1020 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 05:59
Какви се влоговите на претстојните претседателски избори во Соединетите држави? Верувам дека сè може да се собере во еден збор: „нормалност“. Но додека го пишувам тој збор, чувствувам нелагодност. Кај луѓето од источна Европа од мојата генерација, тој збор ги оживува непријатните сеќавања на „нормализацијата“ во Чехословачка, во 1968 година, кога Советскиот сојуз и неговите (денес би рекле) „коалициските партнери“ извршија инвазија, ја згаснаа Прашката пролет и ја вратија на власт старата гарнитура.
Постои и уште една причина за нелагодност. Соединетите држави ни пред Трамп не беа во најдобра форма. Токму таа претходна „нормалност“ го доведе Трамп на власт. Овде не е отповеќе ако го освежиме сеќавањето. Соединетите држави во мандатите на Џорџ В. Буш започнаа неколку војни кои го дестабилизираа Блискиот исток и според некои проценки, усмртија половина милион луѓе. Во мандатот на истиот претседател се случи една од најголемите економски кризи по Големата депресија. Неговиот наследник во Белата куќа на банкарите кои ја предизвикаа кризата им одобри финансиска помош, произведе хаос во Либија и го занемари десеткувањето на средната класа во Америка.
Што е тука „нормално“? Сепак, може да се тврди дека постојат и некои суштински разлики, покрај односот кон кризата предизвикана од Ковид-19, на која администрцијата на Трамп реагираше исклучително неодговорно и цинично, главно ја игнорираше и така придонесе за смртта на речиси 250 илјади Американци. Првата важна разлика е во тоа што заминувањето на Трамп би им ставило крај на секојдневните борби со новинарите, политичарите, глумците, приватните личности, телевизиските продуценти, практично со секој што ќе му се најде на патот. Доаѓањето на нова администрација би го сопрело и неодговорното распалување на раздор помеѓу различните групи Амерканци заради опстанокот на власт. Тоа би значело крај на отворено расистичките настапи на највисоките претставници на администрацијата. И идејата да се постават алигатори на границите за го спречат влегувањето на мигрантите – би била заборавена.
На надворешно политички план тоа би довело до попуштање на напнатоста во односите со Кина. Трамп ги продлабочи тензиите во односите меѓу тие две држави и ќе биде потребно прилично време да се поправат тие односи. Однесувањето со кое се имплицира дека пандемијата со Ковид-19 е кинески заговор со цел тој да се собори од власт е многу опасно. Американските односи со Кина нема да се вратат на истата точка на која беа пред Трамп да дојде на власт, но барем ќе се намалат можностите за завојување на овие две нуклеарни сили.
Што би можеле да бидат позитивните страни на таа нова „нормалност“? – да не го набројуваме само она што администрацијата на Бајден нема да го прави? Тука немаме многу причини за оптимизам. Не само заради политичката кариера на Бајден, долга половина век во која нема многу светли моменти, туку и заради доминантниот наратив кој го прифаќа либералниот естабилишмент. Тој естабилишмент, покрај претставниците на демократскиот центар вклучува и многу републиканци. Според овој наратив, сè што било пред Трамп било совршено, а потоа одеднаш сè се урнало. Освен што не е точен (поради веќе споменатите причини), таквиот наратив е и опасен затоа што наведува на заклучок дека нема потреба нешто да се менува. На Соединетите држави им се неопходни промени со кои ќе се реши проблемот на дистрибуција на богатството, елитистичкото образование, дисфункционалниот систем на здравствена заштита, плутократскиот политички систем, пропаднатата инфраструктура, намалувањето на средната класа, неконтролираните монополи. Кој ќе ги спроведе тие промени? Овие денови честопати се повикува новиот Рузвелт. Може ли Бајден да одговори на таа задача? Не треба да се заборави дека многу од достигнувањата на Рузвелт биле можни пред сè благодарение на духот на соработка помеѓу класите, која беше изграден за време на војната. Денес немаме ништо слично и се надеваме дека нема да биде потребна војна за да се обнови духот на соработка.
Така по малку размислување доаѓаме до заклучокот дека (веројатно) од новата администрација не треба да се бара враќање на „нормалноста“, туку најтемелна ревизија на државните политики по онаа која ја спроведе Реган во 80-тите години (во спротивна насока). Америка честопати имала среќа и успеавала да го изненади светот со необичната способност да пронајде излез од навидум безизлени ситуации. Зарем не зборуваа за Труман дека е премногу мек? За Кенеди дека е премногу неискусен? За Рузвелт дека е изданок на повисоките класи? Прашањето гласи: дали Бајден ќе успее да го изненади светот и – самиот себе?
Слики: Ron English
Извор: Global inequality