„Контрапункт“ на европскиот фестивал посветен на слободата „Фрајраум“

31.10.2020 14:05
„Контрапункт“ на европскиот фестивал посветен на слободата „Фрајраум“

Од 30 октомври до 1 ноември се одржува европскиот фестивал Freiraum (Фрајраум) во организација Гете Институтот и е посветен на состојбата на слободата и на уметноста денес. Претставник од Северна Македонија е Контрапункт - асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики, како еден од коорганизаторите и учесник во создавањето на Манифестот кој ги преиспитува значењата на слободата. Освен во кураторскиот тим, Контрапункт учествува со кусиот филм на Владимир Јанковски и Ѓорѓе Јовановиќ насловен „Пет приказни за слободата“, во кој протагонисти се Артан Садику, Оливера Ќорвезироска и Сашо Кокаланов, а во кој се вклучени фотографии од творештвото на на Иван Блажев.  Филмот може да се погледне во одделот Freiraum Lybrary

Социјалното дистанцирање и карантините, полицискиот час, затворените граници доминираа со животите на луѓето во Европа во текот на изминатите неколку месеци од пандемијата. Па, каква е состојбата со слободата во Европа денес? Повеќе од четириесет истражувачи, интелектуалци, уметници и луѓе од културниот сектор низ цела Европа ќе се обидат да одговорат на тоа прашање.

Теми на мултидисциплинарната програма која се одржува онлајн и со физички настани во околу 20 европски градови се и тековната биополитичка криза и улогата на социјалната солидарност. Меѓу главните говорници се социологот Ева Илуз, политикологот Иван Крастев, писателот Франко „Бифо“ Берарди, театарскиот режисер Хелгард Хауг, британскиот уметник Лиам Гилик, антропологот Светлана Слапшак. Покрај тоа, на Европската комисија ќе ѝ биде презентиран Манифест на Фрајраум за повик за заштита на граѓанските слободи. Целата програма може да се следи на www.freiraumfestival.eu.

Генералниот секретар на Гете-институтот Јоханес Еберт го отвори тридневниот хибриден фестивал со повик за повторно создавање на Европа:

„Она што значи „Фрајраум“ е создавање и отворање простори и области за воспоставување и одржување на социјална кохезија во време на криза. Луѓето вклучени во Фрајраум поставуваат позитивни процеси на промена и по патот кон либерална и солидарна заедница во Европа. Гете-институтот е горд што неговиот проект „Фрајраум“ го трасира патот кон нови пристапи за поддршка на европското граѓанско општество, поддршка на слободата на изразување и промовирање креативност и иновативност. „Фрајраум“ мрежата ширум Европа служи како карактеристичен глас и мал, но важен градежен блок во поголемиот процес на постојано создавање и спроведување на Европа во пракса.“

Фестивалот иницира отворен разговор за новата пандемиска реалност во Европа и за активна солидарност за инклузивно општество.

На отварањето свои обраќања имаа и бугарскиот политиколог Иван Крастев и социологот Ева Илуз, а беше претставен и Манифестот на слободата како израз на различноста што ја живее и ја истакнува мрежата „Фрајраум“ и служи како повик за создавање и заштита на индивидуалните сфери на слободата за Европејците. Манифестот исто така ја сумира трајната посветеност на мрежата да се залага за лични и уметнички слободи, особено за слободата на изразување.