Кога се бара таткото

24.10.2020 14:54
Кога се бара таткото

Наскоро од печат излегува книгата „Трчање во место“ од Рената Салецл, филозоф, социолог, правен теоретичар, една од најзначајните словенечки интелектуалки. Книгата е издание на „Темплум“ и на „Контрапункт“ како дел од едицијата „Пунктум“ која произлезе од КРИК - фестивал за критичка култура. Овде, на Окно, претставуваме дел од текстовите во книгата.

Дали некогаш сте размислувале дали мажот што ве воспитувал навистина е вашиот биолошки татко? Или, пак, ако сте машко, сте се прашале ли дали децата за кои се грижите навистина се ваши генетски? Со првото прашање се занимаваат многу деца кога ги поминуваат фазите на бунт против родителите, кога, на пример, имаат чувство дека се сосема поинакви личности од своите родители. Детските фантазии за тоа дека, можеби, по грешка ги замениле во болницата, дека родителите го кријат фактот дека ги посвоиле или дека таткото не им е вистински татко, се нешто доста вообичаено во фазата на растење. За таткото прашањето дали децата навистина се негови може да биде поврзано со реалното чувство на сомнеж дали навистина е биолошки татко, а може да биде поврзано и со конфликтниот однос што го има со својата партнерка и поради кој непрестајно се сомнева во нејзината искреност.

На прв поглед се чини дека современата наука таквите прашања, кои одамна ги прогонуваат луѓето, ги прави непотребни. Имено, американското претпријатие што се занимава со генетска технологија дало на пазарот тест за утврдување на татковството, кој можеме едноставно да го примениме дома. Луѓето можат за дваесетина долари, во поголем дел од големите американски аптеки, да купат едноставен уред што овозможува од внатрештоста на устата на детето, на потенцијалниот татко (и, ако сакаме, и мајката) да се земат клетки. Клетките потоа се праќаат во посебна лабораторија каде што ќе се утврди нивната ДНК структура. Па за стотина долари, по неколку дена, се добива резултат. Работата изгледа идеална и убедлива, а посебно бидејќи продавачот на уредот нѐ убедува дека резултатите се 98-постотно точни. Затоа уредот за миг станал вистински хит на пазарот.

Такво опсесивно барање одговор на прашањето за татковството има исклучитечни оптшествени последици. Иако резултатите на ова дома извршено истражување на ДНК не се употребливи на суд, на доста мажи што имаат работа со финасиски барања од жените, коишто тврдат дека тие се татковци на нивните деца, им олеснило ако покажел тестот негативен резултат. А суровата реалност е дека поради тестов се распаднале многу семејства. Многу деца мора да се соочуваат со драматични сознанија дека нивниот татко не им е билошки татко. А се разбира дека и многу жени се изненадиле од резултатите од овој тест бидејќи, можеби, навистина не знаеле со кого зачнале.

Фактот дека тестов бил 98-постотно сигурен на прв поглед изгледа мошне оптимистично. Првото прашање е на каков примерок дошле научниците до таа информација. И кога би верувале дека е вистинита, не е едноставно ако се најдеме во тие два посто во кои има погрешни резултати. Ако имаме, да кажеме, популација од сто илјади луѓе (можеби семејства) што се решиле за тестот, две илјади ќе добијат погрешен резултат. Збркава може да изгледа така што во едно семејство одеднаш ќе добијат погрешен лабораториски наод, кој покажува дека таткото не е вистинскиот биолошки татко. А грешката може да оди и во насока на тоа тестот, за некој што не е биолошки татко, да утврди дека е. Со оглед на тоа дека тестот се прави дома, постои и можност да дојде до измама и, на пример, некој планирано да го замени генетскиот материјал.

Во време кога во поголем дел на развиените и во земјите што брзо се развиваат доаѓа до големи измени во организацијата на семејството, кога се зголемува бројот на разводите и бројот на луѓето што имаат деца без да бидат венчани и кога истовремено (барем во развиените држави) од една страна расте желбата за посвојувања и од друга страна се зголемува толерантноста кон тоа истополно насочените парови да имаат деца, е изненадувачки дека толку многу луѓе се подготвени да го стават својот живот на коцка поради толку несигурен тест. Како претпријатието што го продава уредот ни најмалку да не размислува за етичките последици на својот пронајдок, а луѓето што брзаат да го купат не размислуваат за тоа какви последици може да донесат резултатите од тестот врз нивниот живот.
Со прашањето кој е навистина таткото, човештвото мора да се занимавало низ целата историја. Понекогаш дури и со опити да се оформи матрилинеарен општествен поредок. Парадоксално, одговорот на прашањето кој е таткото не го добиваме од едноставната биологија. Да се биде биолошки татко и да се биде социјалниот, симболичен татко, имено, се две мошне различни нешта. Ако може првиот да биде сведен на едноставна сперма, другиот, всушност, е „вистинскиот“ татко. За детето е важно родителите да ја преземат симболичната улога на родители. И кај мајката само биолошката функција не е доволна. Мајката што, на пример, не ја презема симболичната улога на мајка, може да се сфаќа повеќе како сестра на својата ќерка. Исто така биолошкиот татко што не ја презема симболичната улога на татко, иако се грижи за детето, ќе биде доста травматична фигура во подоцнежниот живот на детето. Тоа дете, на пример, ќе може постојано да се прашува зошто таткото не дејствувал како татко туку повеќе како брат или, пак, како дете на детето. А истовремено е важно и тоа дека она што го бара поединецот на рационално рамниште и она што несвесно го посакува честопати се две различни нешта. Можеби рационално посакувеме да дознаеме кој е нашиот татко, а несвесно и не сакаме. Обично токму одлуката да се има дете е слично комплицирана.

Американската психоаналитичарка Паола Миели (Paola Mieli) пишува за пециентката по име Рејчел (Rachel), која во животот најмногу од сѐ посакувала дете. Бидејќи не успеала да најде соодветен партнер, се решила за вештачко оплодување со сперма на анонимен дарител. По многуте неуспешни обиди за вештачко оплодување и по менување четири различни доктори, Рејчел решила да побара помош од психоаналитичар. (Одлуката, секако, била на место бидејќи во доста голем број примери на инфертилност, каде што медицината не наоѓа никаква физичка причина за невозможност од зачнување, се работи за таканаречената психичка инфертилност. Парадоксално, таа честопати се појавува токму во мигот кога жената рационално се решава за дете). Со анализата брзо се покажало дека Рејчел мажите ги смета за лица во кои не може да се има доверба, но бесконечно им верува на лекарите. Се покажало и дека Рејчел пред некое време дознала дека таткото што ја воспитувал не е нејзиниот биолошки татко. За време на бракот мајката, по куса романса, забременила од својот доктор. Тој и присуствувал на раѓањето, а улогата на фактичкиот татко ја презел сопругот на мајката. Во анализата излегол на виделина и фактот дека Рејчел и не сакала толку да има сопствено дете колку што се обидувала да ја реши недоумицата како дошла самата на свет. Во тој контекст и нејзиното барање добар лекар имало посебно значење.

Многу луѓе некогаш во животот се занимаваат со прашањето како дошле на свет, а, пред сѐ, се обидуваат да најдат одговор на недоумицата дали биле посакувани или не. Биологијата не може да го даде одговорот на ова загадочно прашање. Но, за жал, на тоа прашање не можат да одговорат ниту родителите (биолошките или социјалните) бидејќи тоа кога, зошто и како ќе имаме деца многу повеќе е поврзано со несвесните желби отколку со јасните рационални одлуки.

И да се вратиме на тестот за утврдување на татковството. Претпријатието што го ставило уредот на пазарот веќе подготвува нова инвенција. Во својата збирка на ДНК има информации за огромен број луѓе. Со посебно плаќање поединецот ќе може со помош на нивните услуги да истражи до каде се протега нивното семејно стебло. За жал, луѓето пребрзо се радуваат дека конечно ќе дознаат кои се нивните далечни роднини. Имено, премалку се свесни дека овие „слободно“ собрани податоци за ДНК ќе можат да почнат да ги употребуваат и државните репресивни органи.

Превод: Соња Должан

Насловна слика: Студио Кома

Слики: Paco Pomet

Извор: Рената Салецл, Трчање во место (Контрапункт / Темплум, 2020)

Кон претходните текстови  

ОкоБоли главаВицФото