Невработените културни работници како општествен шљам

26.10.2020 11:04
Невработените културни работници како општествен шљам

Се надевам дека „културните" работници наскоро ќе си ја земат државната плата што им следува. Исто така се надевам дека сега, кога осетија на своја кожа, нашиве колеги барем за кратко се потсетија како ни е нам, на остатокот од исто толку „културните" работници кои со децении не ја уживаме привилегијата секој први да ни капне плата - работеле или не работеле.

Ние сме тој општествен шљам кои не само што не го уживаме тој први во месецот, туку како последни изроди не сме ни социјално згрижени, ни пензиски, ниту здравствено осигурани, а за да биде апсурдот уште поголем немаме ни право да бидеме членови на синдикалните организации - зашто не сме вработени. Ние немаме ни колектив а камоли договор. Ние за државава постоиме само како единки кои со плаќање даноци од секој заработен денар треба да го дополнат буџетот, меѓу другото и за платите од колективниот договор на привилегираните културни работници - а за возврат не добиваме ама баш ништо.

Ова го кажувам зашто сите вие, привилегирани колеги, сте биле во таа ситуацијам но од моментот на вработување целосно сте заборавиле на колегите кои ја немале таа среќа. Понатаму, секоја форма на организиран притисок за остварување на вашите работнички права ја поврзувате единствено со вработените поединци, притоа целосно отфрлајќи го, не споменувајќи го и заборавајќи го огромниот број на колеги надвор од институциите.

 Слика: Nathan J. Sawaya