Сонети од чудната пролет (1)

30.10.2020 14:26
Сонети од чудната пролет (1)

КАРАНТИНСКА ПЕСНА

Слушај, сите потонале во зимски сон
(Цревата кркорат ко коњи што пасат)
Велосипедите се навалени ко
Пијаници задремани на маса

На лулашката се лула само оса
(Семафорот врти само за призраци)
На болните тивко вечера им носат
Пригушено во дует плачат близнаци

Слушај, само мачки шетаат слободно
(Кучињата не лаат ко да ни се лути)
Слушај, на црешата ѝ е доволно

Малку молк за да се чуе како цути
Слушај, ластовиците се пак над нас
(Баш им е гајле што е полициски час)


БЛАЖЕНО НЕЗНАЕЊЕ

Орхидеите не знаат каде грешиме
Кактусите и фикусите колку често
Цикламите кога пак ќе се решиме
На ближен да му отстапиме место

Сарделите не знаат зошто плачеме
Филадендроните зошто се тресеме
Ружите зошто со денови се мачиме
Лалињата зошто некогаш се дереме

Мимозите не знаат зошто лажеме
Магнолиите зошто везден се прчиме
Кокичињата зошто ретко се каеме

Тие не знаат зошто често мрчиме...
И добро е што такви нешта не знаат
Затоа ене ги на раат си цветаат


ЗВУЧНА БУНА

На гитарата ѝ пукна жица
(А не беше на сред луда песна)
Пукна сама без најавна шпица
Како балон подбуцнат со шестар

Па кавалот падна ко пресечен даб
А никој не го турна ни ветер дувна
Офнав ко човек кому му вадат заб
(Кавалот ми беше дар долго чуван)

Кога и тамбурата остана без струна
Помислив можеби ни даваат знаци
(Дека долго никој не свирел на нив)

Ја сфатив тогаш нивната звучна буна
(Ко што бунар од кој не се пие секнува)
Така гитара на која не се свири шекнува


БУНТ НА КНИГИТЕ

Со години неотворени
Нечитани пеплосани
Од полиците соборени
Ничкосани мемлосани

По кутии заборавени
Во визби потопени
Во депоа замандалени
По гаражи истопорени

Книгите денес бунт креваат
Буквите скокаат цела вечер
Извичници цел ден завеваат

Хартијата сè не ќе трпи веќе!
Доста ни е од писатели
Кои не се и читатели!

РАСПНАТА ПЕСНА

Левата рака ѝ посега по звуци
Чуени нечуени пискави меки
(Во интонации на баби и внуци)
Сите во себе копнее да ги смести

Со десната нога се фаќа за бои
Уште повеќе мери ретки нијанси
Која од нив во кој стих добро ќе стои
(Најмилите ги чува ко брилијанти)

Левата нога ѝ е врз стари книги
(Читани во некои дамнешни зими)
Внимава од нив ништо да не повтори

(А сепак нови значења да им отвори)
Со десната рака запишува бајки
Чекајќи да ја заковаат со шајки


ПРЕМОЛЧЕНА ПЕСНА

Тоа што е премолчено
(Ко книга сложно преќутена)
Тоа однатре што е толчено
Што те демне налутено

Тоа е многу потешко
(Од мермерни блокови)
И те пече пожешко
Од пробиени рокови

Неизговорените зборови
Ти се вртат со месеци
(Ко расипани плочи)

Ти пеат во хорови
(Ти шепотат ајде пресечи)
Ти врескаат доста молчиш!

Цртежи: Татјана Миљовска

Извор: Владимир Мартиновски - 101 сонет од една чудна пролет (Скопје, Кликер книги, 2020)

 

 

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото