Левицата по Трамп

03.11.2020 14:51
Левицата по Трамп


 Сосем е јасно како би можел да изгледа државниот удар што го подготвува Трамп. Тоа ни го откри судијата Брет Кавано во одлуката на Врховниот суд за гласањето преку пошта објавено минатата недела. Според прописите, во државата Висконсин за броење може да се прифатат само гласовите кои пристигнале најдоцна до денот на изборите. Судот во Висконсин наложи рокот за прифаќање на гласовите доставени по пошта да се продолжи за шест дена, но Врховниот суд го одби тоа барање и го поддржа изворниот пропис.

Кавано, конзервативец избран лично од Трамп, објави по тој повод мислење кое е многу пошироко од правното толкување на односот на државата и судот. Повеќето држави, вели тој, сакаат последниот рок за доставување на сите гласови да биде на денот на изборите „за да се избегнат хаосот и сомнежот што ќе настанат ако по денот на изборите се појави голем број дополнително пристигнати гласови кои го менуваат резултатот.

Во демократија, одговори еден од либералните судии кој не се сложи со мнозинката одлука, гласовите пристигнати по пошта не го „менуваат“ резултатот на гласањето: тие се тој резултат. Исто така, во демократија извршната гранка на власта не настојува да ги спречи бирачите да гласаат. Во демократија, луѓето кои сакаат можат да гласаат однапред, по пошта, за денот на изборите да не го минат чекајќи во редови.

Но, скратувањето на гласачките права изгледа станало нова опсесија на американската десница. Има индиции дека покрај вообичаените препреки кои им се поставуваат на црните гласачи и гласачите од латиноамериканско потекло, Трамп овојпат ќе користи и наоружани „набљудувачи“ во државите во кои тоа е можно, и така ќе ги застрашува гласачите на самиот ден на изборите. Секој инцидент кој додатно ќе се случи ќе го скрати преостанатото време за гласање.

„Хаос и сомнеж“ се всушност, клучните елементи на планот на Трамп за денот на изборите, 3-ти ноември. Затоа така упорно ја оспорува валидноста на гласањето по пошта. Сега го активираше и завршниот дел од својата стратегија: започна да твита лудости за „црвениот бран“, а сајтовите за дезинформирање и оние кои ги поддржуваат веднаш го прифатија неговиот наратив.

Сценариото за денот на изборите е јасно: долги редови и инциденти на избирачките места, судири за време на пребројувањето, барање „законити“ начини резултатите да се прогласат без броење на гласовите пристигнати по пошта, и што порано прогласување на победата на Трамп – наспроти реалните резултати, кои дополнително ќе се оспоруваат на суд. Бидејќи голем број гласачи на Трам делумно или во целост веруваат во Кју-Анон теориите на завера, нема да им биде тешко да ги проголтаат и тврдењата дека „републиканците убедливо победиле, но победата им е украдена“. Споровите ќе се решаваат пред Врховниот суд во кој од оваа недела доминира конзервативното мнозинство во однос 6:3.

Ако Трамп победи тоа практично ќе биде крај на американската демократија. Ако ви е тешко да го замислите тој крај, сетете се дека оваа земја, иако формално уставна република од 1776, стана демократија дури по 1965 (како што потенцираат политиколозите Стивен Левики и Даниел Зиблат).

Во март таа година, додека во градот Селма во Алабама се воделе улични битни, претседателот Линдон Б. Џонсон во забрзана процедура го усвои Законот за избирачки правила со кој е забрането ускратувањето на правото на глас, со кое југот е практично претворен во еднопартиска држава. Токму заштитата на правото на глас е она што ја демократизираше оваа земја, сметаат Левицки и Зиблат, иако Врхвниот суд подоцна успеа да ограничи многу од одредбите на овој закон и да ги лиши Афроамерикнците од многу права.

Изборната победа на Трамп и неговата решеност Соединетите држави да ги претвори во неолиберална демократија предизвикаа бес кај либералните политички философи и правници. Книгата „Како демократиите умираат“ од Левицки и Зиблат е еден од бројните обиди да се анализира проблемот и да се предложат решенија. Книгите од Јаша Мунк, „Народот против демократијата“ и од Том Гинсбург и Азиз Хук, „Како да се спаси демократијата“ исто така се влијателни.

Сите тие веруваатдека пропаѓањето на демократијата во Соединетите држави и во другите развиени земји е последица на дефект во системот, бидејќи капитализмот го гледаат како машина за производство на либерални демократии. Ако резултатот не е либерална демократија, тогаш машината е расипана и треба да се поправи.


Мунк како можни решенија предложува редистрибуција на богатството, обрана на универзалните права и на мултиетничкиот концепт на државјанство, образување на јавноста за дезинформациите, одбрана на правата кои им се скратени на државите со неолибералните трговски договори и „намалување на нееднаквоста“.

Професорите по право Гинсбург и Хак ги отфрлаат идеите за темелно претресување на Уставот и предложуваат интервенции од понизок ранг – насочување на демократијата кон парламентарен модел, стеснување на претседателските овластувања, јакнење на судството и прифаќање на меѓународните договори за човековите права со кои ќе се обврзе извршната гранка на власта.

Левицки и Зиблат причината за распадот ја гледаат во ерозијата на „нормата“. Нормата е, на пример, политичарите да се дружат и да наздравуваат едни со други во своите кантри клубови или институциите да ги третираат граѓаните со почит. Кога владејачката партија почнува да ги гледа опонентите како нелегитимни, велат, нормите на взаемна толеранција исчезнуваат и луѓето како Трамп добиваат прилика да ја наместат играта во сопствена корист. Решението кое го предлагаат е повторно воспоставување на нормите на однесување на општествените елити од времето пред Трамп: политичарите мора да ги третираат опонентите како легитимни претеденти на власта и мора да покажуваат повеќе воздржаност во користењети на моќта на институцијата која ја контролираат.

Соочени со оваа поплава од либерални рецепти за бихејвиорални и уставни интервенции, мора да се запрашаме: како? Редистрибуција на богатството? Па секое преземање на власта во режија на авторитарни националисти во последните пет години е изведено токму за да се спречи редистрибуцијата. Минимални итнервенции на Уставот? Авторитарната десница има најдобри експерти за манипулирање со уставното право за потребите на останување на власт: пример е Трамповото именување на повеќе од 200 десничарски судии, или „судскиот државен удар“ со кој Дилма Русеф е отстранета од позицијата на претседателка на Бразил, или забраната на абортусот во Полска.

Што се однесува до нормите на консензус и одмереност чие враќање го бараат, таквите норми биле прифатени како „нормални“ само затоа што неолиберализмот претходно елиминираше каква било реална содржина од партиските политики, и ги сведе, во ерата на Блер и Клинтон, на избор меѓу различни нијанси на економијата на слободниот пазар помеѓу кои нема суштински разлики.

За авторите на книги на тема „одбрана на демократијата“ кои доаѓаат од академскиот свет и од либералните медиуми карактеристична е неспособноста за воочување на системските корени на тековната криза. Трамп ја освои власта затоа што неолибералниот модел на капитализам доживеа неуспех, а социјално прогресивното крило на елитата не успеа да смисли алтернатива. Со децении ја оцрнуваа левицата, потиснувајќи протести и игнорирајќи го револтот на малцинствата. Кризата на неолибералниот економски модел од 2008 година донесе криза на идеологијата и идентитетот на западот, која ја опишав како „криза на неолибералната личност“. Истовремено, технолошките и медијски монополи откриле дека можат да заработат милијарди на брановите бес, говор на омраза и дезиформации кои го достигнале врвот за време на пандемијата на Ковид-19.

Необична е нивната аверзија кон секој облик на судир. Гинсбург и Хак ја отфрлаат идејата за новата уставотворна конвенција и наместо тоа предлагаат минимални интервенции на процедурите за избор на сојузни судии, контрола на извршната власт и унапредување на изборните регулативи. Левицки и Зиблат предупредуваат на опасноста од насилни протести. Мунк, од друга страна, ги осудува сите облици на популизам. Би се рекло дека веруваат дека секој судир е премногу ризичен потфат, иако добро знаат дека либералната демократија е изградена низ борба и судири. Во време на акутна криза американскиот либерализам се претвори во лента за штанцање идеи за тоа што се’ би требало да се направи – еден ден кога ќе мине кризата.


Сепак, за едно нешто либералите се во право. Левиот популизам - ако може така да се опише движењето кое го предводи Берни Сандерс – доживеа неуспех. Во обид за одбрана на демократијата пред плимата на авторитарната десница, антикапиталистичката левица во западниот свет влезе во сојуз со збунетите и ослабени либерали и она што преостана од социјал-демократите.

Тоа не треба да не’ изненади. Така беше и последниот пат кога финансискиот пад беше проследен со распад на глобалниот поредок. Како и во 30-тите години на 20-от век, левицата има задача да стане најефикасен бранител на демократијата.

Во САД после 3-ти ноември тоа веројатно ќе подразбира излегување на улица – но така за да се оневозможат провокациите на наоружаната полиција и силеџиите со MAGA (Make America Great Again) капчиња. Протестите исценирани на Флорида во 2000 година за да се спречи новото пребројување на гласовите ќе изгледа како детска игра во споредба со она што сега го подготввуа десницата. Роковите за пребројување на гласовите одредени од судовите, републиканските активисти кои дежураат пред секое избирачко место, тоа се испробани методи за манипулирање со резултатите.

Ако со силни, одлучни и единствени протести на прогресивното мнозинство на американското избирачко тело се успее да се избрка Трамп од Белата куќа, тогаш левицата мора без одлагање да бара итни и радикални измени на Уставот. За да се спречи можноста во САД да се повтори нешто слично на Трамповиот мандат, неопходно е да се урамнотежи односот на силите во Врховниот суд така што ќе се зголеми бројот на неговите членови, ќе се демократизираат институциите на изборните колегиуми и ќе се ревитализираат механизмите на заштита од Законот за избирачките правила кој оневозможува скратување на правата на глас.

Трампизмот како таков нема да исчезне. Радикалната десница ќе поведе четиригодишна кампања против Бајден. Владеењето на правото, жестоко разнишано во Трамповиот мандат, ќе се најде на удат на наоружаните полиции, радикалните десничарски групи и кампањата на омраза на интернет. Полициските станици ќе станат место на политички битки, како во Европа меѓу двете војни.

Американската левица мора да ја прифати оваа битка, наместо битките кои замислувавме да ги води во времето на Движењето за окупација на Вол Стрит или за кампањата на Сандерс. Патот до лево ориентирана админситрација во САД подразбира дека прво мораме да ја одбраниме изразито нерадикалната администрација на Џозеф Бајден помладиот.

Извор: New Statesman (оригинално објавено на 28.02.2020)

ОкоБоли главаВицФото