1009 hPa
45 %
28 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 12:59
Во второто издание на „Маус“ – графичкиот роман за Холокаустот што ја изгради репутацијата на Арт Спигелман – авторот вклучува пасаж во кој ја покажува реакцијата на публиката на првото издание. Уметникот седи на неговата маса за цртање, искачен на планина од мртви тела, додека ред нападни новинари го бомбардираат со прашања: „Добро, ајде да зборуваме за Израел...“ „Дали цртањето на Маус ви беше катарзично? Дали сега се чувствувате подобро?“
Тој се мачи да одговори: „Порака? Не знам...“ „Кој сум јас да збрувам за тоа?“ – и низ следните панели постепено се смалува до големина на детенце, стуткано во столот. „Јас сакам... ОСЛОБОДУВАЊЕ. Не, не... сакам... МАМА!“ Новинарите исчезнуваат, и мини-Спигелман признава: „Некогаш не се чувствувам како функционален зрел човек.“
Сепак, зрелоста на некој начин е токму она по што Спигелман е познат. Во вечната дискусија за тоа кога стриповите конечно „пораснаа“ „Маус“ често е првиот пример. „Њујоркер“ го нарече „првото ремек-дело во историјата на стрипот“. Тоа е стрипот што го прочитале луѓето што не читаат стрипови, и единствениот графички роман што освоил Пулицерова награда. Четириесет години подоцна останува монументален споменик на жанрот.
Маус е прецизно, комплексно и суптилно дело: делумно семеен мемоар, делумно историска документација и (како што докажува пасажот што погоре го опишав) делумно е мета-книжевна белешка за сопственото создавање. Рамковната приказна, сместена во 1970-ите во Њујорк, ја покажува врската на пораснатиот Спигелман со неговиот намуртен и ексцетричен татко Владек, и неговите обиди да го интервјуира за неговиот ран живот. Во тоа е вплетена врската на Владек со мајка му на Спигелман (која се самоубила во 1968, кога Арт бил во доцните тинејџерски години), издигнувањето на нацистите и патот до Аушвиц.
Се работи за парадоксална мешавина на каикатура и екстремна верност на вистината. Во историските делови Германците се нацртани како човеколики мачки а Евреите како глувци, а во дел од приказните од сегашното време протагонистите носат глувчешки маски. Акцентот – англискиот изговорот на таткото со полско потекло – е беспрекорно доловен. Спигелман лудо се трудел да го верифицира секој историски детал, сѐ до изгледот на машинеријата во работилницата каде работел татко му.
Во еден миг во книгата Спигелмен е очаен: „Се чувствувам толку неадекватен“ ѝ вели на жена му, „обидувајќи се да реконструирам реалност полоша од моите најлоши кошмари. И тоа во форма на стрип. Изгледа дека се преценив.“
Упехот на Спигелман го постави овој уметник, среќен во стрип-подземјето, и следбеник на Роберт Крамб, многу цврсто во книжевниот естаблишмент. Тој стана ѕвезда на Њујокер, омилен кај академиците, и многумина почнаа да го гледаат, со доза на презир, како предводник на американската стрип-сцена.
„Кога прв пат го добив повикот за Пулицеровата награда мислев дека е зафрканција. Но штом се вратив во Њујорк, добив итен повик од Џул Фајфер, прекрасен цртач и пријател. Ми рече: ‘Мора да разбереш што имаш. Тоа ти е или дозвола за убивање или нешто што тебе ќе те убие.’
Делумно благодарение на Маус, стриповите сега се сметаат за угледни, и тоа е нешто што Спигелман никогаш посебно не го барал. Но, признава дека има свои предности. „Зачуден сум од тоа како се променија нештата. И би бил неискрен кога би рекол дека не сум сакал тоа да биде угледен медиум. Го сакам стрипот како медиум и сето она што било создадено во него од 19 век наваму. Но знам дека на одредено ниво, сакам да не мора сѐ во него да биде претворено во шега или во ескапистичка авантуристичка приказна.“
Неговото нагло полетување во уметничкиот канон било едновремено „ослободувачко и неверојатно ограничувачко“. Дури и тогаш Спигелман бил свесен дека Маус ќе го одреди. Следниот проект му бил илустрирање на поемата на Монкјур Марч „Дивата забава“ за мал весник: „Ова требаше да биде целосна спротивност на Маус: декоративно, еротично, игриво и исполнето со задоволството на создавањето; иако не беше толку задоволувачко во третата година – секој мој проект евентуално се претвора во ковчег.“
Предна корица на „Маус“
А сепак, какви прекрасни ковчези се тоа. Спигелмановата деликатност, вниманието на граматиката на стрипот и неговите наративни можности се за почит. Очекувано дека еден навидум едноставен проект ќе се претвори во тригодишна работа. За „Маус“ било потребно повеќе од деценија за да се заврши. „Мислев дека ќе требаат околу две години“.
Во поговор на „Расклопувања“, антологија на неговите рани дела, Спигелман пишува за своето помладо јас: „Во подземната стрип-сцена која се гордееше со кршењето табуа, тој го кршеше единственото преостанато табу: се осмелуваше да се нарекува себеси уметник и својот медиум уметничка форма.“ Но тоа тежнеење не прави јасна поделба на виша и нижа култура.
„Бидејќи пораснав во средната класа, бев многу сомничав кон високата култура. Ако учев за модернизам поверојатно беше да е од Винзор Меккеј и Џорџ Хериман отколку од Пикасо. Давав отпор. Го читав Кафка и си мислев како би бил добар сценарист за „Зона на самракот“.
Пресуден момент било неговото откривање на Харви Курцман и списанието „Mad“. „Претпоставувам дека ‘Mad’ беше најниската од ниската култура, но всушност се претвори во наша култура. Иронијата, себе-рефлексивноста, испрашувањето, пародичното пакување на нештата видено низ таа призма.“ Неодамнешното пропаѓање на тоа списание беше, вели, „остварена мисија. Знаеш, направи сѐ што требаше.“
Спигелман е зачудувачки флексибилен како уметник. Панел на Даниел Клоус или Џек Кирби е веднаш препознатлив дека е од тој уметник. Но гледајќи ги урбаните слики за „Дивата забава“ или неговите психоделични рани дека во „Raw“, или мешањето на стилови во „Во сенката на непостоечки кули“, тешко би ги поврзале со авторот на Маус. Тој е, како што се велеше за покојниот Клајв Џејмс, „брилијантен збир од луѓе“.
„Ми се допаѓа една фраза од Пикасо: ‘Стилот е разликата помеѓу кругот и тоа како ќе го нацрташ.’ Сакам да го користам кој било стил кој е соодветен на делото, и стилот да е во иста мера откривање на делото како и самото дело. Сѐ што правам настапува после многу стилистичко истражување. А главното нешто што го создава мојот стил е тоа што едноставно лошо цртам.“ Вели дека кога се обидел да напише текст за други луѓе да го нацртаат, сфаќал дека другите луѓе не можеле да го нацртаат погрешно на вистинскиот начин.
Насловна за Валентиново на „Њујоркер“ (1933); Автопортрет (1999); Списание „Raw“, автопортер со Маус маска, студија за „Четири глувци“ (1991)
Во „Маус“ е вклучен целосен репринт на неговиот краток стрип „Затвореник на пеколната планета“, во кој многу експресивно го опишува својот нервен слом по самоубиството на мајка му (тука Спигелман е претставен во пижами и капа со риги како затвореник во Аушвиц). Една причина за тоа е, вели, дека било потребно неговото распаѓање да се внесе во претставувањето, но другата била формален аспект, кој требало да покаже дека цртачкиот стил во „Маус“ бил намерна одлука.
Едно од неговите претставување на политичкиот момент исто така имаше драстичен стилистички ефект. „Во сенката на непостоечки кули“ беше неговиот одговор на 11 Септември, и тоа го изместило не само од неговите сонародници (Дејвид Ремник одбил да објави во „Њујоркер“ стрип на автор кој бил „еднакво тероризиран и од Ал-Каеда и од својата влада“) туку и од себе. „Мислам дека тој стрип беше блиску до некакво очајно барање скровиште среде ураган. Стилот се менуваше од секвенца во секвенца и од панел во панел. И тоа сосем одговараше на обидите да се справам со фрагментацијата што 11 Септември ја предизвика во мене. И мислам дека дотука сум стигнат.“
Но вели дека не чувствува потреба да одговори на тековните политички пресврти во Америка преку уметноста.
„Брзо сфатив дека не сакам да станам карикатурист на Трамп – дека на тоа на крајот само го храни неговиот нарцизам. Само се повлеков и сега се обидувам да сфатам што ни се случува. Тоа ме тера да повлечам нешто што го реков во 2001, кога не можев да се поместам од 11 септември во 12 септември. Околу три месеци подоцна си го прибрав мозокот во главата и реков: ‘Изгледа катастрофата е мојата муза’ – Сега катастрофата е само катастрофа“.
На некој начин, тоа беше темата на „Маус“ – меѓу останатите анализи, уверливото претставување на многу тешкиот и непријатен карактер на Владек. „Сметав дека е важно да се покаже дека нема ништо благородно во тоа да се биде жртва. Тоа е многу христијански концепт. Но луѓето не излегуваат од тоа подобри – само исплашени. Некој ќе излезе од тоа со многу мудрост, некој еднакво глупав како и претходно, некој уште потрауматизиран и поизгубен од претходно. Тоа е спектар. Но, тоа е што е: не преживеале најдобрите, ниту најлошите. Исходот бил случаен.“
Фрагмент од стрипот „Во сенката на непостоечки кули“
Извор: Гардијан
„Маус“ од Арт Спигелман на македонски јазик е објавен во стрип-едицијата ЛИФТ на книгоиздателството Темплум.