ЕУ се надева дека Бајден ќе биде нов претседател на САД

02.11.2020 11:30
ЕУ се надева дека Бајден ќе биде нов претседател на САД

Доколку Џо Бајден победи на изборите во САД, ќе има надеж за трансатлантските односи, вели Јанис Емануилидис. „Никој не е наивен да мисли дека сè ќе се врати на времето пред Трамп, но има надеж дека работите ќе се подобрат“, вели директорот на бриселскиот тинк-тенк, Европски центар за политика.

Доколку на кандидатот на Демократската партија не му успее да го исфрли Трамп од Белата куќа, аналитичарот од Брисел, Емануилидис стравува дека врските меѓу САД и ЕУ може дополнително да се влошат. „Многу е веројатно дека Трамп би извршил уште поголем притисок врз ЕУ во вториот мандат отколку што тоа го направи во првиот. Тој ја идентификуваше Европа како поголемо зло од другите актери во светот. Тоа и отворено го рече. При што кажа многу нешта во изминатите четири години “.

Да се инсистира на соработка - без разлика со кого

Членот на германската партија на Зелените во Европскиот парламент задолжен за надворешна политика, Рајнхард Битикофер, не се грижи многу за изјавите на Трамп за геополитиката. „Кога Трамп вели дека Европа е противник, тоа не помага многу Вашингтон во европските дебати да се споменува во позитивно светло“. Битикофер, сепак, е убеден дека сè уште има политичари во американската влада и во Конгресот, вклучително и од редовите на републиканците, кои знаат дека им треба соработка со Европа за да можат да им се спротивстават на Кина, Русија и други.

Џо Бајден, како претседател, сигурно не би сторил сè сосема поинаку, но се смета дека тој попрво би се потпрел на поддршката од старите сојузници, би ги слушал и би барал заеднички јазик со нив: „Без оглед кој ќе победи во ноември, ние мора да инвестираме во соработка. Сè уште имаме простор за маневар кога станува збор за одредени теми, како што е реформата на Светската трговска организација“, вели европратеникот од редовите на Зелените.

Загубена трансатлантска доверба

Студија на Европскиот совет за надворешни односи од Брисел, објавена ова лето, потврдува дека Европејците ја загубиле довербата во својот некогаш близок сојузник, САД. „Хаотичното“ лидерство на Трамп за време на корона-кризата дополнително придонесе за тмурното расположение.

Истражувачите на Европскиот совет веруваат дека ако победи Бајден, тој повторно би се свртел кон Европејците. Тие очекуваат дека во тој случај, САД повторно ќе се приклучат на Парискиот договор за климатски промени и на Светската здравствена организација. Владата на Бајден повторно ќе го зајакне НАТО, иако демократите, како и републиканците, ќе продолжат да бараат од Европејците да ги зголемат издатоците за одбрана во буџетот.

И претседателот Барак Обама, како и многумина негови претходници, го бараше истото. Доколку Трамп биде избран, НАТО „ќе мора да се облече топло“, предвидува Џон Болтон, поранешниот советник за безбедност на Трамп, кој падна во немилост на претседателот. Според Болтон, Трамп дури се заканувал дека ќе се повлече од НАТО, што може да значи крај на тој воен сојуз.

И Бајден има барања

Францускиот претседател Емануел Макрон своевремено детектираше „мозочна смрт“ на НАТО и вети дека ќе работи на зајакнување на „европскиот суверенитет“. Некои други шефови на држави или на влади на ЕУ, исто така, бараат - на различни начини - ЕУ да ја зајакне својата геостратешка улога, меѓу другото и преку оддалечување од САД под раководство на Доналд Трамп.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, првенствено се залага за враќање на редот заснован на правила. „Вистина е дека мултилатералниот систем мора да се реформира поитно од кога било. Парализа му се прикрадува на нашиот глобален систем. Големите сили или се повлекуваат од меѓународните институции, или пак ги земаат како заложници за нивните сопствени интереси“, изјави Урсула фон дер Лајен.

Во Брисел се надеваат дека „враќањето на редот“ може да дојде со Џо Бајден. Но, Јанис Емануилидис од Центарот за европска политика предупредува: дури и нему нема да му се допадне благонаклонетиот став што ЕУ го имаше досега кон Кина. „Предизвикот би можел да биде ако владата на Бајден соработува кога станува збор за глобалните прашања, но за возврат бара построг третман на Кина.“ Исто така, со Бајден на чело, САД би можеле да побараат земјите безусловно да се приклучат на санкциите против кинескиот технолошки концерн Хуавеи, или да реагираат на воените провокации во Јужнокинеското море.

ЕУ ја обединува клучното прашање за трговијата

Европејците сакаат, по изборите, итно да разговараат за трговските врски, без разлика на тоа кој е претседател на САД. Сѐ уште над Атлантикот висат заканите на Трамп за огромните зголемувања на царините на автомобилите и друга стока. Тој навистина во јули 2018 година со тогашниот шеф на Европската комисија, Жан-Клод Јункер постигна договор за еден вид „запирање на огнот“, но самиот конфликт сѐ уште не е решен. Тогаш Доналд Трамп изненадувачки ја пофали ЕУ како „најдобар трговски партнер на САД“. Но, оваа тема не играше никаква улога во изборната кампања ни кај Бајден, ниту кај Трамп.

Новиот комесар за трговија на ЕУ, Валдис Домбровскис, реагира допломатски. „Во овие времиња мора да се негуваат пријателствата и да се држиме до сојузниците кои навистина се важни. Постојат некои константни конфликти меѓу ЕУ и САД. Тие, според мое мислење, би требало да се решат што побрзо“, вели Домбровскис.

Со претседател како што е Џо Бајден, кој размислува либерално и не е толку борбен, многу европски лидери и лично би се согласувале подобро. Токму меѓу Ангела Меркел и Доналд Трамп „нема ни трошка хемија“, смета Емануилидис.

Илустрации: Simanta Jahed, Nate Kitch 

Извор: Дојче веле

 

ОкоБоли главаВицФото