1033 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Пет, 08.11.2024 09:09
Култура на откажување (cancel culture) е практика на ускратување поддршка и групно посрамотување на социјалните мрежи, за поединци или организации за кои се проценува дека напишале, изговориле или направиле нешто спорно. Притоа, овој термин главно се користи само за лево-либералниот притисок на познати мети. Десничарските прозивања медиуми, јавни личности, општествени групи и институции веќе одамна им припаѓаат на жанровите на државниот тероризам, обичниот граѓански тероризам, секојдневното тролање и говорот на омраза. Разликата е во тоа што десните идеи имаат навистина значајно влијание на формирањето политики, од расистичкиот државен тероризам како на американската така и на хрватската/европската граница, преку укинувањето на непожелните катедри (критичарите на Израел во Америка, критичарите на Борас во Хрватска), до беспоштедната класна војна на штета на сиромашните во поглемиот дел од светот. Номинално левите идеи пак сѐ уште имаат влијание во креативните занимања, здраворазумската етика и културата на владеењето и така нивниот придонес впрочем лесно може да се омеѓи со практиката на културата на откажување.
И покрај стандардно небулозните десничарски ментални акробации кои секогаш доскокнуваат на споредбите со советите и јакобинците, културата на откажување е длабоко капиталистичка практика во која потрошувачите (фановите и следбениците на масовната култура, од уметноста преку спортот до политиката) изразуваат негодување со производот (работниците: уметници, спортисти, политичари) и бараат шефовите (корпорациите: компании, спонзори, донатори) да го отстранат од понудата. Од таа перспектива, левицата би требало да биде многу поотворена, да пропагира вредности за личен напредок и да ја комуницира комунитарната материјалистичка перспектива, без суштински капиталистичкиот аутизам инхерентен за културата на откажување. Повикувањето потенцијалните сојузници (зашто најчесто фактичките „жртви“ на културата на откажување му припаѓаат на пошироко сфатеното лево стратешко поле) да останат без работа и со тоа без материјални приходи и влијание не е субверзија. Сепак, постои и извесна благородна функција на културата на откажување која станува јасна кога поблиску ќе се лоцира кои групи се чувствуваат најзагрозени од неа.
Понижени и навредени
Во славната статија „Exiting the Vampire Castle“ Марк Фишер ги опиша главните емоционални и симболични потреби кои ги задоволува културата на откажување: свештеничката желба да се екскомуницира и осуди, желбата на академикот и педантот да биде првиот што ќе ја утврди грешката, хипстерската желба да се биде инсајдер. Иако Фишер е остар критичар на културата на откажување, можно е таа навистина да пропагира подобри практики за свештенството, академиите и хипстерлукот, односно најмногу да ги загрозува токму најлошите претенденти за таа улога во јавниот простор.
Први се традиционалните лево-либерални политички елити кои уште од крајот на Втората светска војна себеси се доживуваат како технократија; управителите на системот кои го познаваат, следат и создаваат консензусот на „струката“: академска и занаетска. Масовната невработлива миленијалска генерација и покрај одличното образование (кое покрај тоа е и неисплатлив долг во Америка) со своите прозивки на социјалните мрежи ѝ порачува на оваа елита дека е глупава. Едноставно престанаа да ги следат трендовите во промислувањето на општеството и политиката и сега се посрамотуваат секогаш кога ќе излезат во јавност со нов предлог. Обвинувањата за сексизам, расизам и класизам на оваа група не ѝ пречат од идеолошки причини, туку затоа што се паметни, подобро ги опишуваат причината, последицата, проблемот и решението од нивните застарени догми. Во Америка, откако двајцата претходни демократски претседатели Клинтон и Обама, впрочем беа безпреседански талентирани за препознавање на културниот капитал од својата доба, се чувствува длабоката анксиозност на мејнстрим културата заради неинспиративноста на кандидатите како Џо Бајден во светот на социјалните мрежи. Во Хрватска, СДП во коалицијата Можеме доби рефлексија како требаше да изгледа нивниот освежен кадар уште пред десет години, доколку имаше слух и стратегија. Наместо тоа го туркаа Бернардиќ кој се повикува на Тони Блер.
Следна група е онаа која сака да мисли дека е кул, хип, и која во времето пред социјалните мрежи осуди многу генерации на непоимливо бедни стандарди на бунт и хумор. Квартовските легенди и одделенските кловнови кои денес се жалат дека хуморот умира зашто никој не мора да ги трпи нивните празни и бајати фори. Оваа група забавувачи од општа пракса (комичари, глумци, водители...) ги вознемируваат прозивките за сексизам, расизам и класизам зашто откриваат колку им е беден хуморот. Длабока анксиозност им предизвикува тоа што немаат ниедна идеја која излегува од конвенционалните рамки, па кога еднаш конвенцијата ќе се прогласи за спорна тие остануваат без ништо. Во Америка интересен обид за интроспекција на оваа група претставува Џо Роган, најголемиот подкастер на светот кој иако често им дава простор на најлошиот десен мејстрим и андерграундот, начелно се обидува да ги отвори видиците па го поддржува Берни Сандерс и го угостува Корнел Вест. Во Хрватска оваа група ја претставуваа ликови како Жељко Перван, Давор Дретар Дреле, Александар Станковиќ и Прљаво Казалиште. Забавувачи чија функција беше да ѝ дадат бунтовничка, забавна и автентична нота на Хрватска. Денес новата генерација со сличен профил полека се профилира преку подкастови на Јутјуб, често баш под директно влијание на Роган, но засега без номинална отвореност кон левицата.
Победа над лошиот консензус
Третата група, „свештениците“ односно јавните интелектуалци, почна да лелека минатата недела преку колумната на Миленко Јерговиќ. И во Америка и во Хрватска сѐ уште постојат моќни традиционални медиуми и позицијата колумнист за некои од овие медуми на авторите им всадува чувство на главен пастир и морализатор и навидум никаква самосвест или хумор на сметка на привилегираноста и компромитираноста на таквата позиција. Прозивките за сексизам, расизам и класизам ги вознемируваат зашто сугерираат дека можеби тие не се најголемите морални арбитри. Се навикнаа, и описот на работата им е да бидат опозиција на политичарите и „варварскиот народ“, но не навикнаа навистина да бидат предмет на критика на мислечкиот народ, милиони кои сега имаат своја платформа преку социјалните мрежи и не се осудени да се согласат со „помалото зло“, на пример, да го имаат Јерговиќ кој божем е гласноговорник на хуманистичките и прогресивните вредности. Не помага што во последните десетина години и повеќе најмоќните и најпаметни креативни дела ги пишуваат во припростиот домен на ТВ ситкомите и комедиите, а не пишуваат романи, филмови, драми, музика и визуелна уметност во кои јавните интелектуалци вообичаено многу повеќе се емоционално и интелектуално закотвени.
Иако сите овие групи сакаат да ја споредуваат културата на откажувањето со емоционално незрелите разбеснети толпи, вистина е дека таа многу повеќе може да се согледа во текстовите и објавите кои гледаат од височина и им се подбиваат. На тој начин културата на откажување најпосле го разбива можеби и повеќевековниот монолит на спрегата на идеолошки празните владејачи, баналните бунтовници и безрбетните морализатори. Ни конкретните методи ни конкретните цели на културата на откажување можеби не се долгорочно корисни и пожелни, но треба да се цени што полето на креирање мислења најпосле е поле на очигледни конфликти каде досега комотните класи на лошиот консензус мора да размислуваат што зборуваат, пишуваат и работат. Тоа е мала, ситничава но важна победа.
Слики: Рawel Кuczynski
Извор: https://www.bilten.org