1021 hPa
87 %
9 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 07:59
Додека законодавството и надзорните агенции се трудат да нѐ уверат дека сѐ подобро ги контролираат светските комерцијални банки, истовремено количината испрани пари во нив се зголемува. Поминаа времињата кога парите од криминалните трансакции се криеја во швајцарските банки зашто тие, како деловни тајни за своите клиенти, ги чуваа парите и скапоценостите со сомнително потекло. Сега тоа буквално може да се прави насекаде, а доказ е истрагата на Меѓународниот конзорциум истражувачки новинари (ИЦИЈ), која докажа дека мерките за безбедност во комерцијалните банки не функционираат. Последниве години големите светски банки испраа големи количини пари, но и покрај повремените драконски казни, сѐ уште го прават тоа. Не пречи што Дојче банк минатата година беше казнета со 15 милиони евра зашто не ги спроведувала правилно процедурите пропишани во најновите директиви и уредби на ЕУ кои се однесуваат на спречување на употребата на финансискиот систем со цел перење пари или финансирање тероризам. „Заработките од крвавите војни против дрогата, проневерените имоти во земјите во развој и украдените тешко стекнати заштеди во рамки на шемата на Понци, можеа да влезат и да излезат од овие финансиски институции и покрај предупредувањата на работниците во банките“, пишува во истрагата која ја спроведоа 108 медиуми од 88 земји.
Формално, најстрого законодавство за надзор постои во САД, а и ЕУ ги заострува своите мерки. Па сепак, токму банките од овие земји се најголемите играчи во валканиот бизнис криминално стекнатите пари да бидат „чисти“. Финансиската полиција од Американското министерство за финансии ФинЦЕН, објавува редовни извештаи, но се покажа дека и тие не се толку ефикасни. Во анализата на дупките во системот најмногу се истакна американскиот портал Базфид Њуз, а документите што ги објавува докажуваат дека во периодот помеѓу 1999 и 2017 година протекле 2 000 милијарди долари, бројка која тешко може да се замисли или да се компарира со буџетите на некои држави.
Петте најголеми банки, Џеј Пи Морган Чејс, ХСБЦ, Стандард Чартерд, Дојче Банк (која работи и во САД) и Банк оф Њујорк Мелон, не ги попречуваше тоа што против нив беа покренати процеси или што некои и се осудени заради финансиски прекршоци. Значи, некои од најголемите банки во светот воедно се и најголеми перачи на пари. Милиони долари, зависно од истражувањата, годишно перат криминалците кои измислија низа начини како своите пари да ги скријат во банките, кои добро замижуваат барем со едно око. Така банките, кои за себеси сакаат да кажат дека се „регулирани“, стануваат автомати или машини за перење пари. Овие криминални постапки се нарекуваат пресликана трговија (mirror trading), структурирање или smurfing, односно разложување големи суми пари на безброј мали сметки, за да се избегнат контроли и аларми. Тука се и компаниите школки, лажни бизниси за да се скрие вистинскиот илегален бизнис. Едно истражување откри 75 такви лажни фирми, само со скандалот наречен Troika Laundromat. Во таквите бизниси учествуваат педесеттина банки. Меѓу нив се Credit Suisse, Deutsche Bank, Citibank, HSBC, Bank of China и Royal Bank of Scotland. Уште еден начин за прикривање на текот на парите е мешањето на илегалните бизниси со легалните. Таквата постапка особено е карактеристична за пазарот со недвижнини. И за крајот на овој преглед за начинот на измама, криминалците и политичарите ги користат банките за да ги исперат парите користејќи ги казината и легалното обложување. Уште во 2014 година една истрага покажа дека 50 банки се вклучени во еден ланец со казина за перење пари во Лас Вегас.
А додека банките перат милијарди, контролите се фокусираат на малите инвеститори и продавачите на виртуелни валути. Значи, прописите се сѐ построги, а банките ги доживуваат државите како главни столбови за одбрана против активностите за перење пари. Но, дали тие можат да бидат тоа? Така разни прирачници ги опишуваат психолошките методи, посуптилни од утврдувањето на идентитетот на клиентот и примената на Законот за спречување перење пари, врз основа на што корисниците се класифицираат според степенот на нивната ризичност. Службениците во банките би требало да внимаваат ако клиентите покажуваат знаци на вознемиреност кога на шалтер предаваат готовина или потпишуваат налози за разни трансакции. Треба да се следи дали се потат, дали избегнуваат да го погледнат службеникот во очи, дали премногу се распрашуваат за лимитите, паричниот тек или премногу добро знаат колкави се лимитите над кои се проверуваат трансакциите, па издаваат налози на неколку помали уплати. Сето ова би звучело смешно ако не беше вистинито. Во последните пет години регулативата на ЕУ ги интензивираше проверките, а вниманието кон перењето пари е поголемо од 2009 година па наваму. Од банките се бара високо ниво на техничка поддршка и обучен кадар. А резултатот? Количината испрани пари постојано се зголемува и само ваквите повремени афери, како што е оваа која ја разоткри ИЦИЈ, повремено ја разбрануваат површината на криминалното море.
Фотографии: MiYoung Sohn
Извор: https://www.portalnovosti.com/