Солун: Мешавина на лица и сеќавања

20.10.2020 00:51
Солун: Мешавина на лица и сеќавања

Солун (Thessaloniki), главниот град на Северна Грција, е еден од најстарите европски градови. Зад себе има речиси 24 векови непрекинат урбан живот и развој, во текот на кој, една на друга се потпирале бројни култури и цивилизации, оставајќи ги зад себе не само своите споменици, туку и своите духови.

Пред 2340 години, македонскиот крал Касандар соединил 17 мали околни градови во еден и му дал име по својата невеста, сестрата на Александар Велики, Тесалоники. Тогаш не можел ни да сонува дека географијата и историјата на овој нов пристанишен град во наредните векови ќе го претвори во важен геостратешки клуч на Балканскиот полуостров, дека со постојана и динамична еволуција Солун ќе помине многу историски фази за да денес, со 1,3 милион жители, стане балканска и медитеранска космополитска метропола од претходните векови.

Бегалска Мајка

„Овој град е полн со духови“, напишал еден од малубројните солунски Евреи, кога во 1945 година, од Аушвиц се вратил во Солун, непрепознатлив во споредба со оној предвоениот. Само за неколку недели, во 1943 година, овој град изгубил 93 отсто од својата голема еврејска заедница, од која околу 45.000 луѓе со возови биле одведени главно во Аушвиц. Тоа биле луѓе кои во Солун живееле од времето кога Колумбо ја открил Америка, кога кралот Фердинанд и кралицата Изабела од Шпанија масовно ги протерале Евреите Сефарди, а тие нашле засолниште во тогашното Отоманско царство. А бидејќи во 1917 година изгорел во голем пожар, како феникс повторно се родил од пепелта, повторно ги сменил своите жители и својата физиономија и од источњачки и отомански ги здобил сите карактеристики на модерен град.

Кога во 1923 година, во Лозана бил потпишан договорот со кој се предвидува задолжителна размена на населението помеѓу Грција и Турција, околу 50.000 муслимани, главно Турци, го напуштиле Солун. На нивно место стигнале стотици илјади грчки православни бегалци од Мала Азија, главно од Константинопол (Истанбул), Смирна и од Црно море, од источна Тракија и Бугарија, давајќи му на Солун карактеристики на „бегалска мајка“ и главен град на бегалците. Тогаш во Солун биле уништени речиси сите минариња и муслимански гробишта за да не потсетуваат на турскиот период. Старите византиски цркви кои турските окупатори ги претвориле во џамии повторно станале цркви. Многу Евреи кои до крајот на 19-от век го чинеле мнозинството од населението биле протерани од нацистите во концентрационите логори на смртта во Полска. А по грчката граѓанска војна, која продолжила во Втората светска војна, во Солун се населиле илјадници Грци од околните села уништени во војната. Тие, освен свежите лузни од братските ножеви, во градот со себе ја донеле целата своја болка, своите сништа, но и провинцијализмот.

По десет години војна и крв, почнала „студената војна“ (1945 – 1990) во која овој град, национално и етнолошки станал речиси целосно грчки, но и интровертен. Со оглед на тоа што 70 километри северно од него се наоѓала границата со еден сосема поинаков и „непријателски“ свет, т.н.р. Комунистички блок, Солун ја добил улогата на пограничен град.

Римска агора, Солун

По 1990 година, после сломот на Источниот блок и војните во поранешна Југославија, сето тоа се променило. На почетокот стигнаа десетици илјади бегалци од поранешниот Советски сојуз, од кои половината биле со грчко потекло. Заедно со нив емигрирале и многу Грузијци, Ерменци, Албанци и Украинци, создавајќи ја новата „пост-советска“ православна заедница. Десетици илјади Албанци и малцински Грци од јужна Албанија пребегале преку планините, честопати голи и боси стигнале во гостопримливото солунско пристаниште. Исто така, навалиле и многу балкански мигранти, главно од Бугарија, Романија, Србија и Босна, додавајќи му на Солун нови карактеристики на балкански град. Во последната деценија, во Солун стигнаа и бегалците од Сирија, но и од другите држави од Блискиот исток и Африка, разорени од војната. Политичките бегалци од Турција на Ердоган, веќе беа тука. Кога ја видоа стратегиската положба на солунското пристаниште, уште во деведесеттите години, Кинезите ја инсталирале тука својата „кинеска населба“ во западниот дел на градот. Израелците ги купуваат старите повеќекатници во центарот и ги реновираат, додека руските бизнисмени купуваат хотели во приградските приморски делови за туристички цели.

Стари духови

Така Солун стана космополитски град. Се измешале различни цивилизации, култури, музики, кујни, мириси на зачини и човечки физиономии и архаични сеќавања. Се крчкаат во мултикултурниот солунски казан создавајќи нови вкусови и специјалитети, мешавина на нови и стари цивилизациски композиции со посебната локална култура, која истовремено е и медитеранска и балканска, европска и азиска, но и екуменска. Сите тие се мешаат со локалните грчки Тесалијци и остатоците на некогаш развиената и најбројна еврејска заедница, така формирајќи го новиот идентитет на Солун.

Неговите стари духови преминаа во урбаните легенди за да таму ги шепотат своите приказни на оние кои умеат да ги слушнат. Оттука, кој и да имал прилика да помине некое време во Солун, не може а да не забележи дека овој град дише со некоја чудна, слатка меланхолија што како некоја сенка ползи по старите згради од шеесеттите, лизга преку античките ѕидини или стои залепена во боите на скарабејот на црвените ѕидови на византиските цркви, напуштените џамии, отоманските чешми или еврејските трговски аркади. Нејзиниот мирис тајно се вовлекува во ноздрите на муштериите на кафулињата на солунското крајбрежје додека го цевчат своето фрапе, уживајќи во погледот на Олимп (кој се наоѓа точно наспроти плоштадот „Аристотел“ и солунскиот залив) и во некои од најубавите зајдисонца на Егејското море.

Солун е познат по легендите и приказните кои го сочинуваат митолошкиот лавиринт на мистичното лице на овој град, кое вешто се крие зад она средновековното, напудреното. За тој мистичен Солун, прекриен со многу правливи слоеви на минатото се напишани одлични книги и текстови. Така, во извонредното дело „Солун град на духови“ (Thessaloniki City of Ghosts), големиот британски историчар и писател Марк Мазовер пишува: „Во триесеттите години на 20-от век, духот на светиот суфи Муса Баба бил виден како повремено скита во близина на својата гробница во Горниот Град (Ano Poli). Дури и денес сопственици на куќите понекогаш сонуваат како под нивните подруми лежат Турци јаничари и византиски некрополи. Се пишуваат приказни за римските катакомби, за трагични љубовни врски и немирни души кои како авети и натаму живеат во гровнатите напуштени еврејски вили покрај морето. Кружат приказни за закопано еврејско богатство кое го чуваат духовите на неговите сопственици, а кои ќе го измамат секој што ќе се дрзне да го бара: разни истерувачи на ѓаволи, агенти на Мосад и поранешни нацисти, како и сите други кои се обидуваат да дојдат до добро скриените скапоцени камења, злато и сребро“. Солунскиот писател Мариос Маринос Харалабоус во книгата „Непознатата историја на Солун“ напишал дека во градот живеат околу 500.000 „приземјени“ што е еуфимизам за вампири, значи оние кои живееле и умреле во Солун, а по смртта не можеле да го напуштат сето она што го засакале во овој град, па така, засекогаш останале врзани за него. Исто така, пишува дека нивниот шепот често може да се слушне по сокаците околу плоштадот „Аристотел“ и во Горниот град...

Проверивме и не може да кажеме дека Харалабоус не е во право.

Извор: Vreme


 

Слични содржини

Балкан / Култура / Историја
Балкан / Историја
Општество / Европа
Општество / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото