Homo sapiens macedoniensis vmronica

19.10.2020 16:27
Homo sapiens macedoniensis vmronica

Летоска, во зрел јули, низ насловниците на светските медиуми пукна како граната веста дека пандемијата ковид-19 во Боливија предизвикала таков колапс на системот на здравствена и социјална заштита, што полицијата морала да ја преземе задачата да собира трупови од умрени луѓе оставени да лежат по улици, дворови и станови. Ројтерс објави дека за три месеци (од април до јули) само од Ла Паз, Санта Круз и Ел Алто полицијата собрала 3300 напуштени умрени, а дека само за последните пет дена од улиците, возилата и дворовите на боливиските метрополи биле собрани безмалку 400 напуштени мртви тела за коишто во 90 отсто од случаите било потврдено дека починале од инфекцијата на вирусот Сарс-Ков-2.

Веста ја илустрираат и снимки за пренатрупани болници, здравствени центри со затворени врати на кои дречат нервозни натписи „Нема место!“, изјави на официјални лица дека немаат доволно здравствен персонал, дека не работат веќе ни мртовечниците, ниту судскомедицинските институции, ниту гробиштата… и дека мртвите се погребуваат во масовни гробници, честопати и без да бидат идентификувани.

Потценета глупост

Мислев дека по оваа вест и нејзините илустрации, како и другите застрашувачки летни снимки за непрегледни полиња на кои во свежо ископачена шумска земја-црвеница лежат масовните гробници во Бразилија, снимени од воздух, распослани како безбројно саќе со прегради за ларви од некои непознати и егзотични инсекти… да, по вистинската поплава од хорор вести од светот, луѓето ќе сфатат дека се работи за нешто стварно и вистински страшно.

Ова мое тажно убедување го подржа особено морничавата дрон-снимка на масовна гробница во Њујорк, односно на њујоршкиот остров Харт, каде што во машински педантно ископани два метри широки и стотина метри долги ровови, паралелно наредени еден до друг, практично без крај, се редат – во неколку реда по височина – евтини даскени сандаци. Мислев, значи, дека по овие снимени сведоштва на планетата земја нема да преостане ниту еден нормален човек што нема да поверува во постоењето на убиствената на пандемијата.

И помислив – стара будалетинка – дека ништо повеќе не треба да им се покаже и тука, на гордите наследници на лозата на Букефал што ја населуваат библиската земја, за да ја сфатат сериозноста на ситуацијата. Бев убеден дека ниту збор повеќе не е потребно да се каже за неопходноста од промената на начинот на однесување и важноста на усвојувањето на мерките за заштита како единствен рационален начин да се намали ширењето на заразата и со тоа да се намали бројот на изгубени човечки животи, како и другите последици од чумата.

Не треба ниту да нагласам, почитувани читатели, дека повторно – и по којзнае кој пат – сурово се излажав во потценувањето на човечките способности за тапост, глупост, идиотизам и кретенизам и, згора на тоа, на непредвидливо и несомерливо бујната креативност во измислувањето на самозалажувачки обрасци на (не)мислење и будалеење.

Закон на големи бројки

И, сите овие самозаблудувачки техники се измислуваат со единствена функција да го блокираат влезот на информации во човечките измазнети мозоци, влезот на факти што би можеле да ја нарушат монолитноста на човековата самоилузија. Забележав дека ужасните слики од преку Атлантикот не само што не пукнаа како информатичка граната, туку дека не оставија ниту звучна трага што се споредува со нејака детска петарда. Никому око не му трепна, а бројките, снимките на масовните гробници и другите ужаси што ги плавеа медиумите не успеаја ниту да ја загребат до висок сјај исполираната површина на нивните мозоци, зад којашто како желе нежно се бранува тапата рамнодушност на гордите примероци на македонскиот специјален вариетет на хомо сапиенсот.

Знаат ли Македонците каков е несовладливиот космички закон на големите бројки? Знаат ли наследниците на персиското, египетското и македонското царство, правнуците на Алехандро Магно дека ништо човечко не може да ја сопре експоненцијалната крива, во фаза во која таа се исправа како царска кобра која се подготвува за напад? Јасно ли му е некому, на ова апсолутно најромантично парче од бугарското свето царство, колку малку нас нѐ дели од хорорите што ги доживеаја земјите што системски не веруваа во сериозноста на пандемијата?

Ако не се ставиме во памет и ако не се обидеме да ги запаметиме и примениме неверојатно тешките и замрсени правила на заштита од заразата, а тоа се: да носиме заштитни маски, да не се групираме (и глупираме) во големи групи, особено не во затворени простори, и да не си плукаме едните на другите в уста; ако значи не успееме ја одржиме оваа неподносливо компликувана самозаштита, до бројката од 1.000 новозаболени дневно нѐ дели недела дена, па закономерно уште само некоја недела нѐ дели и од колапсот на здравствениот и воопшто државниот систем, по кој вестите за умирања по станови, дворови и улици и масовни гробници – од оваа несакана хипотетичка математичка хорор-дистопија – ќе станат нашето нормално секојдневие.

Гледајќи како се однесуваме во секојдневието, имам чувство дека – како во театар на апсурдот – никаква хипербола и никаква дистопија нема да го смени однесувањето на најстариот познат вариетет на хомосапиенсот, на мазномозочестиот homo sapiens macedoniensis vmronica. Овој модел на прото-човек кој ја преживеал јукатанската катастрофа пред 65 милиони години, поради што и пандемијата на ковид-19 не му остава никаков впечаток – реагира на пандемијата со исклучително ефикасен дарвински опортунизам: во практика, значи поединечно и индивидуално, владините здравствени мерки не се почитуваат и не се применуваат упорно, систематски, принципиелно и достоинствено.

Работата на Собранието

Но, во јавност, во политичките пораки и реакции, вемерето реагира како што во дадениот момент е дарвински опортуно, значи со интелигенција на морски полжав. Кога не им одговараше распишувањето на избори, врескаа дека изборите се ужасна атака на здравјето на населението; кога, пак, изборите се распишаа, тие се роеја ко пчели во кошница обезбедувајќи го најдобриот пренос на вирусот, подигајќи го вмровскиот колективен предизборен занес. Кога Владата предложи хибридно решение за образовните институции, значи и со физичко присуство, вемерето ги обвини за геноцид на македонските деца и инсистираше на онлајн настава без физичко присуство, а некни, кога поради алармантноста на бројките на заразени падна предлогот Собранието да работи и заседава на онлајн седници, претпотопското искуство врисна во вмроните: тие гордо и достоинствено ќе го блокираат Собранието, зашто тоа можело да работи само со физичко присуство.

За жал, за да сфати дека со сопственото заразување со вирусот безмалку со сигурност станува убиец на непознат човек, на најстариот човечки вид – според Линеовата номенклатура наречен homo sapiens macedoniensis vmronica – му недостигаат некои основни својства на многу подоцна развиениот обичен хомо сапиенс. Не дека се во дарвинска смисла важни, но сепак: тоа се социјалната интелигенција, чувството за солидарност, имагинацијата и емпатијата.


Карикатури: Marco De Angelis
Извор за текстот: Слободен печат

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото