1030 hPa
80 %
2 °C
Скопје - Пет, 08.11.2024 23:59
Според истражувањето на ОН, секоја осма држава донела мерки за заштита на жените од социјалните и економските последици предизвикани од коронавирусот. Истражувачите ги анализирале мерките за спречување на насилството над жените и девојчињата кое се зголеми заради кризата и воведените мерки за економска сигурност на жените. Истражувањето го спроведоа UN Women и UN Development Programme. Во склоп на истражувањето покренат е и „Global Gender Response Tracker“ кој ги поттикнува владите да воведат мерки за сузбивање на диспропорционалното влијание на пандемијата на жените. Конкретно, мерките опфаќаат телефонски линии за помош и засолништа за жртвите на насилство, парична помош за жените, услуги за грижа за деца и платено боледување и платени отсуства за грижа за членови на семејството.
Истражувањето опфати 206 држави и територии и откри дека 20 проценти од нив не донеле никакви мерки кои ги земаат предвид родовите разлики, а помалку од 25 проценти од државите и териториите донеле мерки за сузбивање на насилството над жените и девојчињата како дел од националниот одговор на корона кризата. Исто така, многу мал број држави адекватно ги финансираат таквите мерки дури и кога тие постојат номинално. ОН неодамна предупреди дека, глобално гледано, пандемијата со коронавирусот му нанесе штета на и онака кревкиот напредок по прашањето на родовата еднаквост остварена за неколку децении, а закрепнувањето исто така би можело да трае со децении. Покрај другите начини на кои пандемијата ги погоди жените, тие изгубија непропорционално голем број работни места: на пример, извештајот кој во јули го состави McKinsey Global откри дека во САД, каде жените сочинуваат 43 проценти од работната сила, женските работни места биле мнозинство (56 проценти) од изгубените работни места поврзани со корона кризата.
Фактот дека повеќе жени останаа без работа после избивањето на пандемијата не е само рефлексија на тоа дека жените се мнозинство вработени во погодените индустрии како туризмот и угостителството - истражувањата покажуваат дека во некои држави жените добивале откази во процент кој е многу поголем од нивниот удел во одредена индустрија. Причината е истата онаа која е во позадина на проблемот на ниската економска партиципација на жените, родовиот јаз и вертикалната сегрегација помеѓу жените и мажите на пазарот на трудот - грижа за децата и другите зависни членови од семејството. За време на локдаунот детските градинки и училиштата беа затворени, што доведе до големо зголемување на товарот на грижата која мораа да ја извршуваат родителите, односно да ја работат работата која инаку ја извршуваат работниците/чките во тие институции. На пример, истражувањето спроведено во САД покажува дека вработените татковци кои работеле од дома за време на кризата, на грижа за децата и школување од дома во просек трошеле 4,7 часови повеќе, додека жените трошеле во просек 6,1 час повеќе отколку во нормални околности.
Освен што вработените родители, особено жените, биле оптоварени со оваа дополнителна работа за време на локдаунот, за бројни жени тоа значело и привремено престанување на работниот однос. Жените во просек и онака имаат понесигурни работни места и пониска плата од мажите, а затворањето на училиштата и градинките дополнително ги ограничи нивните работни часови и достапноста, заради што жените почесто добивале отказ или неплатени отсуства. Таквиот исход не мора нужно да биде наметнат од страна на работодавачот, туку е и одраз на логиката на одлуките донесени во рамки на семејството - како што често бидува и без разлика на короната, во држави во кои породилните/семејните отсуства не им се достапни на повеќето работници/чки (како САД), грижата за децата ќе ја преземе оној родител кој има пониска плата, а тоа во огромно мнозинство се жените.
Меѓутоа, освен краткорочни, излегувањето од работната сила има долгорочни последици по женската економска сигурност и приходите. На пример, истражувањето кое го спроведе Institute for Women's Policy Research во 2018 година откри дека паузата во кариерата од четири или повеќе години доведува до најверојатно намалување на годишната заработка за 65 проценти, во споредба со падот од 39 проценти после едногодишна пауза во работата. Затворањето на училиштата и градинките за многу жени предизвикува непланирано паузирање на работата во траење од една година или повеќе, што ќе има доживотни последици по нивната финансиска стабилност.
Извор: https://www.bilten.org