Откако знам за себе

25.10.2020 16:59

Откако знам за себе
големи очекувања пловат по Вардар низводно
приносот ја надминува реколтата ланска
светли мугри се раѓаат над Водно
среќна иднина чека меѓу Илинденска и Партизанска

А Стариот постојано влечкаше торби
од Бит-пазар до Ѓорче Петров
и ме тераше да учам стихотворби
како да е тоа најважно на светов

Откако знам за себе
луѓето шепотат оти ѕидовите имале уши
а очите им ѕиркаат зад комшискиот плот
озборувањето сите граници ги руши
секој туѓ сака да живее живот

А Стариот постојано влечкаше торби
од Бит-пазар до Ѓорче Петров
и ме тераше да учам стихотворби
како да е тоа најважно на светов

Откако знам за себе
ведната глава сабја не сече
и кубурот го чуваме за недајбоже
неправдата боли, неправдата пече
со пипер-патлиџан и потешко да се издржи може

А Стариот постојано влечкаше торби
од Бит-пазар до Ѓорче Петров
и ме тераше да учам стихотворби
како да е тоа најважно на светов

Откако знам за себе
луѓето се собираат на плоштад со транспаренти и знамиња
битно е само да знаеш од каде ветерот дува
мајски оди за Маршалот, потем за други редум, да не спомнувам имиња
принципите и верувањата се цврсти како прачка сува

А Стариот постојано влечкаше торби
од Бит-пазар до Ѓорче Петров
и ме тераше да учам стихотворби
како да е тоа најважно на светов

Откако знам за себе
жабите крекаат и за потков креваат нога
благородни коњи теглат, глувци оро водат
лисици повикуваат на единство и слога
глеј да не си од штрковите што очи бодат

А Стариот постојано влечкаше торби
од Бит-пазар до Ѓорче Петров
и ме тераше да учам стихотворби
како да е тоа најважно на светов

Откако знам за себе
гугутката лете навестува непозната смрт
есента мириса на ајвар, дрва се сечат за огрев
да ја куртулиме зимата, пролетта носи пресврт
и од лошо има бетер, да се жалиме е грев

А Стариот постојано влечкаше торби
од Бит-пазар до Ѓорче Петров
и ме тераше да учам стихотворби
како да е тоа најважно на светов

Откако знам за себе
некои велат лажги пловеле по Вардар низводно
грабежот е организиран, реколтата планска
апаши со тапија го запоседнале Водно
и само небиднина има меѓу Илинденска и Партизанска
и останеме ли овде
како татковците наши ќе влечкаме торби
и децата ќе ни учат стихотворби...

A јас сè уште пребројувам ѕвезди
низ црното небо над Ѓорче Петров
и се радувам кога штрк крај оџакот ќе се вгнезди
како да е тоа најважно на светов

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото