Амди Бајрам ќе остане запамтен како убедливо најзабавниот политичар во Македонија

26.10.2020 08:01
Амди Бајрам ќе остане запамтен како убедливо најзабавниот политичар во Македонија

Денес заврши една епоха во македонската политика, па и поп-култура. Како и да ја свртиш, Амди Бајрам ќе остане запамтен како убедливо најзабавниот политичар во Македонија. Даде безброј урнебесни изјави, беше крал на лексичко-синтаксичкиот брејкбит и шампион на политичкиот опортунизам, но и единствен кој не се срамеше отворено да го признае тоа.

На испраќање, наместо на легендарните гафови, ќе потсетам на една негова трогателна, неправедно заборавена изјава ( „Фокус“, 22.11.2016). Тие денови, јавноста му фаќаше сеир за бундата од бизон (потоа се покажа дека не е од бизон) со која се шеташе на предизборните митинзи. На прозивките, Амди одговори вака:

„Оваа бунда во светот на модата е позната како астраган-нерц, и бизонот не може да се мери со неа, далеку е поскапа. Ја добив на поклон од мојата мајка пред две години, и емотивно сум врзан за неа. Мајка ми, која што живееше во Њу Џерси, Америка, цели 47 години, почина пред година и половина, и секогаш кога ја носам бундата од неа, како таа да ме прегрнува и грее.“

Мирно небо, господине Бајрам. И топли бунди од Онаа страна.

 

ОкоБоли главаВицФото