Изложба на Филип Велковски - „Идиоми“ во КСП Центар- Јадро

23.10.2020 12:23
Изложба на Филип Велковски - „Идиоми“ во КСП Центар- Јадро

Самостојната изложба на Филип Велковски на која е презентиран циклусот слики со наслов „Идиоми“ е отворена во КСП „Центар - Јадро“.

Ова е втора самостојна изложба на Велковски. Според историчарот на уметност, Владимир Јанчевски, новиот проект на Велковски, за разлика од неговиот прв проект „Лиминални фигури“ (2017, МКЦ), каде што примарен предмет на сликарското истражување е фигурата, во циклусот „Идиоми“ фокусот е на бојата, на пресекот помеѓу текстурата и скриените текстуални и визуелни пораки, кои се откриваат под површината низ изгребаните и излупени слоеви на густите наноси боја. Сликите на тој начин формираат палимпсестна структура, која е метафоричен приказ на комплексното функционирање на човековиот ум, на аморфноста и флуидноста на мислите во некоја претпоставена фаза пред кристализирање на идеите.

„Современата култура е во знакот на новите технологии и мрежното искуство на визуелното. Но и покрај специфичните дигитални системи и носачи на информација, феноменот на сликата, различните начини на сликотворење и мотивите што стојат зад тоа остануваат голема енигма. Во ерата на „сликовниот и биокибернетички пресврт“, кога човекот го нема ексклузивитетот на создавање слики, ние сè уште сме опчинети од нив, без оглед на нивната генеза“, пишува Јанчевски и додава: „Гледачот е соочен со еден вид отворено дело: просторот што авторот го замислува како реконструкција на „ќелија на умствени мапи“, ги поврзува поединечните слики заедно со насочената светлина и суптилниот звук, во една симбиотичка целина“.

Филип Велковски (1988) е визуелен уметник кој живее и работи во Скопје. Во фокусот на неговото уметничко истражување се умствените слики, соништата и маргиналната митологија. Ги користи медиумите на сликарство, инсталација и дигитална илустрација со цел да произведе измислени сценарија и субверзивни простори. Делата на Велковски се составени од густи слоеви на бои и разновидност на материјали, преку кои тој ги потенцира материјалните и метафизички аспекти на самиот медиум и нејзината поврзаност со општеството.

Делата на Филип биле претставени на XII биенале на млади уметници во МСУ, Скопје, Македонија (2018); работилницата и изложба во „Neu Neu Gallerie“ – експериментален галериски простор како дел од Documenta XIV во Касел, Германија (2017); а истата година тој ја имаше и својата прва самостојна изложба „Лиминални фигури“ во галеријата на МКЦ, Скопје.

Од 2012 година, Велковски работи со уметничкиот колектив КУЛА (платформа за вкрстени уметнички тенденции и инвентивни иницијативи на културната агенда на град Скопје. Покрај неговата уметничка пракса, Филип работи и како кустос на мултимедијалниот уметнички фестивал „Под земја полесно се дише“ во Скопје.