Конфети од сонети

02.11.2020 13:57
Конфети од сонети

(101 сонет од една чудна пролет од Владимир Мартиновски, Кликер, 2020)


„Песната е топол леб
Што би си го понел в џеб“

Има стихови во кои се огледуваат цели збирки. Освен огледало, тие можат да бидат и клуч, лозинка, дефиниција или формула за збирката воопшто, скриено толкување, шема за везот на читањето исцртана и подметната од самиот автор,.. мото на збирката или мото на нејзина интерпретација, претставување, осврт, критика... Само што ги напишав стиховите „Песната е топол леб / Што би си го понел в џеб“(1) како мото, концентрат на мојата експресија од збиркава, веднаш се расползеа пред мене други два стиха („Ако си поет тогаш си мравка / Што одејќи пишува во правта“) (2) кои исто така и сакаат и можат да бидат мото. Се почувствував како да треба да избирам помеѓу Песната и Поетот, и веднаш, непоколебливо се решив за Песната, за првото мото што веќе и ми беше напишано.

„101 сонет од една чудна пролет“ е несекојдневна збирка песни за песните, поезија заседната дома, во поетскиот занает, останата предолго затворена и сама во книжевноста, без живиот вонкнижевен свет. Како и сите ние, всушност. Затвореноста на песната дома во книжевноста, во самата себеси, е еквивалент на нашата затвореност дома целава пролет 2020, затоа и персонификацијата како доминантна стилска и поетска постапка е всушност, совршено поистоветување на песните со луѓето. Иако Владимир Мартиновски во Белешката нагласува дека имал „прилично голема резерва кон идејата уметноста да зборува за самата себе“ (песни да зборуваат за песните?), резерва која очигледно се однесува токму на најмногубројните, доминантните песни во оваа збирка, сепак се чини дека таа, резервата, била само подготовка за вистински пев во вистинско време. Преклопувањето на карантинот на луѓето (поетот) со карантинот на поезијата (автореференцијалната песна) се творечкото кредо на оваа збирка. Со урнатата меѓа помеѓу она за кое се има и она за кое се нема резерви, помеѓу порано и сега, помеѓу слободата и карантинот, според зборовите на Мартиновски, се остварува „мала победа над стравот“, којашто, всушност, е голема победа над непознатото (пандемијата) со помош на она што најдобро се знае, она што Мартиновски најдобро го знае – пишувањето! Збиркава е претворање на врвното непоетско околу нас во врвно поетско за нас и во нас.

Без циклуси: сонетите како негибнато Цело

„101 сонет од една чудна пролет“ нема циклуси, иако се насетуваат неколку групирани „пеења“. Изоставувањето на циклусите и на каква било поделба во неа повторно е во рамките на поетскиот концепт на Мартиновски за непречен тек, за некое и некакво негибнато Цело. Формата на песната како да ги надвладува и ги прави невидливи и залудни сите други диференцијации, па по аналогија на метафората „сите карантински денови се исти“, и сите песни во збиркава се исти според формата – сонети се. Сонетите не се непознати за поетското творештво на Мартиновски, но, сепак, цела збирка исклучиво со толкав голем и провокативен број сонети е вистински подвиг. 101 е можеби мал број сонети во однос на 672-те на Ронсар, 327-те на Петрарка, но сепак е мошне приближно до 154-те на Шекспир, на пример. Оваа мала непотребна математика ја искористив само за да ја нотирам посебноста на оваа сонетна збирка, каква што од поодамна не се појавила во домашната книжевност (3) .

Следејќи ги насловите во „101 сонет од една чудна пролет“, само 41 од 101 се „видливи“ песни за песните, но тоа е само прв и бегол заклучок, зашто целава збирка е токму тоа: поезија за поезијата или поезија за поетското. 41 сонет е „портретен“ за конкретен вид персонализирана (и персонифицирана) песна; насловите се двочлени фрази со придавка и именката „песна“: Празнична, Обична, Премолчена, Упорна, Преправана, Згрешена... песна. 10 сонети се насловени со поширока насловна дескрипција на песна(та), тие се исто „програмски“, ама фатени некако од друга страна. Тоа „од друга страна“ повлекло и поинакво, непридавско насловување (со именски атрибут), што го сметам исто така, за голема мајсторија. 10-те сонети за кои зборувам сега се оние од типот „Песна од тесто“, „Песна со дупки“, „Песна со огради“, „Песна со многу бројки“, „(...) со десет имиња“ итн. Две песни („Клукајпесна“ и „Песна мразокршачка“) се насловени со неологизми во слеана препозиција и во сложена, двочлена пост позиција. Останатите 48 сонети во збирката имаат наслови во кои не се спомнува зборот „песна“. Тоа што тие имаат подруг вид наслови ги прави само навидум различни, зашто и тие, несомнено се само малку поинакви „отпечатоци“ на истиот поетски модел. 53 сонети во оваа збирка се видливи песни за песните; 48 сонети се невидливи песни за песните. Сево ова е направено мошне возбудливо, особено ако се има превид дека сто и првиот сонет е всушност, поетско „обвинување“, шпекулација дека сите претходни 100 сонети ги напишала пролетта, а само тој, последниот сонет, го напишал поетот, хипотетички – Владимир Мартиновски.

Дихотомии: сонетите како сингл-плочи

Освен немањето циклуси, втората најзабележлива карактеристика на збиркава е удвоеноста на песните, спарувањето, дихотомноста. Речиси сите песни имаат свој парник, најчесто контрастен или само огледално обратен, утешителен или ризичен... Независно каков е односот на сонетите во диптисите, сметам дека најважното е тоа што секој сонет сам по себе функционира како грамофонска сингл-плоча со А и Б страна. Тоа е многу повеќе од поетски (и музички) шарм, тоа е апотеоза на дуалноста, на двете лица на секое нешто, на денот и ноќта, на лошото и доброто... Може повеќе да ни се допадне сонетот од А или од Б страната, но не може да не нѐ допре, зашто дихотомните сонети сме всушност ние, луѓето, во нашите добри и лоши денови, во А и Б страните на нашите животни сингл-плочи.

Едни од највпечатливите диптиси во збиркава од првата целина (песни за песните со придавски наслови) се: „Мала песна“ – „Најдолгата песна“; „Бесна песна“ – „Спокојна песна“; „Упорна песна“, „Поправана песна“, „Згрешена песна“,.. со непрецизирани парници, со послободни дихотомни валенции. Од втората послободно насловена целина, највпечатливите диптиси се: „Потсетник пред одмор“ – „Потсетник пред враќање од одмор“; „Список за во дуќан“ – „Список за на пазар“; „Редење елка“ – „Раскитување елка“.

Редукција: бројот на слоговите во стихот

Мартиновски е мајстор на поетскиот занает, неговите сонети се во беспрекорен дванаесетерец („Карантинска песна“), десетерец („Маслинова песна“), осмерец („Мојот јазик“) итн. Она што ми е особено возбудливо е експериментот на редукција на бројот на слоговите во стихот. Наспроти прекрасните сонети во петерец („Мала песна“, „Клукајпесна“, „Песна мразокршачка“, „Бумбарова песна“ и „Песна со осила“), редукцијата продолжила и до само по три слога во стиховите во песната „Кос“ (чијшто наслов е исто така екстремно краток и има само три букви, како и тој да е инфициран од редукцијата), што е импозантно самото по себе, но зафаќа и еден специфичен сегмент од рецепцијата, всушност, од преферираната возраст на потенцијалниот читател. Не сакам да кажам дека што покуси стихови – толку повеќе песната станува за деца, тоа во никој случај. Сакам да кажам дека што покуси стихови – толку повозбудлива игра, а играта е битна и за децата и за возрасните и таа е таа што всушност ја излизгува рецепцијата, односно, преферираната возраст на потенцијалниот читател. Мартиновски во оваа збирка истава постапка ја спроведува и во други песни, и тоа е доблест на неговото поетско, сонетно писмо. Песната „Кoс“ ја зедов како пример за крајно возможна редукција на слогови без да се наруши „содржината“.

Играта на заградите: типографски танци

Последната, но не и помалку значајна карактеристика на збиркава е играта на заградите или типографските танци и пируети во самите сонети, со сосем различни функции во поетското. Има доста песни во кои одредени стихови се ставени во загради, се воспоставува правило за „заградување“ и таман кога ќе го сфатиме – тоа се изневерува: се става во заграда нешто друго. Поради ваквата постапка, велам играта на заградите, а не принципот на заградите. Од песна до песна е посебно возбудливо да се анализира и овој сегмент, но, ќе се задржам само на песната која најдиректно се занимава со ова, дури и во својот наслов: „Песна со з(а)гради“ и на песната во која нема загради, ама има типографски танц со косата црта (/) – „Недовршена песна“.

Во првата песна, заградите се користат за проширување на семантичкото поле на зборовите, стиховите... Ако (зградите) ги ставите во загради е едно нешто, а ако само (а)-то го ставите во загради во зборот загради – з(а)гради, веднаш станува збор за промена на валенцијата и лексички и семантички. На овој начин, со играта со заградите, Мартиновски ја отвора и ја затвора песната за повеќе можни читања и значења. Проширувањето на семантичките полиња со графички средства е исто така позната дисциплина на овој поет, нешто што тој одамна го владее, но и покрај тоа, овде сепак е свежо и поинакво, во целосна функција на општиот концепт на збиркава.

Втората песна, „Недовршена песна“, не користи загради, туку со косата црта (/) изведува вистински типографски и семантички танци. Наспроти не/до/вр/ше/ни, не/свр/ше/ни, не/дел/кан, не/сли/кан итн., се појавува и ваков танц на отсутното: не/до/ / /ни. Интригата на зборот, на слоговите и буквите што ги нема е можен заумен аспект, дополнителна мистификација на песната и тоа мошне добро го искористува Мартиновски во белешката, фуснотата под песната. Зашто не/до/ / /ни може да биде и не/до/КО/ПА/ни, не/до/О/РА/ни, не/до/СЕ/А/ни... Овој првенствено прозен и постмодернистички метод е одлично внесен во песната која беспрекорно танцува и поетски и типографски, дури и без дополнително објаснување. Одлична игра, различна од редукцијата за која зборував погоре; игра заснована на видливото и невидливото; игра пандан на општиот концепт на 53-те песни за видливото и 48-те за невидливото во оваа збирка.

„Назад во градината“: ритмички највозбудливата песна

Ритмички највозбудливите „четиринаесет линии“ во збиркава се оние на песната „Назад во градината“. Овој шестерец е целосно препуштен на слоговата игра, односно на разигрување на цезурите во стиховите и со толку мал број слогови. Шемата на слоговите во првата строфа е: 2 + 4 (Ружи месечарки); 2 + 4 (Габи лисичарки); 3 + 3 (Лозови ластари); 3 + 3 (Рибизли прастари). Во втората: 2 + 4 (Дуњи расцветани); 2 + 4 (Врапци разлетани); 2 + 4 (Цреши необрани); 3 + 3 (Мравките собрани). Во третата: 2 + 4 (Желки притаени); 3 + 3 (Чашките ставени); 3 + 3 (Тревата косена) и во четвртата, додека размислуваме како поетот ќе го изигра последниот ритам, тој целосно нѐ надигрува. Шемата е непретпоставувачка и ексклузивна: 2 + 4 (почнува спокојно како што се очекува врз основа на ритмичкото искуство од погорните стихови и строфи: Врба оросена); но во вториот стих оди на 1 + 2 + 1 + 2 (А колку е саат?) што е крајно неочекувано и изненадувачки; за да заврши со фантастичната отстапка, 7 слога според шемата: 2 + 2 + 1 + 2 во последниот, четиринаесетти стих: Тука вечно е раат! Иако во овој стих има 7 слога и е отстапка или изневерување, сепак станува збор за одлично избрана можност 7-те слога да се изговорат и како 6, зашто „раат“ може да се изговори со едно долго а, наспроти двете а како ортографска форма за испис на зборот.

Кога шестерец ќе финишира со седум слога, тоа е метричко изневерување, ама со математичката прецизност и беспрекорното чувство за поетски ритам и творечка возбуда на Владимир Мартиновски, (и) метричкото изневерување станува ретко поетско дарување. Како што, впрочем, и целава збирка „101 сонет од една чудна пролет“ е вистински дар, најубавото лице на долгото седење дома пролетта на 2020 година.

1. Од сонетот „Мирислива песна“

2. Од сонетот „Инсекти и луѓе“

3. Повеќемина македонски поети работеле или сѐ уште работат сонет, иако оваа форма нема сопствена традиција во народното творештво и нашите најстари народни песни се астрофични, со постепено и благо појавување првин на катрените, подоцна и на дистишјата и тристишјата. Под дејство првенствено на странската лектира и преводите, сонетот активно почнале да го работат Блаже Конески, Влада Урошевиќ, Гане Тодоровски, Петар Т. Бошковски, Михаил Ренџов, Санде Стојчевски, Зоран Анчевски и др. Без специјално истражување, сметам дека можеби најобемната книга сонети досега беше збирката на Петре Бакевски „Сто сонети“, Спектар-прес, Скопје 1997.  

Илустрации: Перо Георгиев, автор на корицата на книгата

Извор: Поговор кон „101 сонет од една чудна пролет“ од Владимир Мартиновски, Кликер, 2020.

ОкоБоли главаВицФото