Хрестоматија на поинаквоста

31.10.2020 01:19
Хрестоматија на поинаквоста

Со крајна почит кон концептот на оваа книга, ќе се обидам да влезам во нејзината рамка со „еден мој ден“, поинаков од сите триесет денови што протатнија пред нас на претходните страници, зошто и јас сум поинаква од поинаквите: само уште еден човек сум без попреченост. Ритамот на непопреченото секојдневие не ми ги пополнува сите валенции за потенцијално разбирање на другоста, на различноста и поинаквоста, зошто граѓанскиот концепт на живеење чијшто сум поборник, подразбира осмислени патеки буквално за секакви и сечии чекори.

Подавањето на својата приказна, на својот еден ден или живот во прво лице еднина, како што е во книгава, е многу повеќе од исповед, многу повеќе од удобната граматика на вообичаеното трето лице што нѐ одделува од недоволно познатото, од туѓото, од далечното, од различното… Јазот помеѓу удобното трето лице и застрашувачкото прво, и граматички и човечки може да се надмине само и исклучиво со второ лице, со запознавање, блискост и директно обраќање – само со Ти. Таму каде што првото лице (Јас) ни е мачно, а третото (Тој или Таа) премногу нѐ одделува едни од други, граматиката на животот ни го нуди Ти: запознавањето поодблизу на Јас со Тој или Таа, приближувањето на зборовите, на текстот, на животот… кон оној кому му се обраќаме, кон оној наспроти нас. Мојот еден ден во овој текст сакам да биде ден на Ти со луѓето со попреченост, најблизу до нив и најодблизу со нив.

Едниов мој ден денес, како и секој мој ден, е поврзан со книжевноста. Таа е и моја болест и мое здравје, и мој отров и мој лек, па затоа ќе се потпрам на неа, како што секој од триесеттемина пред мене во ова книга се потпира на она без што не може: помагало, количка, лекови, „бел стап“, родители, блиски…

Да се биде поинаков во литературата е фасцинантно; поинаквоста е задолжителна состојка на книжевното писмо, на книжевниот живот на фабулите и ликовите. Се симулира поинаквост со сета дарба и умеење, со сите средства се обидуваме да ја постигнеме и да бидеме поинакви, различни од сѐ и од сите. Поинаквоста е фасцинантна за читање, но каква е за живеење? Кога не се симулира, кога не се постигнува туку се добива како дел што ќе ни падне од големото цело на светот… Тогаш, што останува да се симулира ако поинаквоста ни е однапред предодредена и зададена? Истост? Симулирањето истост со неистите е најтешката дисциплина и за луѓето и за општествата.

Не постои шема за везење на животот. Смислата е во тоа лицето и опачината, видливото и невидливото, да не ни се разликуваат премногу. Беспрекорно можеме да го изведеме лицето на везот, но ако опачината е небрежна и премногу различна од него, ништо не сме направиле. И обратно: ако лицето на везот е невешто, а опачината е совршено направена, дури и поубава од него, повторно не сме направиле ништо. Треба да веземе со подеднакво внимание и посветеност и кон видливото и кон невидливото, зошто смислата е само и исклучиво во тоа – што помалку да ни се разликуваат лицето и опачината на везот на животот. Да му обрнеме внимание и на невидливото, на опачината, внимателно да ги надоврземе конците, без да може некој да го види јазолот. Лесно е на лицето на везот да не се гледа каде почнува, а каде завршува конецот; ама на опачината, ако сме небрежни, тоа станува првин превидливо, ја огрдува убавината на видливото, а со текот на времето може и да отпара сѐ, да го подјаде везот на лицето на животот, да го уништи и да го развезе, дури да го исчезне.

Што сакам да кажам со оваа метафора? Дека опачините на животите на триесеттемина лица (не ликови!) пред мене во книгава се толку измазнети, што му се приближиле на лицето на животот, затоа и можеле да бидат (рас)кажани.

Има болести и состојби низ кои поминуваме и такви во кои засекогаш сме заробени. Има почеток, средина и крај на нештата, но има и само бескрајно траење. Кога ќе ни се измести едниот наш ден – чекаме да ни се врати во претходната позиција на нормалноста и тоа е императивот на поинаквите од поинаквите, на луѓето без попреченост, на здравите. Но, за разлика од нас, од нив,.. различните не очекуваат изместувањето да се врати во претходната нормалност, зашто за нив изместеноста е трајна, најчесто нема надеж дека ќе биде подобро, дека ќе се оздрави, дека ќе се биде без попреченост.

Сум наѕрела лично и постојано книжевно наѕирам во различноста. Сум била различна од другите околу мене, во различна состојба од таа на останатите. Од преблизу го знам чувството на другата страна кое не поминува дури и кога ќе помине состојбата (видлива или невидлива болест, лоша мисла или лоша среќа). Останува засекогаш како неизбришлива трага, лузна. Но, во што се претвора чувството на другата страна кога состојбата не поминува, не си оди и е засекогашна? Тогаш која страна која е? Која е едната, која е другата? Нема јасни страни. Сѐ е линија, круг, вез на животот.

Оваа книга е хрестоматија на поинаквоста. Ние непоинаквите, ние истите, влегуваме и излегуваме од неа, ја зачитуваме и ја дочитуваме. Текстот на поинаквите останува трајно. Да му оддадеме чест, не емпатија; да му оддадеме внимание, не помош; да му оддадеме разбирање, да го понесеме во нашиот вообичаен ден: простран и отворен за невообичаеното.

Книгата „Еден мој ден“ ја напишаа следните автор(к)и: Гере Трипков, Марија Савеска, Александар Матовски – Цако, Ева Калкова, Дејан Анѓелески, Ема Ананиевска. Младен Арсовски, Искра Донева, Зоран Јовановски, Весна Алексовска, Дино Шкрињариќ, Снежана Караџовска, Христијан Ѓорѓевиќ, Илина Георгиева, Васил Јанкула, Јасмина Стојковска, Филип Григоров, Беира Салифоска, Коста Ќука, Синоличка Трпкова, Јане Велковски, Анита Ѓорѓиевска, Мики Стојановски, Маја Павловска, Кристијан Лазарев, Ирена Поповска, Гоце Маринковски, Љуљета Адеми и Драги Неделчевски.

Книгата „Еден мој ден“ може да се купи во книжарницата Литература.мк во Скопје Сити Мол. Со нејзино купување го добивате и Прирачникот со совети за убаво однесување кон лицата со попреченост (во издание на ПРКОС). Со купување на книгата овозможувате хонорирање на авторите и, најважно,се збогатувате со нови, чудесни светогледи кои тие ви ги овозможија. 

Фотографии од промоцијата на книгата: Јана Поповска

Извор: Пркос

ОкоБоли главаВицФото