„Вокабуларис“ - дебитантски роман на Александра Мачковска

22.10.2020 13:14
Објавен романот „Вокабуларис“ од Александра Мачковска


Деновиве беше објавен романот „Вокабуларис“ од младата писателка Александра Мачковска (Ен Игма), во издание на книгоиздателството Темплум. Книгата е во рамки на едицијата Катапулт.

Се работи за дебитантски роман во кој авторката на интересен начин ги вплетува световите на фантазијата и реалноста балансирајќи помеѓу необични автореференцијални експериментирања и динамична приказна. Можеби најинтересен е капацитетот на авторката за менаџирање на прилично комплексен наратив.

Во Вокабуларис - светот на Зборовите - Човек, главниот зоолог, го ослободува вирусот на Неписменост кој ги заразува повеќето од неговите сограѓани. На невините Зборови во мирното општество им се заканува исчезнување ако не го најдат лекот. Ако само еден Збор е загубен, Вокабуларис може да престане да постои. На два млади Збора, Грозна и Лага, им се губи трагата.

Детската невиност не останува недопрена и во реалниот свет. Во една од големите метрополи се одвива потрага по Габи, младо девојче кое исчезнува после невина лага. Полицијата се сомнева дека таа е загубена во каналите на грозоморен криминал кој го инфицира градот. Дали Габи губи повеќе од патот кон својот дом?

Што е тоа што ги поврзува светот на Зборовите и светот на Габи?

Александра Мачковска е родена и живее во Скопје. Дипломирала книжевност на катедрата за англиски јазик. Работела на преводи и статии на повеќе веб страници од странство. „Вокабуларис“ е нејзин прв роман, оригинално напишан на англиски јазик. Го пишува својот втор роман „Ходник кон амнезија“.


Во продолжение ви ги претставуваме првите две поглавја од книгата.


Светот на Зборовите

Во паралелна реалност, недалеку од нашата, постоеше свет различен од овој што го познаваме. Неговите жители, Зборовите, го нарекуваа Вокабуларис.

Во оваа необична земја кон небото се креваа високи ридови и планини од црн и сив графит, а огромни полиња од хартија и пергамент се протегаа на хоризонтот, далеку до кај што допираше погледот. Реките и езерата од мастило во различни бои течеа кон безграничниот океан, каде нијансите се влеваа во виножито, кое резултираше со најтемната црна. На бреговите на океанот, Букворастенија во сите бои го украсуваа величествениот пејзаж и создаваа чудесни паркови и шуми полни мистерија. Внатре, лисјата кои паѓаа го исполнуваа воздухот со поговорки правејќи ги искуствата на шетачите секогаш необични.

Зборовите беа тие кои беа одговорни за обликувањето на Вокабуларис. Тие градеа мали населби и големи градови и го обработуваа графитот за да произведат Букви потребни за опстанок. Имаа човечки карактеристики, иако беа прилично различни од она што за нас е човек. Некои беа Италик, други беа Стандардни, а останатите беа Засилени, но се чинеше дека тие не ја забележуваа разликата. Никогаш не се стремеа да бидат уникатни. Тоа им доаѓаше природно зашто нивниот идентитет беше темелно вткаен во нивните карактеристики. Имаа и посебен збор за градивото на нивната личност. Го нарекуваа Фонт.

Нештата за кои немаа зборови беа „суровост“, „ропство“ и „убиство“. А не беше како да немаа Граници. И не само тоа, имаа и Маргини! Само, едноставно не беше во нивната природа да бидат територијални. Наместо тоа, работеа заедно за да го унапредат своето мирољубиво и просперитетно општество. Вокабуларис беше живеалиште и на едни други суштества - Мислите. Тие беа водени главно од своите инстинкти. Живееја над површината, пливаа во мастилото, летаа во воздухот, а некои од нив копаа тунели во графитот правејќи домови за своите малечки.

Ние без мака би ги препознале Китовите Мисли кои ги пееја своите мелодии на отворениот океан, Лавовите Мисли кои рикаа во саваните или Мајмуните Мисли кои висеа од Букводрвјата во џунглата. Тие и онака беа слични на китовите, лавовите и мајмуните во нашиот свет. Но, имаше и друг, различен вид Мисли со карактеристики кои не беа слични на ништо што ни е познато. Секоја од овие необични Мисли си имаше свој уникатен облик и симетрија, како и своја нарав. Апстрактни Мисли ги нарекуваа. Всушност, кога би биле во нашиот свет тие би биле само концептуални, но во Вокабуларис беа сосема видливи и опипливи.

Мислите на Љубопитност, кои имаа многу слична форма со прашалник кој секогаш душкаше наоколу, Мислите на Досада – грутки кои никако не се придвижуваа од местото на кое првично ќе се појавеа, Мислите на Изолираност, кои обвиткани во стрип-балонче секогаш го држеа своето растојание од другите Мисли, или Мислите на Привлечност кои пак ќе ја прегрнеа секоја Мисла која ќе ја сретнеа... тие беа вистинска глетка дури и за Зборовите кои секојдневно се сретнуваа со нив. Апстрактните Мисли ним им беа толку егзотични што ги чуваа во Зоолошката градина во градот, понекогаш занемарувајќи го фактот дека всушност се работеше за диви суштества. Ова расудување би можело лесно да го предизвика крајот на светот каков што Зборовите го познаваа.


Вавилонската кула

„Брзо, донесете мастило, кулата гори!“ извика еден млад Збор од внатрешноста на конструкцијата. „Што се случува таму горе? Од каде тој оган?!", прашуваше друг, средовечен, Засилен Збор, откако застана на окното на прозорецот и погледна нагоре.

Црвени тули и греди паднаа покрај него и речиси го удрија по главата, кога се слушна глас од малку погоре: „Бегајте, Зборови! Спасете се! Вавилонската кула се руши! Се појави Мисла која предизвикува страшен пустош! Некој нека ги викне Човек и другите зоолози! Мораат да ја стават Мислата под контрола! Ситуацијата е лоша… Зборови почнаа неразбирливо да зборуваат, има збунетост, неред! Сите симнувајте се...porta aiuto...siamo tutti in pericolo ...“

„Ништо не го разбирам“, му дофрли младиот Збор на својот пријател кој сега се држеше на сајлите на скелето.

„Вели дека се појавила опасна Мисла. Да го викнеме Човек и да донесеме мастило and try to extinguish the fire !“ му рече средовечниот Засилен Збор на својот пријател, кој збунето му одговори: „Je ne te comprends pas “ но сепак, ја испружи раката и му помогна да влезе внатре.

Сфаќајќи дека се во непосредна опасност, Засилените Зборови бргу се симнаа на дното на зданието. Откако пожарот беше изгаснат, сѐ што остана како спомен од тој ден беше нивниот неразбирлив разговор и три илјади години старите остатоци од споменикот во центарот на градот.

Александра Мачковска на Окно