Пале сам на светот

23.10.2020 11:20
Пале сам на светот

Кога бевме мали сестра ми и јас, речиси сите книги што ги имавме дома беа на српски/ српскохрватски јазик. Тие ни доаѓаа од Белград - најчесто по пошта, пратени од блиски роднини и пријател(к)и на мајка ми. Некои од нив не беа дури ни нови. Такви беа двете што ми беа долго време омилени: Книгата број 1 (интимно наречена и „книгата што ме спаси“) и Книгата број 2, со интригантен наслов „Пале сам на светот“.

Тоа беше едноставна приказна, со едноставен, чист (денес и многу модерен) цртеж, за детето Пале кое се буди едно утро и открива дека останало само на светот. Отпрвин тоа му е интересно и забавно, но како што минува денот, така му станува сè помачно и најнакрај, кога веќе го фаќа уплав, за среќа се буди и сфаќа оти сето доживеано било само сон.

Токму таа приказна, кога малку потпораснав, ми послужи како инспирација за сопственото мечтаење. Си замислував дека зад витрината од трпезаријата на мајка ми има тајна, невидлива вратичка. Ако силно и упорно посакува, човек би можел да дојде до неа само ноќе, додека сите спијат. Сонувачот (а тоа бев јас!) би успеал да го „излаже“ сонот, да се провре низ вратичката и да се најде во светот - двојник на нашиот свет. Единствената разлика би била во тоа што во светот двојник би немало луѓе и што, со помош на мислата, човекот - сонувач би можел за миг да се најде каде што ќе посака. Моите глобтротерски желби беа скромни: Скопје - Белград - Мошќеничка Драга ми беа сосема доволни дестинации.

Сосредоточена на желбата да ја отворам невидливата вратичка, успеав неколку пати да дојдам насоне до неа. Но не втасував далеку. На патот секојпат ќе ми се испречеше една празна слаткарница, со купишта преслатки колачиња од кои ми се лошеше, па ожеднував и се будев!

Дента кога престанав да мечтаам за тајната вратичка, сфатив дека сум пораснала.

 Извор