со друг. Кога ќе почне во јавноста да одекнува едно масовно убиство, постои голема веројатност дека некој друг ќе стори нешто слично во наредните две недели. Еднаква важна улога има и желбата за слава. Со оглед на тоа дека на масовните убиства им се обрнува големо медиумско внимание, а бидејќи славата во денешно време е толку многу ценета, едни наоѓаат задоволство во тоа што стануваат славни со тоа што ќе сторат ужасно злосторство.

Ако во САД од една страна се фаќаат во костец со растежот на масовните убиства, од друга страна, пак, се соочуваат со размав на политичкиот дискурс, кој разгорува омраза и пронаоѓа секогаш нови непријатели. Дискурсот што ја поттикнува омразата кон муслиманите, што мексиканските доселеници ги нарекува силеџии и што повикува на нови воени интервенции, создава атмосфера на нетрпеливост што силно влијае врз тоа како поеднинците се соочуваат со психичките тешкотии.

Роберт Л. Диар (Robert L. Dear) на судењето бил препознаен како непресметлив бидејќи многу знаци покажувале дека страда од психичка болест. А кога во судот нагласил дека треба да се убијат убијците на децата, со својот дискурс не се разликувал многу од многуте борци против абортусот, кои повеќепати јавно повикувале на линчување на лекарите што вршат абортуси и чиешто движење го поддржуваат доста републикански политичари.

Во атмосферата на нетрпеливост, која денес мошне се шири помеѓу луѓето, добро е да се потсетиме на мислата на Маја Ангелу (Mayа Angelu) дека омразата предизвикала многу проблеми во светот, а не решила ниту еден.

Превод: Соња Должан

Насловна слика: Студио Кома

Слики: Ole Marius Joergensen

Извор: Рената Салецл, Трчање во место (Контрапункт / Темплум, 2020)

Кон претходните делови 

ОкоБоли главаВицФото