Асистентката и работата

28.10.2020 00:54
Асистентката и работата

Филмот Асистентката (The Assistant), на режисерката Кити Грин, на почетокот беше дочекан како филм на движењето #metoo. Тешко е да не се гледа на овој начин. Филмот за кој неговата режисерка/сценаристка зборува како за „сценизирана не-фикција“ се занимава со еден ден во животот на астистентката на еден холивудски продуцент, кој во секоја смисла делува како тип сличен на Харви Вајнстин, сѐ до залихите со инјекции алпростандил кои ги чува во својата канцеларија. Филмот е интересен зашто во ниеден момент не го прикажува овој лик, задржувајќи се на звукот на неговиот глас додека се дере и на приказот на неговите манипулативни мејлови. Филмот не го интересираат пословичните „гнили јаболки“, како што вели Грин, туку структурните услови кои ги овозможуваат таквите личности.

Исто така, филмот не се фокусира на конкретна мета на сексуално напаствување или злоставување, туку на асистентката од насловот, Џејн (Џулија Гарднер), која е најнова меѓу асистентскиот персонал и единствена жена меѓу нив. Филмот прикажува еден ден од нејзиниот живот, почнувајќи од раните утрински часови, кога автомобил ја зема во Асторија и ја вози кон Менхетен. Доаѓа во канцелариите пред сите други, ги пали светилките, прави кафе и ја чисти канцеларијата. Пред сѐ, се прикажува исклучителната разновидност на нештата кои се очекуваат таа да ги изврши и со кои мора да се соочува, од фотокопирање до организирање патувања. Во одредена смисла, таа е олицетворение на виртуоз за што пишува Паоло Вирно - нејзината работа е дефинирана преку конститутивната интимност со контингентното, непредвиденото и потенцијалното. Гледаме на кој начин се адаптира и осмислува нови одговори на различни ситуации, на пример, кога користи апликација за преведување за да комуницира со куќната помошничка што зборува шпански. Нејзината способност да прилагоди, осмисли и измисли одговори за секоја ситуација се намалува со начинот на кој нејзиниот статус постојано го сведуваат на млада жена. Тоа што таа е задолжена да оди по салати и сендвичи за ручек можеби е затоа што е најнова асистентка, вработена на тоа место само помалку од два месеци, но кога шефот ќе ѝ се извика со зборовите „Зошто не се држиш до она во што си добра, нарачување салати“, со тоа ѝ дава до знаење дека таа задача не ѝ е доверена зашто е најмлада асистентка. Кога некој подоцна, не е јасно кој, ќе ги доведе своите деца во канцеларијата, кристално е јасно дека од Џејн се очекува да ги причува затоа што е жена. Работата на асистентката е комбинација на апстрактна неодреденост, зашто од вас се очекува да се соочите со разни неочекувани ситуации користејќи креативност, снаодливост и конкретна специфичност, зашто постојано ја прилагодуваат на сопствените очекувања за она што би требало да го работи во склад со нејзините пол и возраст - да внимава на децата, да исчисти и да почитува.

Џејн има амбиција да стане продуцентка. Во еден момент гледаме како краде неколку моменти за да го прочита сценарото што го фотокопира. Иако филмот прикажува само еден ден на нејзиното работно место, веќе ни е очигледна суптилната дискриминација која ќе ја ограничува. Сето време поминато во чување деца ќе ја оддалечи од важните состаноци и патувања, а нејзината улога да комуницира со сопругата на шефот, односно бидувањето филтер помеѓу нив двајцата, најпосле ќе ја наруши нејзината позиција во компанијата. Имено, бидејќи работата асистентка е сосема фокусирана на личните односи, на тоа колку добро се одесува со другите, нејзината еваулација и статус речиси во целост зависат од тоа како ќе ја евалуира нејзиниот шеф. Како што пишува Вирно, „Како да се евалуира свештеник, новинар или личност за односи со јавност? Како да се пресмета количината вера, желбата за купување и допадливост кои овие луѓе успеале да ги соберат?“ Колку работата е поинтерперсонална, толку повеќе добива карактер на лична доминација.

Филмот полека се насочува кон нејзината конфронтација со напаствувањето жени од страна на шефот. Трагите кои водат кон тоа главно се изнесуваат како лесно размотување на хорор филм. Наоѓа обетка на кацеларискиот под, еден од продуцентите ќе се пошегува дека „не е препорачливо да се седне на каучот“, се појавуваат неозначени исплати со големи парични износи, а во канцеларијата се доведува привлечна млада жена за да потпише некои застрашувачки правни документи. Ситуацијата помалку е налик на онаа од филмовите во кои секој во градот знае за чудовиштето освен дојденците. Асистентката во одредена смисла е како работнички хорор филм чија приказна е како од насловните, во голема мера како и филмот Compliance. Меѓутоа, додека последниов својствено се обидува да биде пренагласен, претходниот го задржува својот хорор цврсто во рамки на она што го препознаваме како секојдневие.

Џејн најпосле се соочува со хоророт кога ќе забележи дека ситуацијата со најновата асистентка е сомнителна. Младата жена вработена непосредно откако работела како келнерка во Бојси во Ајдахо, едвај успева да совлада како се користат телефоните, а сместена е во луксузен хотел. Кога Џејн од вицовите и инсинуациите на своите колеги ќе дознае дека шефот поминал поголем дел од попладнето во тој хотел, ќе одлучи да разговара со секторот за човечки ресурси. За неколку моменти службеникот ќе направи промена од беневолентно слушање до ладнокрвно уништување на Џејн. Укажува дека доказите ѝ се слаби, сугерира дека можеби е љубоморна на новата астистентка и ја потсетува дека стотици луѓе се подготвени да ја преземат нејзината работа. Таа заминува од неговата канцеларија во солзи и е толку вознемирена што речиси го заборава својот шал. Очигледно дека ова е централниот конфликт во филмот, голема пресметка од пригушен тип. Дополнително е пригушена со тоа што впрочем не знаеме како завршува.

Филмот завршува така што Џејн застанува во продавница за да јаде, најпосле му се јавува на татка си за да му го честита роденденот и потоа заминува во ноќта. Не знаеме дали ова е само уште еден ден во низата или ќе замине и нема да се врати. Меѓутоа, знаеме со какви ограничувања се соочува, не само заради фактот дека работата ѝ е потребна за да преживее, туку и затоа што оваа работа е поврзана со нејзините надежи и соништа. Знаеме што би требало да направи, но стравуваме од најлошото. Колку и да се надеваме дека нејзиното заминување на крајот од филмот значи и нејзино напуштање на оваа работа, исто толку можеме да стравуваме дека ќе се врати следниот ден и секој ден после тоа. Можеме да замислиме дека Џејн станува сѐ поголема соучесничка, и како што учи, како и нејзините колеги, едноставно го одвраќа погледот од конкретните хорори кои се одвиваат на нејзиното работно место. Претходно кратко пишував дека овој филм пружа социоекономска позадина на формулацијата на Спиноза „да се знае што е правилно, а да се прави спротивното“. За Спиноза оваа формула опишува како изгледа етичкиот живот кога афектите и имагинациите ќе го надвладејат она за што знаеме дека е правилно и вистинито. Во филмот Асистентката оваа формула во помала мера е етичко промашување, а во поголема мера опис на животот во капитализмот. Знаеме што е правилно и што е погрешно, но често нашите работни места, со кои ја плаќаме станарината и кои понекогаш дури се и услов за остварување на нашите соништа, бараат да го направиме спротивното. Или, како што формулираше Маркс, во шкрипец сме помеѓу политичката економија на етиката и етиката на политичката економија; едното ни кажува дека да се постапи правилно е луксуз кој малкумина можат да си го дозволат, а другото дека правилно постапување е она кое ќе ни донесе пари.

Кори Робин и Мелиса Гира Грант пишуваа за работните односи како неизречен параметар за многу нешта кои се означуваат како #metoo. Не се работи само за моќта која ја имаат мажите над жените, туку за институционалната моќ која ја имаат шефовите над вработените, или попрецизно, начинот на кој тие се испреплетени. Асистентката го прави истото, покажувајќи ни дека соучесништвото се создава на ниво на основата, а не надградбата. Принуденоста на продавање на работната сила за да се преживее делува корозивно дури и на најосновните човечки квалитети како што се достоинството и грижата за другите.

Извор: http://www.unemployednegativity.com