Еко-активисти засадија дрва на пријателството во Општина Аеродром

31.10.2020 02:40
Еко-активисти засадија 60 дрва на пријателството во Општина Аердором

Македонската компанија Treebanks, еко-активистите Скопје Смог Аларм и платформата AirCare (Мој Воздух), во соработка со Европскиот фонд за Балкан (ЕФБ), вчера (30 октомври) засадија 60 дрва од видот платан во Општина Аеродром, во паркот на Булевар Србија наспроти полициската станица Аеродром. Акцијата беше спроведена во рамките на регионалната иницијатива „Дрво на пријателството“ преку истовремено садење на вкупно 400 дрва во шест регионални главни градови: Скопје, Белград, Тирана, Приштина, Подгорица и Сараево. Преку 10 партнерски организации од регионот се вклучија во акцијата.

За прв пат на регионално ниво се докажа дека екологијата и грижата за животната средина можат да нѐ сплотат сите. Сивото секојдневие обоено пред се од коронавирусот, значително ги убива сите надежи кај народот за подобро утре. Загадениот воздух со кој се соочуваме секојдневно дополнително ги оптоварува нашите бели дробови и го прави овој микс токсичен. Токму затоа партнерски организации од целиот регион ја започнаа оваа иницијатива со цел да се подигне свеста за потребата од чист воздух и итно зазеленување на градовите.

„Се надеваме дека оваа акција ќе продолжи и ќе стане пракса и во иднина. Овој проект го работевме со многу љубов зошто е еден од ретките кои истовремено сплотуваат повеќе држави и националности кои имаат едно нешто заедничко – а тоа е за жал, загадениот воздух“, изјавуваат коорганизаторите на настанот.