1005 hPa
94 %
19 °C
Скопје - Вто, 10.09.2024 03:59
Задоволен сум, се разбира, од пресудата на Судот за човекови права. Исто така, се разбира, задоволен сум што оваа пресуда има пошироко општествено значење, не е само моја лична сатисфакција.
Со пресудата добивме уште еден доказ за недемократската природа на режимот на Груевски кој 11 години управуваше со сè во Македонија: од урбанизам и култура до судство и медиуми. Управуваше со својата послушна војска, не сам, и сигурно не е единствениот виновник за ужасните 11 години кои нè уназадија, како општество, на сите рамништа.
Пресудата е важна и за македонските новинари, колумнисти и, воопшто, луѓето што се појавуваат во јавноста, охрабрувајќи ги да бидат принципелни, чесни, храбри и упорни.
Пресудата треба да го замисли и македонското судство кое безрезервно цела деценија беше во функција на еден исклучително деструктивен и опасен режим.
За жал, во многу сфери сериозно не се оддалечивме, во овие три години, од злокобните стратегии и практики на груевизмот. Ова особено се однесува на судството и медиумите. Така што, и од тој аспект, оваа пресуда од Стразбур, дури и после десет години од настаните, можеби може да биде барем мал поттик да почнат да се менуваат лошите состојби кај нас, не само во сферата на човековите права.
Фото: Небојша Гелевски