1026 hPa
43 %

9 °C
Скопје - Пон, 10.02.2025 17:26
Во корпусот на дигиталниот речник на македонскиот литературен јазик имаат речиси ист ранг двата збора за соба за чекање: чекална и чекалница. Можеби за денешните лингвисти чекалница е повеќе во духот на македонскиот јазик. Сепак, се прашав кој од овие два збора е за мене симбол за чекање, особено во болниците? Тоа е само зборот чекална! Со него сум порасната. Во него одекнува ехото на систематските прегледи во педесеттите. Можеби тој е кратенка од пошироката синтагма „чекална соба". Како што „приемна соба" се крати само на приемна. Како што за „дневна соба" велиме само дневна.
Во зборот чекална е сочуван и трепетот и стравот на детето во мене од болниците, од белите мантили на лекарите. Во зборот чекална е и мирисот на социјалистичките амбуланти и на жолатата хартија на големите картони во кои медицинските сестри запишуваа нешто што за мене, исплашеното дете, беше загадочно како и болеста и болката.
Богатството на јазикот е кога за исто нешто има повеќе изрази. А слободата во јазикот е да имаме право да го избереме тој, кој за нас содржи најголемо асоцијативно богатство.
Василиј Кандински слушал музика кога ги гледал боите. Рембо и Маларме гледале бои во зборовите. А за мене зборовите мирисаат! Чекална мириса на социјалистичкото детство. А зборот чекалница за мене нема мирис. Затоа што никогаш не сум го почувствувала како трепет во телото. Тој е празен збор, а чекална е полн. Тајната на литературата е во зборовите кои за писателот се толку полни со доживувања, што тие и за читачите веднаш се преобразуваат во слики.
Слика: Tirtzah Bassel